Breitbart вести и враќањето на пристрасното новинарство

Датум

Популарноста на Breitbart помеѓу конзервативните гласачи е резултат на долгорочната десничарска кампања против прогресивните медиуми

Претседателската кампања во 2016 година беше веројатно најподелена и најполаризирана во модерната американска историја. Изборот на демагог како Доналд Трамп во Белата куќа не само што разобличи длабоко всадени расни пукнатини кои продолжуваат да опстојуваат во американското општество, туку го покажа и економскиот презир и цинизам кои тлеат во многу делови од рурална и приградска Америка.

Трамп водеше кампања исполна со реторика полна со омраза и ксенофобија која најверојатно ќе има далекусежни последици врз поширокиот јавен дискурс во Соединетите Држави. Мета на неговата пакосна реторика не беа само имигрантите и малцинствата, туку и новинарите и доминантните медиуми. Неговото константно брендирање на медиумите како „пристрасни“, „нечесни“, „местени“ и „непријатели на американскиот народ“ ја засилија перцепцијата на „пристрасност на либералните медиуми“ помеѓу републиканските гласачи, и создаде можност за пробивање на ултра-конзервативните медиумски куќи кои дотогаш се сметаа за споредни.

Помеѓу нив се истакнува Breitbart News Network, самопрогласена платформа за бели националисти и нео-нацисти. Нејзиниот претседавач, Стив Банон, кој беше избран лично од Трамп да ја води претседателската кампања и подоцна беше назначен за главен стратег на Белата куќа, е сега веројатно еден од најмоќните луѓе во светот.

Пробивот на ултра-конзервативните и пропагандистички медиуми како Breitbart е ироничен бидејќи со години САД се гордееше со епитетот глобален поборник за правата на новинарите и се позицинираше како гласник на професионалните вредности на професијата. Тие вредности беа познати како англо-американски модел на новинарство и имаа влијание врз многу медиумски системи во светот. Паралелниот подем на Трамп и Breitbart го доведува во опасност овој модел.

ИСТОРИЈА НА ПРОПАГАНДНИ МЕДИУМИ ВО САД

Корените на пропагандното новинарство во Америка потекнуваат од 18-иот век. Всушност, периодот помеѓу 1780-ите и 1830-ите е познат во амерканската историја како „ера на партиско новинарство“, бидејќи весниците тогаш беа под покровителсто на политичките партии во форма на субвенции и владини договори. Оваа ера започна во 1783 година, по завршувањето на Американската револуција кога политичките системи беа сè уште во зародиш и продолжи до подемот на масовната продукција на евтини весници (penny press) во 1830-ите.

Во текот на овој период, уредниците и новинарите ги обликуваа весниците и уредничката содржина за партиски цели, па дури и работеа хонорарно за државните законодавци и американските конгресмени. Некои од нив беа портпароли на политички партии. Новинарите бесрамно усвојуваа партиски ставови, како што се федералистички или анти-федералистички, виговци или демократи, републиканци или демократи.

Весниците беа преполни со навредливи коментари, одмаздољубиви стории и пропаганда за да се насочи јавното мислење во корист на полтичката партија кон која беа приврзани. Политичарите како Александер Хамилтон, кој ја користеше и поддржуваше Gazette of the United States,и Томас Џеферсон, анти-федералист кој ја поддржуваше National Gazette, разменуваа вербални стрели преку нивните соодветни публикации.

Првата половина од 19-иот век донесе драматични промени во животот, технологијата и комуникациските системи во САД, кога беше забележано зголемена политичка вклученост на работничката и средната класа, повисоки стапки на писменост и рапидна урбанизација. Ваквите социоекономски промени доведоа до зголемена побарувачка на весници, што пак доведе до масовна продукција на евтини весници кои не само што им служеа на политичките интереси на мажите, туку известуваа и за остатокот од светот.

Наместо да зависат од политички партии за приход, евтините весници се фокусираа на привлекување нова публика и простор за рекламирање, додека политичарите ја намалуваа финансиската поддршка на весниците и бараа други начини да привлечат гласачи. Така, промените во односите помеѓу печатот и партиите во средината на 19-иот век ги редефинираа вестите и го отворија патот кон нова ера на објективно новинарство.

Во годините кои следуваа, американските новинари беа сведоци на појавата на нов професионален идентитет и развој на професионална етика благодарение на новинарите кои сакаа да ја направат нивната професија пореспектабилна. На почетокот на 20-иот век, новинарската професионализација беше институционализарана со воспоставувањето на новинарски школи низ САД, каде идните новинари ги учеа и професионални вредности покрај вештините потребни за вршење на работата.

