Бавча со кромид

Датум

Во последниве години во жаргонот на македонското новинарство се устоличи ново, до скоро, непознато значење на зборот „кромид“ (по аналогија на американскиот сатиричен магазин „The Onion“). Имало во македонското новинарство и „новинарски патки“ (сега тоа се нарекува „спинување“), и „новинарски мечки“, и фрапантни грешки, и недоречености, и превиди… Како долгогодишен новинар, и самиот сум „автор“ на неколку епски новинарски катастрофи, па можам за нив да зборувам, што би се рекло, од прва рака. Значи имало сé, ама немало „кромиди“.

 

Иако е основана претпоставката дека веќе сите го знаат значењето на зборот, сепак да повториме (колку да се утврди лекцијата)- „кромид“ е лажна вест, пласирана (пуштена, објавена) како да е вистинска. Најмаркантниот „кромид“ во последно време беше оној на Македонската телевизија (и уште еден куп медиуми што ја пренесоа „веста“) за наводното убиство на грчкиот државјанин со македонско потекло, (не)-извесниот Александар Самарџиев. Да беше само тој „кромид“, пак немаше да биде лесно да се испере бламот од некогаш почитуваната професија, но не беше само тој. Беше цела бавча засадена со „кромиди“. Веднаш потоа беше објавено дека еден телевизиски водител загинал во сообраќајна несреќа, па дека скопјанец самиот се претепал бидејќи гледал порно-филм со две лезбејки, а додека овој текст стаса до членовите на ССНМ веројатно низ медиумите ќе прошета уште некој „кромид“. На ова место нема никаква полза да се зборува за претходните (бројни) кромиди.
Она што го интересира овој текст е одговорот на прашањето: Како „кромидот“ воопшто влезе во македонската журналистичка практика, и тоа како легитимна категорија? Можеме да зборуваме за нивото на писменост на оние што по дефиниција мора да бидат писмени (значи, новинарите). И веројатно ќе бидеме на трагата на точниот одговор. Можеме да зборуваме за масовната и масивната хистерија што ги зафати масовните медиуми (колку е похистерична веста, толку подобро). И веројатно пак ќе бидеме на вистинската трага. Можеме да зборуваме за ноторниот факт дека медиумите (новинарите) повеќе не го креираат јавното мислење, туку тоа им е препуштено на партиските чиновници. И нема да згрешиме.
Можеме да наведеме уште низа фактори, да зборуваме за несоодветноста на човечкиот материјал од кои е создаден корпусот на медиумски сопственици, за напуштањето на основните функции на новинарството (пред сé, на информативната и на едукативната, бидејќи остана само забавната), за лошиот теориско-практичен образовен процес низ кој поминуваат новинарите… И така натаму. Но, сепак, нема да стасаме до базичните претпоставки за практикување на квалитетно новинарство, толку неопходно за секое демократско општество. А тоа се социјално-економските услови во кои функционира новинарскиот еснаф.
Значи, сведоци сме некогаш една од најценетите професии и во светот и во Македонија (според некои дамнешни анкети, новинарите беа рамо до рамо со лекарите, адвокатите, пилотите и професорите) се сретнува со најлошите услови за сопствено егзистирање, од времето на излегувањето на првиот број на „Нова Македонија“ во Горно Врановци, па сé до денес. Според некои показатели, новинарите се најбројната судски тужена професија; најголемиот број преквалификации од една во друга професија е забележен токму кај новинарите; бројот на отпуштените новинари и на новинарите што останале без работа опасно се приближува до бројот на вработени новинари; просечната плата кај новинарите е пониска од просечната плата на ниво на Македонија; новинарите се еден од ретките еснафи што немаат потпишано колективен договор; во медиумите има најмногу кадри што работат без никаков договор и без да им бидат уплатувани било какви надоместоци… Со други зборови, новинарите се најмалку заштитените занаетчии во оваа држава.
Во услови на целосна разединетост, на непочитување на сопствените еснафски здруженија на нерегуларен пазар, на коруптивно судство… не е тешко со медиумите да завладеат коруптивни, па и медиокритетски бизнис и политички интереси. Напротив. Многу е тешко во него да влезе или да се оспособи генерација чија професионална етика ќе биде изградена врз принципите на проверливост и компетентност на изнесените податоци.
Сепак, предизвикот е тука. Не е тоа донкихотовска битка и никој не мора да измислува ветерници како непријатели. Принципите на работа се добро познати. Некои битки (мали, секако) веќе се извојувани. Некои се загубени.Но војната не е загубена, Не сé уште..Само ако самите се откажеме од борбата за нашите права, тогаш ќе знаеме дека појавата на вистинската информација во медиумскиот простор ќе биде само плевел меѓу кромидот што секој ќе може да го искорени. А тоа и ќе го направи.
Ѕвездан Георгиевски

Останати
објави

Сподели на...