Фудбал, пиво, кикиритки, пцости и по некој удар в лице

Датум

Пишува: Катерина Топалова

„Италија и Шпанија, четврти пат еден против друг на европските фудбалски првенства. Овојпат влогот беше пласман во финалето на „Вембли“ на крајот на годинашниот шеснаесетти Европски фудбалски собир на најдобрите!“

Драган Николовски, спортски коментатор и уредник во спортската програма на Јавниот сервис, е на своето работно место. Има фаворит и на ова фудбалско првенство, но тоа се заборава кога е во студиото. Нема пиво и кикиритки со фудбалот за него, мора да биде професионален и објективен до крајот на натпреварот. Но, неговите зборови допираат до многумина, и до оние чиј тим губи, и до другите чиј тим победува, а не се ретки и реакциите што ги добива во сандаче.

 

„Социјалните мрежи во последниве десетина години направија една таква ситуација, така што секој, па и обичниот телевизиски гледач се чувствува повикан да се произнесе по секое можно прашање, а тоа особено доаѓа до израз кога на тапет смета дека треба да ги постави спортските телевизиски коментатори“, вели Николовски.

На бранови се случуваат таквите ситуации, обично кога има големи спортски натпреварувања.

„Одат од крајност во крајност, од поддржувачки, па дури и во случај некому нешто да не му се допаѓа, до најгруби зборови кажани најверојатно поради пропаднато ливче (спортска прогноза н.з.) поради пораз на омилениот тим или репрезентација. Нема најдиректни закани со физички последици, меѓутоа тоа знае да создаде немир“, вели Николовски.

Јавната професија е специфична, бидејќи постојано сте на тапет. Во сандачето на социјалните мрежи на Николовски стигнувале и навреди и обвинувања. Посочи само на еден пример кога пред неколку години, за време на коментирањето на натпреварот на Русија против Хрватска, од два различни профила добил пораки со пцости и навреди дека со работата навива за едниот, односно за другиот тим. Порано се нервирал и лично ги сфаќал навредите, а во последно време, вели Николовски, се обидува да ги игнорира и да ја разбере импулсивноста на гледачот, кој во тој момент е занесен од ситуацијата дека неговиот тим губи.

Но, неговиот колега Тони Стојановски се сеќава дека имало моменти и кога морал да се брани од физички напади.

„Во Кукуш работев ракомет Грција – Македонија за Радио Скопје во 2001 година. Салата во Кукуш е мала, има една трибина, без класично коментаторско место. Коментаторското место беше во првиот ред и околу мене седеа луѓе. Македонија на почетокот на натпреварот играше многу добро. И јас си работев најрегуларно – Македонија напаѓа, шут, гол за Македонија… и повозрасен човек што седеше до мене, одеднаш стана од своето место, ме удри в лице странично и ми ја распадна коментаторската комбинација, слушалки и микрофон. Паднаа и моите очила“, раскажува Стојановски.

Разбрал дека напаѓачот се вознемирил поради зборовите Македонија, Македонија… Во прв момент бил збунет и престанал да зборува, но потоа се прибрал и им соопштил на слушателите дека бил удрен од страна на посетител на натпреварот.

„Дојде полицаец, го забележа инцидентот и седна до мене. На полувреме истиот човек што ме удри ми донесе кафе и вода, веројатно во знак на извинување. Вакви ситуации имало повеќе, се сеќавам на сличен напад на пример во Ѓорче Петров на фудбал“, завршува Стојановски.

 

Стојановски никогаш не пријавил напад и навреда до надлежните институции. Од Самостојниот синдикат на новинари велат дека непријавувањето е честа пракса во овие редакции.

„За жал, спортските новинари не ги пријавуваат тие случувања. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поддржува и ги охрабрува доколку има каков било напад врз нив, без разлика дали е тоа физички напад или е напад преку социјалните мрежи, тоа да го пријават до синдикатот, а синдикатот ќе реагира соодветно со механизмите што му стојат на располагање“, вели Сашко Димовски од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Онлајн-малтретирањето мора да биде пријавено кај органите за прогон, а тие да постапуваат согласно законите, смета тој.

Од соопштение за поддршка и известување, па до различни обуки за препознавање, одбрана и реагирање на напади врз новинари нуди синдикатот за сите медиумски работници, зашто, како што вели Димовски, новинарството мора да биде почитувана професија.

Спортскиот новинар Бранко Казаковски од Телма телевизија вели дека ваквата пракса на непријавување најмногу се должи на зачестеноста, особено на онлајн-нападите врз нив.

