Ги знаеме нашите права и немаме страв

Датум

draganМакедонските новинари (со исклучок на оние на високи уреднички позиции во националните медиуми), вработените и оние долгогодишни редовни соработници, кои имаат статус на хонорарци се соочуваат со сериозни финансиски проблеми и недостоинствен третман во медиумите. За остварување на работнички права не станува збор, експлоатацијата на поголем број работодавци не е ни малку различна од онаа во конфекциите, во малските дуќани, каде нема одмор за викенд, каде не се плаќа ниту еден работен час за ноќен ангажман, надоместок за целата опрема, возило, гориво, телефон, компјутер, камера, трошоци кои новинарите ги плаќаат од свој џеб. Според тоа само синдикализмот и солидноста со членство во синдикатот на ССНМ е единствен избор во борбата за подстоинствен живот, како база за објективност и балансираност на информативниот процес во државата, којшто еве една деценија не постои. Оваа состојба е повод за овој разговор со Драган Антоновски, еден од основачите на првиот синдикат за медиумски работници во Македонија, којшто ги бележи и првите видливи успеси за членството.

Вие сте еден од основачите на ССНМ (Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во Македонија), најмладата синдикална асоцијација во сферата на медиумите, впрочем и прва фокусирана исклучиво кон заштита на правата на медиумските работници. Сега, од оваа дистанца гледано, се остварија ли Вашите, секако и визиите на другите втемелувачи на оваа асоција, преку потребна во медиумската сфера?

Дефинитивно да, едно големо ДА. Идејата беше да се мобилизираме, да се спротивставиме, да се организирараме и да се заштитиме. За овие неколку години, јас не ја знам точната статистика, но ние речиси во сите големи медиуми водевме синдикални правни битки, 80 % од нив ги добивме. Многу наши членови добија законски надоместоци, плати, добар дел беа вратени на работа, добар дел не беа избркани и малтретирани, едноставно им покажавме дека имаме став, ги знаеме нашите права и немаме страв.

Речиси секоја година ние сме на барикадите, на протести, дали пред институциите, дали на преговори во институциите, пред судовите, пред газдите и она што е најважно, станавме видливи, а довербата расте и постојано се зголемува бројот на членовите.

SSNM

Колкав е интересот за зачленување на медиумските работници во ССНМ, имајќи го предвид фактот дека, генерализирано говорам, работниците во транзициска Македонија, ја изгубија довербата во синдикатите?

Да, точно е дека работниците не им веруваат со години наназад на синдикатите и има зошто. Затоа што ги сведоа на маркети за брашно, канта сирење, јајца и сувомеснати, ги сведоа на спортски игри, ги сведоа на приврзоци на газдите, на партијата на власта, а никаде протест и борба за работнички права. За разлика од тој антисиндикализмот, којшто го негуваше секоја влада до сега, ние од првиот ден сме во костец со газдите, со директорите и сопствениците, од прв ден сме во судовите со нашите адвокати и со нашата постојаност во пристапот, подеднакво жестоко на страната и на новинарот, на снимателот, на тонецот и на секој медиумски работник и знаеме дека нашиот синдикат се прецепира сосем поинаку. Има уште многу што да се одработи. Но, ние сме сосем задоволни со тоа што досега го имаме сработено, колку за старт и поставување на еден нов и модерен и вистински синдикат на страна на работниците, а не приврзок на власта или глумење синдикат, којшто ќе ви го диктира газдата или не дај боже, тој ќе ви плаќа чланарина и наместо протести ќе ви организира дефилеа и прошетки на бања или нешто ќе ви тутка на рати.

Суштината на синдикализмот е пред се солидарност, заедништво во борба за работнички права, а потоа се друго.

Дали ССНМ има организирано членство во некој медиум? Каков е третманот на ССНМ од работодавците и од што најчесто стравуваат новинарите, колегите сниматели, монтажери, тонци…?

