Пишува: Сашко Димовски
Цензурата како општествен и, пред сè, медиумски феномен е нераскинливо поврзана со притисоци, закани, уцени. Нераскинливо е поврзана, исто така, со политички, економски или центри на моќ во други сфери, како инструмент за прибавување на корист за поединец или група на луѓе. Во општеството се препознава кога за определена тема од јавен интерес за граѓаните, јавното мнение е под притисок да не разговара и дебатира за конкретна тема. Во новинарството е присутна кога при определени новинарски активности (од подготовка, прибирање информаци, разговори со извори и истражување на тема или приказна) доаѓа притисок и има обиди, конкретната новинарска содржина да не се објавува или да не се истражува.
„Цензурата е најголем противник и негатор на демократските вредности поврзани со слободата на говорот и мислењето и, пред сè, врвен непријател на новинарска професија. Не случајно, цензурата ја има во сите Устави, па и во македонскиот како појава која е забранета во демократско општество“, посочува искусниот долгогодишен новинар и истражувач, Миомир Серафиновиќ.
Амбиент со забрана на објавување на информации
Во Македонија до пред неколку години, се навраќа Серафиновиќ, се живееше во таков амбиент, во кој владеачката структура се обидуваше да предизвика состојба на цензура со забрана на објавување на информации кои се негативни за естаблишментот и спротивни на нивните потреби.
„Обидите беа долги и ефикасни и имаа успех во повеќе медиуми, пред сè, во најголемите телевизии и весници. Но, цензурата, сепак, не можеше да се одржи поради падот на тогашната власт која се обидуваше да направи бришан простор за своите активности (често и незаконски, па дури и криминални) со користење на методи кои силно влијаеја врз демократскиот капацитет на општеството. Сите тие активности на владеачкиот апарат преку цензурирањето, односно најмногу преку контролата на информирањето, предизвикаа и силно влијание врз капацитетот на новинарството во Македонија“, нагласува Серафиновиќ.
По тој период, додава Серафиновиќ, имаше можност за научно истражување на тој општествено-политички феномен, по падот на конкретната власт, меѓутоа, за жал се остана само на можноста.
„И сега ние немаме ништо. Немаме научена дефиниција за проблемот, освен спомени и лични размислувања, несортирани во научни резултати потребни да се избегнат истите грешки во иднина“, вели Серафиновиќ, кој во кариерата има работено на многу стории преку магазинот „Код“ во кои се третираа теми од висок криминал и корупција во општеството за што, како дел од екипата, е добитник и на многубројни награди и признанија.
Политичка и економска цензура
Интересите, според него, се причина за појавата, негувањето и опстојувањето на цензурата. Некогаш, објаснува тој, се лични, некогаш се медиумско-компаниски, некогаш се политички и врз количината на моќ која може да влијае врз насочување или прекинување на информативниот канал кон публиката и граѓаните.
„Покрај примерот со политичката цензура, постојат и обиди за економска цензура. Таа е повеќе присутна по завршувањето на претходниот период, кога определена компанија или можен и богат поединец се обидуваат да застанат со нога врз главата на информацијата. Целта е да не се дознаат некои работи. На пример, определен избор на тема релевантна за интересот на публиката и на јавниот интерес се сопира или не се дозволува подготовка со образложение дека тоа не е најважно за граѓаните во моментот. Секако тука и присутен и „гејт-кипер“ методот, кога уредник, менаџер или сопственик се обидуваат да влијаат врз конкретен новинарски труд или, пак, врз уредувачката политика за определно прашање“, потенцира Серафиновиќ.
Разочарувачки е кога цензурата доаѓа од политичари на власт
Недостатокот на брза реакција во определени гранични случаи или експлицитни случаи на насилство, закани, недостојно однесување, навредување и омаловажување на новинари и медиумски работници, покажува неказнивост и прифаќање на таков однос како нормален па дури и посакуван, нагласува Серафиновиќ.
„Тука е и интернетот. Особено разочарувачки кога таквиот однос доаѓа од политичари кои се на власт и од кои се очекува подобрување на состојбата со политички активности, но и со личен пример. Ако ја паметите прес-конференцијата на премиерот Ковачевски кога „откри“ дека парното работи на топла вода, а тројца министри зад него се смееја како на оние сексистички несмешни скечови на Бени Хил од пред пола век. Хуморот на премиерот беше лош, но количеството на омаловажување и потценувачки однос течеше од неговата изјава. Упатено кон жените и мажите кои го информирале него како граѓанин пред да стане премиер и политичар, и ги информирале сите граѓани. И по таков пример од врвот, што останува од „боранијата“ под него и министрите кои животот и кариерата ги тераат не преку резултати и постигнувања, туку преку „климоглавство“ на шефот. Таквиот однос кон новинарите не може да роди подобрување, туку носи влошување на односот кон известувачите“, вели Серафиновиќ.
Следни чекори во таа низа, посочува тој, се интернет закани, навреди, „плукања“ по контакт емисии, ситни закани кон новинарите на јавни настани, сериозни закани, вознемирување на семејството и на крај доаѓа најтешкото – физичкиот напад.
„И кога ќе се врати филмот, излегува дека се почнало со глупавата шега со топла вода или нешто слично“, заклучува Серафиновиќ.