„Не сум имал многу навреди, но сум читал статуси за мене и сум добивал пораки во сандаче. Некои биле навистина запрепастувачки, со пцости. Можете да си помислите сѐ и сешто, но јас тоа им го припишувам на домашната и на општата култура. Лесно е да навредите некого на социјалните мрежи, но станува збор за подлабок социолошки проблем. Ние како спортски новинари не можеме да се криеме од тоа. Мислам дека голем дел од колегите веќе се имуни на тој онлајн-булинг“, вели Казаковски.

Провоцирањето и навредите на интернет врз новинарите е глобална закана. Во време кога користењето на Твитер, Фејсбук и други платформи на социјалните медиуми е услов за вработување на медиумски работници, ваквото малтретирање стана сериозна професионална опасност. Различни се односите меѓу гледалиштето и коментаторите не само кај нас, туку и на светско ниво.

Од регионалната платформа за безбедност на новинарите на Западен Балкан велат дека не смее да се игнорира ниту да се потценува каков било напад.

„Моментално следиме трендови, почнувајќи од Хрватска, па сè до Македонија, за да процениме кои се мотивите на заканите и нападите, да ги категоризираме по групи и да измериме низ бројка како индекс на безбедност кој е трендот на нивото на секоја земја одделно на Западен Балкан, меѓутоа и генерално како регион“, вели Драган Секуловски од Здружението на новинарите на Македонија.

Улогата на оваа платформа е да ги детектира сите закани и напади на новинарите што се случуваат на територијата на Западен Балкан, истите да ги регистрира, меѓутоа и да понуди механизми како да се превенираат во иднина.

Според достапните онлајн-податоци на оваа платформа, на Западен Балкан се пријавени повеќе од 800 случаи на напади врз новинари и медиумски работници. Најмногу, 318 на број има во Белград, по него е Сараево со 188 регистрирани напади, па следи Приштина со 137, Скопје го држи четвртото место со 71 напад, Загреб има 70, Подгорица 55 и најмалку во Тирана – 17.

Објавените податоци покажуваат дека и во регионот расте појавата на сајбер-малтретирање на новинари. Пример, во Подгорица речиси секој втор пријавен случај се однесува на закани по животот на новинари и уредници на социјалните мрежи. Од лични навреди и понижувања, па сѐ до пораки со закана за ликвидација се објавени на интернет-страницата на регионалната платформа за безбедност на новинари.

Според регистарот на напади кон новинари на Здружението на новинарите на Македонија, во 2020 година се нотирани вкупно 14 посериозни закани по безбедноста на новинарите и медиумските работници, од кои повеќе од половина се кон новинарки. Претходната година биле само четири, што значи дека за една година се забележани трипати повеќе напади и закани. Според ЗНМ, тоа претставува вистинска закана за учеството, особено на жените во новинарството и јавната комуникација во дигиталната ера.

Стејт департментот, во извештајот за 2020 година за почитување на човековите права, исто така потенцира дека бројот на физички напади врз новинари е намален, но, сепак, постои растечка пракса на таканаречено онлајн, компјутерско малтретирање и вербална злоупотреба.

Дека во оваа сфера земјата мора да работи посветено зборува и последниот извештај за медиумската слобода на Репортери без граници. Во него се вели дека заканите од владини претставници, онлајн-малтретирањето и вербалните напади кон новинарите на социјалните мрежи се зголемени. Според нив, ваквата пракса само „ја засили закотвената култура на неказнивост“.

По долго укажување и разговори на новинарските организации со владата, министерот за правда, Бојан Маричиќ, истакна дека во иднина нападот врз новинари ќе се третира исто како напад врз службено лице, a обвинителството ќе постапува по службена должност при вакви случаи.

Дополнително, се воведуваат строги казни и за закана и за напад врз новинари.

По барање на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и на Здружението на новинарите на Македонија, усвоени се повеќе измени и дополнувања на Кривичниот законик, со нив се предвидуваат конкретни новини со кои во нашата држава значително се зголемува безбедноста на новинарите, но и медиумските работници, односно снимателите и фоторепортерите. Се очекува собранието да ги усвои во септември.

Во светски рамки, поради глобалната состојба во оваа сфера, во 2013 година, Генералното собрание на Обединетите нации го прогласи втори ноември за „Меѓународен ден за ставање крај на неказнивоста за злосторства против новинарите“.

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis) финансиран од програмата на УНЕСКО – „Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинарите на Македонија и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници.

Авторот е одговорен за изборот и презентирањето на фактите содржани во оваа видеосторија и за изразените мислења, кои не се нужно оние на УНЕСКО и не ја обврзуваат Организацијата.

Употребените назнаки и презентацијата на материјалот во оваа видеосторија не подразбираат изразување на какво било мислење од страна на УНЕСКО во врска со правниот статус на која било земја, територија, град или област или тамошните власти, или во врска со разграничувањето граници.

 

Останати
објави

Сподели на...