Како новинарите да се спротивстават на омразата кон нив?

Датум

Убиството на петмина вработени во весник во Анаполис, Мериленд од страна на читател кој долги години собирал гнев поради сторија за кривичната пресуда против него поради малтретирање на жена беше ужасен, екстремен пример на суровата реалност со која уредниците секојдневно се соочуваат: некои луѓе стануваат навистина бесни поради вестите и потребен е постојан труд да се деактивира тој бес и да се образува јавноста за виталната улога на печатот во едно слободно општество, анализира Индира Лакшаманан за Институтот Поинтер.

Во ера на племенски политики и дискурс полн со омраза, во ситуација во која претседателот безмилосно го оцрнува печатот како „непријател на народот“, и со анкети кои покажуваат дека само еден од пет Републиканци им веруваат на информативните медиуми, сега интернет троловите и ботовите шират таква горчина како што повеќето од нас не паметат.

По ужасниот напад во „Капитал Газет“, сега поважно е  од кога било да ја искористиме секоја можност – во нашите стории, во нашите „за нас“ јазичиња на домашните интернет страници и во средбите со јавноста – да ја објасниме нашата мисија: Кои сме, што правиме, зошто е тоа важно?

„Дел од мојата работа како уредник е пристојно да им одговарам на луѓе кои се толку бесни поради она што го читаат во весник што се прашувам како воопшто функционираат,“ Мајк Вилсон, уредникот на „Далас Морнинг Њуз“, напиша на Твитер по пукањето, забелешка која ја повторија многу уредници од редакции од целата земја.

„Новинарството отсекогаш било опасна работа – влегуваме во конфликти и имаме допир со луѓе чиј влог е голем и кои се емотивно инволвирани“, ми кажа Вилсон. Во повеќето случаи, критичарите се празнат од лутината, но не повредуваат никого.

„Големо мнозинство од нашите читатели, дури и оние кои се лути, комуницираат на тензичен, но разумен начин, и на крај имаме добар разговор“, вели Вилсон.

Но, новите технологии и променливите стандарди на јавниот дискурс го сменија начинот на кој луѓето го искажуваат својот бес кон новинарството и новинарите. Пред дваесет и пет години, лутите читатели мораа да седнат и да напишат писмо, и да го испратат до уредникот. Денес, социјалните медиуми, електронската пошта и другите дигитални алатки нудат „лесен начин да се искажат најлошите мисли во лош момент. Повеќе не постои бариера да се каже најодвратното нешто што некому ќе падне на ум,“ вели Вилсон.

Робин Томлин, извршен уредник на „Њуз и Обзервер“ во Роли и Хералд-Сан во Дурам, Северна Каролина, рече: „Секој новинар секаде инстинктивно реагираше на она што се случи [во Анаполис] бидејќи сите знаеме за тој некој кој е лут и ирационален и во некои случаи се појавува. “ Таа добивала закани за непријатни стории, ѝ ги бушеле гумите и ѝ го гребеле автомобилот со клучеви.

„Отсекогаш постоеле луѓе кои ги мразеле новинарите – ние раскажуваме стории кои луѓето не сакаат да ги раскажат, се појавуваме во моменти од нивните животи кои се хаотични и тешки, и луѓето се вознемируаат. Но, нешто се има сменето, во основата“, вели Томлин, „дали политиката или поделбата во нашата политика“.

Неспорно е дека некои следбеници, водени од претседателот и помогнати од влијателните гласови на Фокс Њуз и екстремните веб-сајтови, ги напаѓаат новинарите во обид да го дискредитираат известувањето кое ги става под знак прашање нивните политички агенди и ги открива нивните злоупотреби.

Нема докази дека вербалните напади на Претседателот Трамп врз печатот го испирирале Џерод Рамос да упадне во „Капитал Газет“ и да убие петмина вработени, години откако судијата го отфрли неговиот случај за клевета поради тоа што статијата напишана за него била фактичка. Но, има нешто застрашувачки заедничко помеѓу лутината на претседателот и на убиецот поради непријатното известување на медиумите за истрагата на специјалниот советник или обвинението за малтретирање, дури и кога сториите се точни – и тие не се сами. Преголем број Американци не прифаќаат дека работата на новинарството е да ја кажува вистината дури и кога таа е непријатна, и дека без слободен печат, не може да има здрава демократија.

