Улогата на спортското новинарство во менталното здравје на спортистите

Датум

Џејмс Блејк се сеќава на својата прва голема прес-конференција во кариерата. Таа беше по третото коло на Отвореното тениско првенство на САД во 2001 година. Блејк, тогаш релативно нов лик на АТП турот, беше предмет на коментар на расна основа на теренот во мечот со Лејтон Хјуит, кој подоцна го освои гренд слемот во Њујорк.

Блејк, кој загуби од Хјуит во пет сета, исто така, доживеа и топлотен удар за што доби две кесички со интравенски течности. Но, веднаш по натпреварот, тој замина пешки од теренот „Луис Армстронг“ до централниот терен „Артур Еш“, во придружба на четири лица, кога му било кажано дека мора да разговара со медиумите.

Исцрпен, тој седна во просторијата со новинари и одговараше на прашања за коментарот на Хјуит.

„Откако завршив, тие се шегуваа дека тоа е судење со оган“, рече Блејк, сега коментатор на ESPN. „Тоа беше навистина чудно, бидејќи моето тело ме изневери тој ден. Имаше толку многу емоции низ мене и тоа не ми беше прв приоритет“.

Односот меѓу спортистите и спортските новинари отсекогаш бил комплициран, на моменти конфронтирачки. Понекогаш, како што вели романсиерот Џејмс Мишенер, тоа е „една од најсреќните врски во американското општество“.

Таквата врска доби ново поглавје на Ролан Гарос во 2021 година, кога втората носителка Наоми Осака објави дека, за да го заштити своето ментално здравје, нема да учествува на задолжителните прес-конференции по натпреварите. По контроверзноста што следуваше (и парична казна од 15.000 долари), таа се повлече од Отвореното првенство на Франција, а подоцна и од Вимблдон.

„Често сум чувствувала дека луѓето не се грижат за менталното здравје на спортистите и ова е мој впечаток што го имам секогаш кога гледам или учествувам во една прес-конференција. Често седиме таму и добиваме прашања што нѝ биле поставувани повеќе пати претходно или поставувале прашања што внесуваат сомнеж во нашите умови и јас едноставно нема да се подложам на луѓето што се сомневаат во мене“, напиша Осака на еден од нејзините лични профили на социјалните мрежи.

Одлуката на Осака дојде во време кога многу спортисти поотворено зборуваа за нивните сопствени борби со менталното здравје. Но, она што ја издвои приказната на Осака е што беше прва спортистка која јавно и експлицитно го поврза менталното здравје со медиумските обврски, што алудира дека второто може да биде штетно за првото.

Дали е тоа?

Во разговорот со спортисти, новинари, истражувачи и професионалци за ментално здравје, општата смисла е дека случајот на Осака е специфична ситуација и не е ендемична за целиот спортски медиумски индустриски комплекс.

„Мислам дека ова беше некој кој плачеше за помош и кој посегнуваше по сите видови на различни правци“, рече Хелен Елиот, долгогодишен спортски новинар и колумнист за „Лос Анџелес тајмс“. Сум бил дел од прес-конференции со неа и тоа никогаш навистина не беше проблем. Таа се ангажираше, беше внимателна, интелигентна, рефлектирачка“, додаде тој.

Ова е претставува сложено прашање на повеќе нивоа. Некои играчи мразат да разговараат со новинарите. Некои тоа го толерираат. Некои го сакаат тоа. Репортерите работат на секакви приказни, од брзите вести за натпреварите до подолгите форми на новинарските жанрови.

Но, приказната за Осака и широко распространетите разговори за менталното здравје на спортистите, нѝ даваат шанса да преиспитаме како професионалниот однос меѓу спортистите и медиумите, како работните рутини на спортските новинари, влијаат врз спортистите и како тој однос може да биде поздрав и подобар за сите кои се вклучени во него.

Перспектива на спортистите

Во своите мемоари „Отворено“ од 2009 година, тениската ѕвезда Андре Агаси ги опишува своите борби со откривањето на сопствениот идентитет на почетокот на неговата кариера додека го интервјуираа новинарите.