МАСОВНО НОВИНАРСТВО    

Поттикнато од технолошките иновации како што се радиото, телевизијата и растечкиот домашен потрошувачки пазар, масовното новинарсво се разви и рашири низ САД во средината на 20-иот век. Развојот на технолошката инфраструктура и потрошувачкиот пазар доведоа до воспоставување на големи рекламни агенции и мултинационални медиумски организации кои видоа можност за проширување на нивниот бизнис во земјите во развој.

Земјите кои заостануваа во развојот на медиумските системи ги адаптираа и апсорбираа овие технологии. Покрај медиумската опрема и инвестициите, најголем дел од развиенот свет воведуваше вредности на пракса кои беа модерни во американските редакции – концептот на објективно известување, правичност, непристрасност и балансирано известување, како и етичко собирање информации. Истовремено, високата цел на новинарството продре во психата на американските конзументи на вести до средината на 20-иот век.

Стандардните техники на известување и интервјуирање денес беа измислени и развиени од американските новинари. Новинските агенции лоцирани во САД како Associated Press играа витална улога во извезувањето и распространувањето на овие конвенции, професионалната етика и нормативната комуникација надвор од земјата. Бидејќи од искусниот персонал се бараше да креира содржина која ќе овозможи опстанок на индустриите за масовна комуникација, западните медиумски организации во најголем дел лоцирани во САД нудеа формална обука на незападните новинари и радиодифузери.

Кога другите национални медиуми западнаа во криза, како во поранешните комунистички земји, американската етика на објективност беше предложена како модел на кој треба да се настојува. Така вредностите на англо-американските вести влијае на и ги обликуваа новинарските практики во многу делови од светот.

КОНЗЕРВАТИВЕН НАБОЈ НА ЛИБЕРАЛНАТА ПРИСТРАСНОСТ

Дури и додека конвенциите и новинарските вредности на американските редакции ги обликуваа глобалните практики на известување, конзервативните лидери и политичари инвестираа во аналитички и истражувачки центри и новинарски институции во САД како начин на поместување на јавната дебата кон десно. Во доцните 1940-ти и раните 1950-ти, се појавија конзервативните списанија како National Review и Human Events. Тие станаа крвоток на модерниот конзерватизам во поствоениот период. Во ерата на Граѓанските права во 1960-ите, Републиканците активно почнаа да градат конзервативна мрежа која вклучуваше отворање универзитети, посреднички агенции, новински и медиумски редакции. Многу Републиканци веруваа дека таквите мрежи се од клучно значење за да се добие „војната на идеите“.

Во исто време, негативното покривање од страна на доминантните медиуми на политичарите како Бери Голдвотер и Претседателот Ричард Никсон ја засилија десничарската критика на информативните медиуми. Неколку години, конзервативни медиумски личности како Раш Лимбах, Глен Бек и Шон Ханити го обвинуваа печатот за „либерална пристрасност“, што се чини дека ги натера нивните гласачи да се замислат. Тоа е очигледно од наодите на една студија спроведена во 1990-ите во која над две-петтини (43%) од случајно избраните испитаници тврдат дека информативните медиуми покажале либерална пристрасност во покривањето на претседателските избори.

Понатаму, процентот на оние кои одговориле дека третманот на печатот на републиканскиот кандидат бил неправичен се зголемил за 22% во текот на кампањата во 1993 година и 9% во текот на претседателските избори во 1996 година. Појавувањето на десничарскиот канал Fox News на Руперт Мурдок во 1996 година ја зацврсти идејата на либерална пристрасност помеѓу републиканските гласачи, што доведе до постепено опаѓање на нивната доверба во информативните медиуми. Според анкета на Галуп, довербата на американците во медиумите забележала пад од високи 55% во 1998 година на 32% во 2016 година. Уште позначајно, само 14% од републиканците рекле дека им веруваат на американските медиуми, наспроти 51% од демократите.

Конзервативната војна на информативните медиуми трае до денес. Администрацијата на Трамп во моментов размислува за приватизирање на Корпорацијата за јавно радио-телевизиско емитување (CPB), која го финансира Националното јавно радио (NPR) и Јавниот радиодифузен сервис (PBS). Во текот на претседателската кампања, Трамп остро ги критикуваше медиумите на власта за пристрасно известување и ги нарече новинарите „најниска форма на живот“. Тој се закани дека ќе го тужи The New York Times и најави промена на американските закони за клевета доколку биде избран за претседател. На неговите собири, неговите поддржувачи често ги исвиркуваат новинарите. Неговите напади врз новинските организации беа толку интензивни што Комисијата за заштита на новинарите (CPJ) мораше да интервенира и да донесе резолуција со која Трамп се прогласува за „закана по правата на новинарите без преседан“.

