Саморегулацијата го намалува влијанието на државата врз медиумите
Пишува: Антоанела Димитриевска
Паралелно со продорот на интернетот, односно со излегувањето на милиони онлајн медиуми во последните години во светот, но и во Македонија се отвори и прашањето за потребата од регулација на овој простор. Ова прашање, како и регулацијата на традиционалните медиуми влече со себе тешки, сериозни и поларизирани дискусии.
Голем дел од државите во светот го оставија овој простор нерегулиран бидејќи според препораките на Советот на Европа регулирањето на онлајн медиумите не би требало да се прави бидејќи тие не користат јавен ресурс, како што на пример користат телевизиите и радијата. Сепак, одреден број држави воведоа одредени регулаторни мерки за онлајн медиумите, други, пак, воспоставија своевидна мека регулација која подразбира само регистрирање на онлајн медиумите.
Во Македонија, пак, оваа дискусија трае со години и ниту една дебата по ова прашање не може да заврши со унисони заклучоци. Сепак, државата, барем сеуште не покажала сериозни обиди за регулирање на овој медиумски простор, иако во минатото имаше такви обиди, а сега и одредени неофицијални идеи. Сепак, новинарската фела веќе подолго време ги крши копјата околу ова прашање, а веќе неколку години постои и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), како саморегулаторно тело.
За потребите на публикацијата на ССНМ направивме анализа на ставовите на еминентни медиумски експерти, новинари и уредници на прашањето регулација наспроти саморегулација на онлајн медиумите. Иако, не може да се извлече единствен заклучок, сепак, потребите, желбите и ставовите на медиумската фела главно се движат помеѓу саморегулација и мека регулација.
Според Марина Тунева, извршен директор на СЕММ саморегулацијата помага при градењето на кредибилитетот на медиумите кај публиката.
„Најсилните аргументи за развивањето и поддршката на саморегулацијата се тоа што таа ја штити уредувачката слобода, помага да се намали државното влијание врз медиумите и да се развива квалитет во нив. Воедно, претставува и доказ за медиумската одговорност и им помага на граѓаните полесно да пристапат на медиумите со свои реакции и очекувања во однос на известувањето“, вели Тунева.
Според неа,доколку медиумите се придржуваат кон стандардите на професионалност, лесно е да се детектираат и да се пресретнат обидите за притисоци и цензура и потенцира дека колку повеќе „владее“ саморегулацијата, толку помали ќе бидат обидите за непотребна регулација од страна на државата која секогаш носи ризици и закани по слободата на медиумите.
„Осуетувајќи ги обидите за цензура или самоцензура, во соработка со медиумите, кои се многу значаен партнер во саморегулацијата, се обидуваме јавно да ги истакнеме и да дебатираме за проблемите, активно залагајќи се за нивно спречување. Преку тоа што јавноста реагира на непрофесионалноста во известувањето, меѓу другото, ни помага да откриеме и кои се причините што стојат зад тој непрофесионализам. Неретко цензурата и самоцензурата биле пријавувани како проблем, а кога тие сѐ уште постојат во новинарската пракса се поткопува интегритетот. Штетата кон јавноста е голема, а медиумот ја запечатува својата судбина“, појаснува Тунева
Совет за етика во медиумите во Македонија е орган за саморегулација на медиумите и својата активност, главно, ја базира врз утврдување јавни морални санкции за медиумите што не ги почитуваат професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
На 18 декември СЕММ, Здружението на новинари на Македонија ЗНМ и Стопанската комора, го објавија Регистерот на професионални онлајн медиуми. Тој треба да ѝ биде од помош на јавноста, но и на бизнис-заедницата, полесно да ги распознаваат професионалните од непрофесионалните медиуми. Критериумите според кои еден медиум може да влезе на оваа листа се: при своето работење се придржуваат до новинарскиот кодекс, да имаат транспарентно сопствеништво, импресум, итн.
За разлика од Тунева, уредникот и сопственик на весникот „Коха“ и претседател на Асоцијацијата на печатени медиуми, Лирим Дулови смета дека треба да постои одреден регистер на онлајн медиуми, но тој да биде на некој начин озаконет.
„Нашата цел е порталите посебно да бидат идентификувани во ова време кога најголем проблем се лажните вести. Многу е важно да се знае кој ја пласира информацијата и дали тоа се новинари или не. Новинарството би било заштитено со регулацијата, односно регистрацијата за која се залагаме“, вели Дулови.
Тој објаснува дека нивната идеја (на асоцијацијата) е всушност начин за идентификување на онлајн медиумот, односно јасно и обврзително да биде означено чиј е медиумот, кој е уредник, да има регистрирано фирма, за да се знае кој стои зад сето тоа и кој на крајот плаќа даноци на државата.