„За работите да бидат уште полоши, новинарите го запишуваат точно она што го кажувам, додека јас го кажувам, од збор до збор, како да ја претставува буквалната вистина. Сакам да им кажам: „Држете се, не го запишувајте тоа, овде размислувам само гласно“, напиша Агаси. „Прашувате за темата што најмалку ја разбирам, а тоа сум јас. Да се ​​уредувам, да си контрирам. Но, нема време. Нив им требаат црно-бели одговори, добро и зло, заговори во седумстотини зборови, а потоа продолжуваат на нешто наредно“.

Животот на елитниот спортист е неверојатно стресен. Нивните кариери се, пред сè, зависни од нивните тела и затоа постои стрес да останат здрави. Барањата и очекувањата за изнесување на впечатоци за перформансите и за натпреварите се големи, а разликата во пристапот на спортистите по победа и пораз честопати е незабележливо мала.

Доктор Ендрју Воланин, спортски психолог од Филаделфија, рече дека иако медиумските обврски ретко се еден од главните извори на вознемиреност за спортистите, тие обврски, сепак, се стрес.

„Замислете дека сте фантастични на фудбалскиот терен, го правите она што се очекува од вас и потоа, на крај, треба да одите и да разговарате со 10 луѓе кои ви поставуваат прашања за што и да чувствуваат дека треба да ве прашаат. Спортистите не се обучени да го прават тоа и тоа всушност може да биде значителна причина за поголема анксиозност во нивните перформанси“.

Некои спортисти, како Блејк и поранешниот одбранбен бек во Националната фудбалска лига, Донте Витнер, рекоа дека имале, генерално, добри односи со медиумите за време на нивните кариери. Во подготовкат за справување со новинаерите му помогна неговиот тренер од Охајо, Џим Тресел.

„Тој навистина вложи многу да се увери дека сите момчиња кои ги тренираше, а особено оние кои ќе излезат пред медиумите или имаат шанса да се најдат на драфтот, дека разбираат сè кога станува збор за справувањето со медиумите. Како сакате да одвоите време да се смирите по натпревар или ако има голема ситуација или голем пораз, момент што никогаш нема да го вратите, па навистина сакате да се смирите себеси“, рече Витнер, кој играше за четири тима во НФЛ.

Практично во сите големи спортови има договори со репортерски групации, кои се основа за повеќето интеракции меѓу медиумите и спортистите, за да се обезбеди задолжителен период од најмалку 10 минути за разладување по натпреварите пред новинарите да можат да ги интервјуираат играчите. Но, и така, интервјуирањето е стресно. Воланин истакна дека прес-конференцијата е еден вид на јавно говорење, што е еден од најраспространетите стравови кај луѓето.

Исто така, голема мантра за спортистите е да го контролираат она што можат да го контролираат. Да се ​​биде интервјуиран е спротивно од тоа.

„Некако те ставаат на лице место секогаш кога треба да разговараш со некого, а не знаеш во кој правец ќе оди тоа“, рече Воланин.

Дури и играчите кои негуваат добри односи со новинарите влегуват во конфликти од време на време. Постои став дека „никогаш не си бил дел од играта“ што новинарите го мразат, но е реален меѓу спортистите. Витнер рече дека се судрил со медиумите во Бафало, делумно затоа што бил обвинет за дефанзивен пристап во натпревар кој бил резултат на стилот на игра на тимот.

Во најголем дел, играчите немаат проблем со критичките осврти на нивните перформанси. Но, кога новинарите почнуваат да ги спомнуваат нивните лични животи или прашања надвор од натпреварот, тоа е границата што не сакаат да се премине. Блејк рече дека единствениот пат кога имал проблем со соочување со спортските медиуми било кога тие известувале за болеста на неговиот татко.

