Бланко-безобразие

Датум

Кога синдикален лидер ќе добие сомнително „спогодбено“ отказно решение со кое експресно ја губи работата, „обичните“ работници добиваат јасна порака – газдата е секогаш во право.

Последниот случај со претседателката на новинарскиот синдикат, Тамара Чаусидис, која ја изгуби работата врз основа на претходно потпишан бланко-отказ, по којзнае кој пат докажа дека иновацијата на работодавците за безболно отпуштање работници е навистина функционална. Брза е, ефикасна и не остава никаков простор за тужби и барање отштета.

Проблемот со бланко-отказите не ги засега само новинарите. Иако во последно време отказите по оваа основа се актуелни во новинарската фела, ваквата дисциплинска мерка ги засега сите работници. Којзнае уште колку потпишани откази лежат во фиоките на газдите, чекајќи го вистинскиот датум за да се заверат со печат. Работниците, пак, по претходно добиените преќутни инструкции, молчат и траат, стравувајќи дека на ред ќе дојде и нивниот „датум“.

Во ситуација на масовен работнички страв, уцени, закани, подметнување документи и фалсификување потписи, крајно време е надлежните институции да докажат дека во земјава функционира правната држава. Досега, единственото нешто што го видовме од институциите е континуирана пасивност во справувањето со овој проблем, иако бланко-отказите веќе подолго време се јавна тајна. Всушност, тие се задолжителна процедура при речиси секое вработување. Затоа, трудовата инспекција е најповикана да ги открие ваквите злоупотреби и најстрого да го санкционира самоволието на работодавците.

Оправдувањето дека рацете на инспекторите им се врзани бидејќи работниците не ги пријавуваат газдите што однапред им даваат да потпишат вакви откази навистина не држи вода. Факт е дека нема многу работници што ќе го кренат гласот против работодавецот. Но, зарем може да им се забележи за немањето храброст, знаејќи дека потпишувањето бланко-отказ е клучен услов за да ја добијат работата?

Во моментов, џабе ни е Законот за работните односи, кога со секоја нова измена се повеќе се крои по мерка на газдите. Работничките права се сведуваат само на неколку законски членови на хартија за кои во праксата никој не води сметка. Крајно време е државата одлучно да и застане на патот на оваа неправда, бидејќи досега ги исцрпе сите оправдувања за пасивноста. Во спротивно, ќе стане соучесник во безобразната злоупотреба на сопствените граѓани.

Даница Тунтевска /Текстот е преземен од  ДНЕВНИК

Останати
објави

Сподели на...