„Немаме ништо против саморегулацијата и таа според мене е добра. Но, од друга страна луѓето кои имаат лоши намери се затскриваат зад професионалното новинарство и многу му наштетуваат. Не е можно на ист пазар некои на државата да плаќаат даноци, а други да не подлежат на никакви законски обврски. Зошто за телевизиите кои сеуште се главни медиуми важат сите закони, а на други им се дозволува анархија“, прашува Дулови.
Според Марина Костова заменик на главниот уредник на порталот „Сакам да кажам“ целта на каква било регулација и саморегулација на онлајн медиумите единствено треба да биде ширење на просторот за професионалните новинарски дигитални редакции кои создаваат новинарска содржина според сите професионални стандарди, а стеснување на просторот за пропагандните платформи и платформите за лажни вести.
„Мислам дека во никој случај Владата или било која државна институција не треба да определува кој е новинар, ниту пак да издава лиценци. Веќе е апсолвирано дека тоа како практика кај нас може лесно да се изроди до контрола, манипулација и цензура на медиумите и ограничување на слободата на говорот. И за онлајн медиумите мора да биде клучно, да имаат транспарентна уредувачка и сопственичка структура. Затоа прво треба да се направи разлика во терминологијата: дигитална редакција значи медиумски ентитет на чело со главен и одговорен уредник кој произведува содржина што исполнува основни професионални стандари. Тие треба да се почитуваат во новинарството и во заштитата на авторските права“, аргументира Костова.
Таа смета дека иницијативата на СЕММ во соработка со Здружението на новинари на Македонија за создавање регистар на професионални онлајн медиуми е добар старт за саморегулација на медиумите и дека ќе ѝ помогне на јавноста полесно да препознае кои медиуми ги исполнуваат наведените критериуми. Воедно и да се придржуваат до стандардите на етичкото известување при своето работење.
„Со оглед на корумпираните практики за рекламирање во онлајн медиумите, особено важно е што кон оваа иницијатива се приклучи и Стопанската комора на Македонија. Преку регистерот ќе се олесни пристапот до реклами на бизнис заедницата во професионални онлајн медиуми, наспроти оние кои не ги исполнуваат критериумите за членство и редовно ги прекршуваат етичките стандарди. При тоа клучно е одговорното рекламирање да стане дел од културата за општествена одговорност на компаниите“, додава Костова.
Долгогодишниот новинар и уредник, сега прв човек на „Плус инфо“, Бранко Героски смета дека е потребно одредено ниво на регулација, но и повисоко ниво на саморегулација.во медиумите,
„Сметам дека саморегулативните иницијативи се добро и практично решение. Но, мислам и дека е неопходен и извесен степен на минимална регулатива што подразбира законски и подзаконски акти, па дури и менување на постоечкиот Закон за медиуми, посебно од аспект на онлајн медиумите. Сето тоа бидејќи сега постоечкиот закон практично нив ги третира како немедиуми, како ентитети кои не постојат. Тоа би значело воведување некаков елементарен ред и нотифицирање на медиумите кои се декларираат како медиуми, а сите останати ќе можат да функционираат како блогови и друг вид на интернет платформи“, потенцира Геровски.
Сепак, тој појаснува дека иако се залага за регулација подвлекува дека таа треба да биде минимална бидејќи во спротивно демне опасност која посебно сега може да дојде да израз бидејќи постојат настојчиви напори и на власта и на други политички и економски фактори за контрола и ново подјармување на медиумите.
„Од тој аспект на било каква претерана регулација или обид да се заведе некаква скриена цензура при регистрирањето или финансирањето и други слични облици на контрола врз медиумите на таквите обиди треба жестоко да се спротивставиме“, предупредува Геровски.
Очигледно саморегулацијата е еден бесконечен процес, а регулацијата особено ако е оставена само на властите може да биде и закана за слободата на медиумите. Европската новинарска мрежа уште во 2015 година во извештајот „Преглед на новинарството и саморегулацијата“ ги откри и нотираше главните предизвици на новинарствто и саморегулацијата во состојба на тешка економска и политичка реалност во дигиталната ера.
Според овој извештај и новинарството и саморегулацијата имаат потреба од целосно реобмислување, веројатно нешто што е потребно и кај нас. Како главни предизвици во овој извештај се утврдени токму оние проблеми кои се споменати и во оваа анализа: мешавина од економски проблеми и застарени системи на властите за медиумска регулација, како и начините на кои телата за саморегулација ќе се финансираат на долг рок.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.