Всушност, според една анкета на Галуп, агресивната и анти-медиумска реторика на Трамп може да е една од веројатните причини зошто републиканците имаат толку лошо мислење за медиумите. Популарноста на Breitbart помеѓу конзервативните гласачи е, на многу начини, резултат на оваа долгогодишна кампања на десничарскиот екосистем против прогресивните медиуми.

ПРОДОР НА BREITBART

Уривањето на јавната доверба во традиционалните медими, особено помеѓу конзервативните гласачи, и појавата на нови медиумски технологии обезбедија плодна земја за провениенција на десничарски медиумски портали. Помеѓу нив се истакнуваа Drudge Report, VDare, The Gateway Pundit, Townhall, Daily Caller, Infowars и Breitbart News Network. Иако секој од нив играше клучна улога во промовирањето на десничарските идеи, Breitbart е поврзан со бели етно-националистички групи, кои доскоро се сметаа за маргинални елементи.

Според анкета на Галуп, довербата на американците во медиумите забележала пад од високи 55% во 1998 година на 32% во 2016 година. Уште позначајно, само 14% од републиканците рекле дека им веруваат на американските медиуми, наспроти 51% од демократите.

Со пристап до внатрешниот круг на Трамп, Breitbart од маргинален стана моќен политички играч за кратко време. Основана од Ендрју Бреитбарт во 2007, интернет страницата е сега тесно поврзана со членови на „алтернативната-десница„ или „алт-десницата“ – термин кој се користи за да се опише група на бели националисти или нео-нацисти чија цел е зачувување на „белиот идентитет“ и „западната цивилизација“. Голем број од алт-десничарите веруваат во национализам базиран на раса и супериорност на белците. Southern Poverty Law Center (SPLC), кој ги следи групите на омраза во САД, откри дека членовите на оваа група често промовираат етничко чистење, расен сепаратизам, анти-семитизам и акти на насилство против малцинските групи.

Во интервју со Мадер Џоунс во јули 2016 година, Стив Банон призна дека интернет страницата е „платформа за алт-десничарите.“ Таму често се објавуваат стории кои ја нааѓаат републиканската елита, негуваат анти-имигрантско чувство и промовираат теории на полиитички заговор. Ставовите изразени на Breitbart се често толку екстремни што од нив се оградија сите други поголеми конзервативни новински редакции.

Сепак, и покрај улогата на Банон како шеф на кампањата на Трамп, Џулиа Хан и Себастиан Горка беа вработени во Breitbart за да ги обликуваат административните политики на Трамп. Правејќи го тоа, Трумп го направи нормално она што дотогаш се сметаше за екстремно дури и од страна на традиционалните републиканци.

Придонесот на Трамп кон подемот на Breitbart се гледа од неговата растечка популарност на интернет. ComScore, платформа за мерење на публиката, го рангираше Breitbart на 27-мо место во категоријата општи вести со 8 милиони посетители месечно од октомври 2014 година. Истиот тој месец, Pew Research Center објави анкета според која 3% од испитаниците ги добивале своите вести од Breitbart.

Меѓутоа во јуни 2015 година, кога Трамп објави дека ќе се кандидира за претседател, интернет страницата беше посетена од 5,7% од публиката на општи вести, а до крајот на кампањата во октомври 2016 година, Breitbart имаше 9% од сообраќајот на пазарот, со проценети 18 милиони посетители.

Охрабрени од победата на Трамп, Breitbart планира за започне со интернет страници во Германија, Италија и Франција. Таа веќе фунцкционира во Велика Британија, каде го поддржува десничарскиот популистички лидер Најџел Фериџ. Потегот за ширење во Западна Европа се смета за обид да се поттикне лутина и анти-имигрантско чувство во регионот. Со назначувањето на своите поранешни вработени во Белата куќа, Трамп го легитимизираше Breitbart и неговиот биготизам, помагајќи зголемување на неговата видливост.