Па речиси во сите медиуми, некаде повеќе-некаде помалку. Но, знаете новинарите постојано минуваат од еден во друг медиум, па така и се движат и нашите членови. Најголемото членство доаѓа од националните телевизии од дописната мрежа, печатените медиуми на МПМ и повеќето портали. Можам да кажам дека имаме коректна комуникација, солидна и репрезентативна бројка и освен во Сител, каде членовите во поголем број се тајни и каде има забрана да членуваат во нашиот синдикат, во другите куќи нема притисок, ниту забрани да членуваат. Инаку можам да кажам дека нашите членови не стравуваат, знаат дека ја имаат нашата солидарност, знаат дека имаат и правна заштита, совети, секаква стручна логистика и она што е клучно, знаат дека не се сами. Проблемите кај сите се исти, речиси исти, малку слободни денови, многу работни часови, ниски плати, закани, притисоци, неплатени придонеси или на минимум, скратени денови за одмор, договори на одредено време и на неколку месеци за да може да се уценуваат и целиот тој пакет со еден збор на стандардно кршење на работничките права.

Има ли можност ССНМ да го заштити секој свој член и во медиуми, каде што нема синдикална организација. Како во тој случај членството ќе ги оствари своите права?

Суштината на синдикализмот е солидарност, меѓусебно помагање и здружување. Ние се стремиме за тоа и тоа го правиме за секој наш член. Но, мора и членовите да направат нешто за организацијата, односно за себе. Не може да го очекуваат она, што само некој друг би го правел за нив. Ако во еден медиум не можете да соберете барем тројца членови, а знаеме дека нема медиум без минимум 20 или 30 луѓе, тогаш имаме проблем. Но, не со организацијата како синдикатот на ССНМ, туку воопшто со сфаќањето и идејата за синдикална борба и солидарност. Стоењето од страна ве прави сериозно ранлив и подложен на експлоатација, а последица на тоа се ниски и мизерни плати и постојан страв и неизвесност. Нашите членови го знаат тоа и она што е битно, ние не правиме разлика дали сте новинар, камерман,тонец, администратор или портир и возач, за нас се еднакви сите медиумски работници, сите кои работат во медиумот. Нашиот синдикат како и сите синдикати во светот, ги штитат само своите членови. Тоа е правило на синдикализмот и да, ние се грижиме за секој наш член без оглед дали е еден, 10 или се 50 во еден медиум.

cenzura zabraneta

Вие сте координатор на проектот „Работнички права на медиумските работници“, којшто е финансиски поддржан од Британската амбасада во Скопје. Која е всушност целта на проектот и на каков одек наидува досега?

Овој е еден од поголемите целогодишни проекти, во кој досега беа вклучени многу луѓе кои работеа и учествуваа. Тука беа наши стари членови, вклучивме и нови членови, многу гости од странство, одржавме обука за лобисти. Разговаравме со различни фокус групи, за да откриеме какви се проблемите што не функционира и како да направиме стратегија за поефикасно дејствување. Ги имавме, новинарите, уредниците, камерманите, дописниците, техничарите, пратениците и сопственици и претставници на институциите. Одржавме и една голема меѓународна конференција, тука беа колегите од Европа, од Хрватска, Србија, тука беа институциите претставени преку министрите за труд и социјална политика и информатичко општество, а не поздрави и амбасадорот Чарлс Гарет од кого, лично ја имаме поддршката кога станува збор за професионални стандарди и дефинирани работнички права во медиумите. Од сето тоа произлезе стратегија за дејствување, обучивме наши лобисти и имаме големи очекувања од нив да ја шират синдикалната приказна на ССНМ.

Дописниците или дописничките екипи (новинар-снимател) се посебна категорија, во медиумската сфера и за нивните работнички права, освен ССНМ, никој досега не покажал посериозен интерес. Работат за минимални суми, со своја техника, постојано на терен, во викенди, ноќе, на празници, без каков било надоместок согласно со Законот за работни односи, а хонорарите им се движат од 100 -200 денари, едвај во некои медиуми до 500 или 1000 денари за прилог. Но,сепак тие месечно не можат да остварат просечна плата, без оглед на бројот на прилози, а за здравствено и пензиско осигурување никогаш не станало збор.