„Сè што правам на теренот е фер и давам максимум. Ако сакате да напишете дека мојот форхенд смрди, дека мојот бекхенд смрди, дека требаше да го сменам ова или она, сето тоа е 100 проценти фер. Мислам дека многу луѓе како да се обидуваат да ве привлечат – или се против вас или за вас. Разбирам дека тие во најголем дел само ја вршат својата работа“, рече Блејк.

Новинарска перспектива

Централен дел од работата на новинарите е да разговараат со извори. Пишувањето преку разговор со луѓето кои се вклучени во тековните настани е суштина на професијата уште од почетокот на 20 век.

Верувањето во важноста на пристапот стана поизразено меѓу новинарите во изминатите две децении, бидејќи дигиталните и социјалните медиуми не само што ги оптоварија деловните модели на спортското новинарство, туку им дадоа и на навивачите и на играчите свои платформи. Еден начин на кој новинарите можат да ја разликуваат својата работа е преку нивната способност да интервјуираат играчи и тренери.

Разликата во начинот и локацијата каде се правт тие интервјуа зависи од тимот, од лигата, од спортот. Идеална ситуација за повеќето новинари е отворена соблекувална во која сите играчи кои ќе одлучат да останат во неа за разговор со новинарите.

Клубовите преферираат прес-конференции и на тој начин си овозможуваат контрола кои играчи ќе зборуваат со новинарите, кој поставува прашања и колку прашања се поставуваат. Протоколите за ковид-19 им дозволија на тимовите да постават повеќе ограничувања за пристапот на новинарите до тимовите, а многу ограничувања сè уште се во сила.

Група истражувачи од САД, Велика Британија, Франција и Австралија спроведуваат студија за метановинаристичкиот дискурс, односно кога новинарите пишуваат околу приказната за Осака. Првите резултати кои беа претставени на Самитот на Меѓународната асоцијација за комуникација и спорт во март, сугерираат дека англиските и француските новинари го врамија своето покривање на случајот Осака делумно преку прес-конференции, како неопходен дел од известувањето.

„На луѓето не мора да им се допаѓа (прес-конференцијата), но во исто време мислам дека постои неизвесност „Како ќе ја замениме?. Ова е дилема, нешто што не е совршено, но донекаде функционира“, рече истражувачот од Универзитетот во Флорида, доктор Роксан Коче, еден од авторите во студијата.

Што следува?

Најлесен одговор би бил да се ослободиме од прес-конференциите. На крајот на краиштата, ако на новинарите не им се допаѓаат и на играчите не им требаат, тогаш која е поентата? – Особено кога тие создаваат неизбежен впечаток на моќ на група мажи кои, на пример, испрашуваат млади жени или помлади црни спортисти кои пораснале во услови на насилството и н сиромаштијата.

„Ние не сме добрите момци овде“, напиша Џонатан Лив во „Гардијан“ во 2021 година. „Ние повеќе не сме моќта. И еден од најдобрите светски спортисти буквално повеќе би сакал да се откаже од гренд слем турнир отколку да разговара со печатот. Наместо внимателно да се испита што тоа кажува за нив, можеби вреди да се запрашаме што вели тоа и за нас“.

Но, новинарите и поранешните спортисти кои се интервјуирани за овој текст не сметаа дека откажувањето на прес-конференциите е реално. Блејк рече дека е загрижен поради тоа што некои играчи кои со непријатност гледаат на прес-конференциите, ќе почнат да го користат менталното здравје како изговор за напуштање на тие обврски.

Постои и проблем со обемот. Помислете на неделата за медиумите во Супербол. Замислете свет каде што, наместо една голема прес-конференција, спортистите како Том Брејди или Метју Стафорд треба да направат стотици индивидуални интервјуа. Тоа само може да биде постресно, а никако помалку стресно за нив.

Дополнително, милионите и милијардите долари во спортскиот свет постојат барем делумно и поради медиумското покривање. Многу спортисти можат да ги раскажат своите приказни и перспективи како резултат на интеракциите со новинарите.

Извор: globalsportmatters.com

Фото:Pixabay

Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.

Останати
објави

Сподели на...