Од Полска на север до Србија на југ, Источна Европа стана плодна почва за нови форми на цензура кои генерално не вклучуваат брутална сила, туку помеки, но ефективни средства за обликување на јавното мислење во корист на владеачките структури, пишува „Њујорк тајмс“.
Како што наведува американскиот весник, покрај новите, помалку репресивни тактики, земјите како Србија, Полска и Унгарија користат исклучително ефикасни средства за манипулација со јавното мислење и за стеснување на пристапот на критичките гласови.
Весникот ја поткрепува својата теза со примери: Кога пандемијата на коронавирусот пристигна во Источна Европа во пролетта во 2020 година, српската новинарка Ана Лалиќ укажа на големиот недостиг на маски и друга заштитна опрема. Набрзо била уапсена, ставена во ќелија без прозорци и обвинета за ширење паника.
Таа набрзо беше ослободена и доби јавно извинување од владата, што „изгледаше како мала победа против репресијата од стар стил“, од авторитарниот претседател на Србија, Александар Вучиќ.
Меѓутоа, Ана Лалиќ потоа со недели беше третирана како предавник од мнозинството на информативни медиуми во Србија, кои се повеќе се под контрола на Вучиќ и неговите сојузници, додека Србија ја усвојува тактиката што се користи во Унгарија и другите земји кои се одликуваат со пад на демократијата, низ целиот поранешен комунистички блок.
„Србија не убива новинари, но…“
Србија „повеќе не затвора и убива критички настроени новинари, како што се случуваше во времето на владеење на Слободан Милошевиќ во 1990-тите“. Власта „сега се обидува да го уништи нивниот кредибилитет и да обезбеди мал број на луѓе да ги видат нивните приказни“, пишува „Њујорк тајмс“, а пренесува агенцијата Бета.
Во текстот се наведува дека замолчувањето на критичките гласови во голема мера му помогнало на Вучиќ, но и на најпознатиот спортист во земјата, тениската ѕвезда Новак Ѓоковиќ, чии проблеми со визата во Австралија биле „прикажани како неподнослива навреда за српската нација“.
Неодамнешно истражување на независната мониторинг група БИРОДИ за информативните програми на српската телевизија покажа дека на Вучиќ во тримесечниот период од септември му биле дадени повеќе од 44 часа простор, од кои 87 отсто биле позитивни, додека водечката опозициска партија имала три часа од кои 83 отсто биле негативни, наведува американскиот весник.
Истиот весник додава дека луѓе лојални на власта се наоѓаат на чело на пет водечки телевизиски канали во Србија, вклучително и јавниот сервис РТС.
„Њујорк тајмс“ наведува дека просторот за критичките медиуми се намалува низ целиот регион. Весникот се повикува на извештај на шведскиот институт V-Dem, кој ги вброи Србија, Полска и Унгарија меѓу „првите десет земји што се автократизираат“, а во контекст на своите тврдења ги наведе „нападите врз судството и ограничувањата врз медиумите и граѓанското општество“. „Фридом хаус“, исто така, сега ја класифицира Србија како делумно слободна земја.
Безбедносните сили, кои за време на комунизмот беа главно средство за гушење на критичките гласови, во таа улога ги заменија компании кои се контролирани од државата или се зависни од неа. Тие вршат притисок врз медиумите на кој често е тешко да се одолее, пишува американскиот весник.
Извор: balkans.aljazeera.net
Фото: Unplash
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.