Искоренувањето на трендот на закани и физички напади, според него, се ефикасни институции. Неколку притвори за виртуелни закани и клетви, како и за физички напади, вели тој, ќе донесат брзи резултати. На долг рок е потребна и едукација на луѓето дека објавувањето на информации и податоци за злоупотреби е основа и срж на демократијата, а не непријателство.
Истражување на ПИНА – над 81 отсто од 103 новинарки се соочиле со онлајн вознемирување
Над 81 отсто од 103 анкетирани новинарки во истражувањето на ПИНА, Платформа за истражувачко новинарство и анализи, изјавиле дека се соочиле со онлајн вознемирување. Тоа директно или индиректно влијаело врз извршувањето на професионалните обврски.
„Истражувањето на ПИНА беше фокусирано на онлајн вознемирувањето со кое се соочуваат новинарките во нашата земја. Анкетиравме 103 новинарки и над 81% од нив кажале дека се соочиле со некаква форма на онлајн вознемирување поради нивната работа. Кај некои било говор на омраза, шовинизам, сексизам, навреди и клевети, организирани хајки, додека кај некои се работело за директно закани за физичко насилство и закани по животот. Самото истражување е доказ дека новинарите често се соочуваат со закани и притисоци поради нивната работа. Она што е специфично во нашиот фокус на публикацијата е дека новинарките се соочуваат со онлајн вознемирување и како новинарки, но и како жени“, вели истражувачката новинарка и претседателка на ПИНА, Кристина Озимец.
Мотивот за вознемирување, според новинарките, најчесто бил поради објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ (56,6%), во 43,4% од случаите поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, во 36,1% поради објавени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички насочени кон некоја партија.
Според податоците од истражување на Меѓународната федерација на новинари цитирано во публикацијата на ПИНА, 64% од новинарките се соочиле со онлајн насилство, од кои речиси половина (47%) не го пријавиле случајот. Резултатите од прашалникот на ПИНА покажуваат дека кај нас оваа бројка е уште повисока – дури 81,6% од новинарките во земјава се соочиле со онлајн вознемирување поради својата работа, а речиси половина (43,7%) вознемирувањето не го пријавиле никаде, додека најголем дел од останатите (32%) го пријавиле во својата редакција.
„Нашето истражување покажува дека довербата дека институциите ќе преземат нешто кога се работи за онлајн насилството или вознњмирувањето кај новинарките е ниска. Мал е бројот на новинарки кои ги пријавуваат онлајн нападите во институциите а исто така не е голема бројката ниту на оние кои ги пријавуваат овие настани и кај организациите. Едноставно малку новинарки веруваат дека нешто ќе се преземе и ќе биде казнет вознемирувачот па дури речиси сите новинарки веруваат дека вознемирувањето ќе се повтори. Ова укажува на итната потреба од барање од институциите да заземат посериозен однос кон овој негативен тренд кон новинарите“, додава Озимец.
Над 29.7% од новинарките кажале дека биле споделени нивни фотографии во одредени групи на социјалните мрежи, со цел нивна дискредитација. Со онлајн демнење се соочиле 22% од новинарките, додека оркестрирани кампањи биле организирани против 18.7%.
Терминот цензура датира од 17-от век, феноменот е постар од печатеното новинарство
Цензурата, како механизам, и автоцензурата и сензурата, како нејзини последици, се трендови кои се често присутни во медиумите. Терминот цензура потекнува од латинскиот јазик, од глаголот censere што значи да се процени или оцени. Почетоците на негова употреба се забележани уште во 17 век и се однесувале на институционално право на цензорот, пропишано од самата држава, да контролира, да забранува или да дозволува објавување на пишан новинарски збор.
Меѓутоа цензурата е многу постара од печатеното новинарство и обично се врзува за периодот на ракописната култура. Протагора, на пример, бил прогонет во Атина, а неговите книги запалени, за изјавата дека „не знае дали навистина има богови или ги нема“. Кинескиот цар Ши Хуанг Ти, пак, се пресмета со идеите на политичкат филозофија на Конфучие, ги запали сите негови книги, а 400 следбеници кои го пропагираа неговото учење ги закопа живи.
Теоретичарите и практичарите на модерното новинарство отсекогаш имале спротивставени ставови за корисноста и штетноста од цензурата. Аргументи на оние нејзините бранители биле – заштита на правата и слободите на други луѓе, спречување на загрозување на јавниот интерес, зачувување на безбедноста на државата и јавниот ред и мир, блокирање на непристојни и порнографски содржини и забрана за емитување на говор преку кој се шири омраза и дискриминација.
Критичарите тврдат дека цензурата е механизам што го користат центрите на моќ како начин до широките маси да стигнат само оние информации кои им одговараат, што се коси со сите етички и морални стандарди. Со цензурирање, според нив, се создава неинформирано или полуинформирано општество кое не може способно и активно да учествува во општествениот живот.
Поради одомаќинување на терминот цензура во негативен контекст, сè почесто се прибегнува кон терминот модерација, метод кој го употребуваат технолошките компании за управување со содржина – постови, фотографии, видеа, итн., кој е општо прифатен. „Линијата на разграничување меѓу модерирање и цензура е сè повеќе заматена“, вели Џилијан Ц. Јорк, директорка на одделот за слобода на говор при Фондацијата „Електроник Фронтиер“ (Electronic Frontier Foundation).
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.