Преминот на Breitbart и другите крајно-десничарски медиумски куќи од мергинални во популарни го одбележува враќањето на следбеничкото новинарство кое беше норма во Америка за време на пред-прогресивната ера. Следбеничките весници се сега заменети со интернет страници како Breitbart. Како што беше случај во 1830 година, содржината на Breitbart е исполнета со клеветничко преувеличување, пристрасно толкување на фактите, наведувачки информации, расистички и анти-семитски коментари и теории на заговор – атрибути кои се спротивни на професионалните вредности и новинарските идеали кои ги дефинираа редакциските практики во САД во периодот по прогресивната ера.

Таквите новински редакции не само што ги негуваат скриените предиспозиции на граѓаните, туку ги прават и поекстреми и поделени. Во тој контекст, политичкиот научник Метју Левендуски напиша:

 „Активните и вклучени гледачи-истомисленици се поттурнуваат уште подлабоко во екстремите за одредени прашања кои се дискутираат на следбеничките медиуми. Доколку редовно им се презентираат различни прашања и теми, тоа може да стави притисок врз кандидатите да заземат поекстремни ставови за голем број прашања… Решавањето проблеми станува помалку во врска со тоа што е најдобро за земјата, а повеќе со тоа што е политички и идеолошки експедитивно. Иако следбеничките медиуми не можат самите да ги постигнат овие ефекти, тие секако ги забрзуваат пошироките трендови  кон поделба, застој и консензус.“

Вестите се значаен фактор во формирањето на општата реалност и јавното знаење. Отворено следбеничките редакции како Breitbart ги игнорираат фактите и шират теории на заговор, со што го еродираат заедничкото мислење од јавниот живот. Тоа им го отежнува на законодавците од двете страни постигнувањето консензус или изнаоѓањето средина при спорни прашања.

Уште полошо, таквите медиуми го редефинираат значењето на вестите бидејќи заменуваат ги фактите, доброто просудување и точното толкување на податоците со „алтернативни факти“, инсинуации и безобѕирни лаги.

НЕМА ЕДНОСТАВНИ РЕШЕНИЈА

Нема лесни решенија за борба против пропагандистичките медиуми. Бидејќи таквите редакции ги искористуваат етичките недостатоци на традиционалното известување, прогресивните медиуми може да започнат со проверка на факти на секоја вест за да избегнат грешки. Тоа е особено важно бидејќи дури и најмала грешка во известувањето ќе им даде шанса на оние како Трамп да ги делегитимизираат новинските медиуми и од тоа да направа приказна, наместо да ја остават јавноста да се фокусира на критичните прашања кои се одннесуваат на неговата администрација.

Покрај тоа, за да се соочат со двојниот предизвик на опаѓање на јавната доверба во новинарството и брзиот пораст на крајно-десничарскиот печат, прогресивните медиумски куќи мора да работат кон реизградба на локалното новинарство. Новинарите се обвинети дека се дел од „медиумската елита на брегот“ поради тоа што не ја забележаа големата поддршка која Трамп ја доби во руралните и приградските места. Локалното новинарство не само што обелоденува приказни на незадоволни граѓани игнорирани од главните мрежи, туку и им помага на новинарите одново да ја стекнат јавната доверба во новинарските институции.

Иако мал број познавачи тврдат дека напуштањето на етиката на објективноста е единствениот начин да се борат против Трамп, оддалечувањето од професионалните вредности ќе биде само во корист на лажните популисти и ќе им даде можност и понатаму да ги дискредититраат медиумите.

На крај, новинарите мора да останат посветени на канонските вредности и професионалната етика која е усвоена од редакциите низ целиот свет. Иако мал број познавачи тврдат дека напуштањето на етиката на објективноста е единствениот начин да се борат против Трамп, оддалечувањето од професионалните вредности ќе биде само во корист на лажните популисти и ќе им даде можност и понатаму да ги дискредититраат медиумите. Покрај тоа, објективниот пристап обезбедува простор за искрена јавна промислесност надвор од следбеничкиот спин.

Во овој контекст, Кајл Поуп, главен и одговорен уредник на Columbia Journalism Review пишува: „ Сега треба да започне нова ера, период во кој известувањето е поважно од мислењето, кога новинарите се подготвени да ги бараат и разберат луѓето со кои можеби имаат длабоки лични и филозофски разлики. Со децении, дури и векови, тоа е дефиницијата на новинарството.“

Исто како и новинарите кои се разделија од нивните партии и ја прифатија модерната етика на објективно, независно, точно и чесно известување за време на прогресивната ера, за современите новинари е важно да испорачаат колективен одговор за да се спротивстават на воскреснувањето на следбеничкото новинарство. Правејќи го тоа, придржувањето до професионалните вредности на новинарството е добра почетна точка.

Останати
објави

Сподели на...