Иако, овие работници, го имаат `добро испечено` занаетот, тие се најдискриминираната категорија во медиумите. А, новинарството всушност се случува таму на терен, не во уредничките канцеларии. Како овие луѓе да ги остварат своите права, има ли надежи дека некогаш ќе бидат третирани како работници со сите законски права?

Само во здружувањето е силата и решението. За жал на газдите им успева да ги поделат новинарите меѓу себе, да ги потплатат, за да ја потхранат себичноста и саможивоста. Потоа вториот аспект е забрана на синдикално организирање директно или индиректно. Омаловажување на целиот синдикализам дека тоа е една промашена работа, а всушност тоа е само страв од организиран отпор. Кај дописниците е тешко да ги соберете на едно место, бидејќи сите се во различни градови и токму тоа се злоупотребува од газдите. Затоа, особено за нив е важно синдикално да се здружени и организирани за да може да ја засилат својата позиција со силата на целиот синдикат и преку колективните договори да се дојде до неопходните услови за работа. Зашто во сите времиња тие услови се добивале само со упорност, борба и пркос, а не со повлекување, криење и очекувања некој друг, тоа за вас да го направи или да се смилува уредникот или сопственикот.

До каде се активностите на ССНМ, Колективниот договор за медиуми да добие своја законска важност?

Колективниот договор е подготвен, го работевме неколку месеци, го промовиравме пред колегите и сега е редот на нашата организираност, притисок од членството кон работодавачите за да издејствуваат договори поединечно со сите медиуми и да се седне на преговарачка маса за да се издејствуваат максимум можностите за дефинирање на работничките права на ниво на новинарската професија и правата на медиумските работници.

За крај, очекувате ли како и во с`е друго контра новинарски здруженија, контра протести да добиеме и контра синдикат?

Хаха… па, во поделена држава на патриоти и предавници, власт и опозиција, целосно партизирано општество, киднапирани медиуми од страна на политиката и политичарите, апсолутно на ред се и жолтите синдикати. Тие сигурно ќе се обидат да ги замајат медиумските работници, да им понудат некаков, купен, владин или жолт синдикализам, како тоа се нарекува. Ама за нас тоа е, само потврда дека сме станале доволно силни и провокативни, тоа за нас е потврда дека сме на вистинската страна, на страната на работништвото, солидарноста и правдата и тие само нека формираат контра синдикати. На крајот на денот тоа ќе биде и добра проверка за нашето членство, дали сакаат да бидат приврзоци на партиите, да бидат со свиткан `рбет и исти како досегашните комунистички синдикати или нешто поинаку, вистински синдикализам и борба за што повеќе права. Ние го очекуваме тоа, затоа што нашето членство почна да се зголемува, затоа што меѓународната заедница не респектира и не консултира, тие ќе сакаат тоа да го спречат и да му застанат на пат на нашиот синдикат. Но, ние не запираме и продолжуваме со нашата синдикална борба.

Сега имаме и старо-ново раководство, кои се очекувањат?

Па, да благодарение на овој проект поддржан од британската амбасада, ние мобилизиравме доста млади новинари од различни редакции и секако тука се и старите искусни кадри на синдикатот, кои се одличен спој на искуството и енергичноста на помладите.

Бидејќи мојот мандат заврши, јас и дел од основачите, сега формираме едно ново тело на т.н „ветерани на ССНМ“, каде ќе бидеме сите искусни синдикалци на кои им завршиле функциите и во координација со извршниот одбор, со новите синдикални функционери, ќе бидеме секогаш на располагање да ја помогнеме и засилиме синдикалната борба од која нема откажување.

Новинар: Моника Талеска

Интервјуто е превземено од www.patokazmagazin.com.mk

 

 

Останати
објави

Сподели на...