Нарекување на новинарите „најнечесни луѓе“ и поттикнување на поддржувачите да ги напаѓаат беше познат дел од сценариото на Доналд Трамп како кандидат. Тој ги потпалуваше толпите кои станаа закана по новинарите, понекогаш дури и физички насилни. На неговите митинзи се носеа маици кои поттикнуваа насилство врз новинарите. Па така, не изненадува што новинарите се свртеа кон социјалните медиуми, по пукањето во Анаполис во очај поради тоа што анти-медиумската реторика ја труе земјата против нас.

Питер Стерн, уредник во У.С. Прес Фридом Тракер, заедничка иницијатива на дваесетина групи за слобода на печатот, рече дека најголемиот дел од насилството врз новинарите во оваа земја е извршено од демонстранти или од полицијата за време на протести, иако многу од последните навреди беа поттикнати од стории кои на напаѓачите не им се допаѓале. Она што е вознемирвачко во врска со нападот во Анаполис е тоа што иако судијата пресудил дека весникот нема вина поради тоа што сторијата била точна, Рамос убил луѓе „поради тоа што пишувале на начин кој не му се допаѓал“, вели Стерн.

Ако ги ставиме настрана екстремните случаи на вооружени или психички нестабилни напаѓачи, дали можат новинарите да се спротивстават на отровната реторика и да ја вратат почитта на оние кои не ја разбираат нашата работа?

Се почнува со објаснување на нашите вредности и тоа што го правиме. За луѓе кои раскажуваат стории, не секогаш добро ја раскажуваме нашата.

„Нашата улога како јавни службеници не им е јасна на нашите заедници. Нашата мотивација и мисија се погрешно разбрани. Нашата етика не е транспарентна“, рече во интервју Џои Мејер, основач на „Трастинг Њуз“ проект кој ги изучува стратегиите на редакциите за запознавање на јавноста со нашата работа.

„Во оваа индустрија, треба подобро да ја објаснуваме нашата работа, да го демонстрираме нашиот кредибилитет и активно да ја заслужиме довербата“, напиша Мејер по Анаполис.

„Локалните редакции треба постојано и доследно да зборуваат за тоа што ја мотивира нашата работа, опсегот на информации и стории кои ги нудиме, што нè прави различни од другите, кои сме, како делуваме и како луѓето може да допрат до нас. Таа приказна треба да стане дел од ритамот на нашето работење“, додава Мејер.

Таа е во право. Локалните новинари како оние во „Капитал Газет“ пишуваат за состаноци на училишиот одбор, даночни прашања, дебати на градскиот совет, јавното здравство и безбедност, спорт – секојдневни прашања кои им се важни на сите, независно од политиката. Граѓанските лидери, едукаторите, службениците и други треба да ги потсетуваат луѓето дека новинарите се членови на нашите заедници, не „непријатели на луѓето“, како што направи Мајк Вилсон во една статија во „Далас морнинг њуз“.

Новинарите откриваат што функционира, а што не, им дозволуваат на граѓаните да го кажат своето мислење, и бараат одговорност од владата. Една студија на „Нотрдам“ која опфаќа период од 10 години откри дека во американските заедници каде локалните весници се затвориле поради упадот на технологијата и намалените приходи, трошоците на локалната власт – и цената која треба да ја платат даночните обврзници – се зголемиле. Постои права линија помеѓу нашата способност да бараме одговорност од оние на власт и чисто и ефективно владеење.

Една новинарка во „Хартфорд Курант“ под име Ниса Крусе  заврши одлична работа на Твитер по Анаполис, објаснувајќи што прават локалните новинари – често за ниски плати, долги часови и лоша безбедност на работното место. Таа цитираше стории кои таа и нејзините колеги ги покривале во изминатите недели: дипломирања и отворања на ресторани, прекумерно трошење на јавни пари, состаноци за урбанистичко зонирање и едно убиство. „Побудите не се само алтруистични поради тоа што припаѓаме на заедниците за кои известуваме. Ние стоиме зад вас во редот во продавница, покрај вас во црква, пред вас на стадион. Ние сме нормални луѓе, и нам вестите ни се важни исто колку и вам“, напиша Крусе.

 

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот  на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија

 

Останати
објави

Сподели на...