Кој е статусот на новинарките во Европската Унија? Во какви услови работат тие? Како можат да постигнат баланс помеѓу работата и приватниот живот? Дали се почитуваат нивните права за слобода на изразување? Дали работат под еднакви услови како и нивните машки колеги? Ова се прашањата на кои се обидува да одговори Марта Санчез Eспарца во нејзината анализа за www.europeanjournalists.org сајт на Европската федерација на новинари.
Состојбата многу варира од една до друга земја. Ѕвездите од европското знаме не светат исто за жените новинарки во сите 28 земји членки на Европската Унија (ЕУ). Не е исто да се биде репортер во Германија споредено со оние од поранешна Југославија или во Балтичките земји. Различните политички и културни традиции сериозни влијаат врз практикувањето на новинарството.
Генералната рамка за мажи и жени беше извлечена од неодамнешниот извештај објавен од Платформата за заштита на новинарите и безбедност на новинарите на советот на Европа која предупредува дека состојбата со слободата на медиумите во европските држави се влошува и дека слободата на печатот сега е покревка отколку на крајот од студената војна. Советот на Европа годишно известува за бројот на прекршувања на слободата на медиумите кои се случуваат во земјите од ЕУ, како и за бројот на уапсени или убиени новинари.
Економската криза исто така им нанесе сериозен удар на медиумите во Европа кои минаа низ процес на многу отпуштања и сериозно влошување на условите за работа. Тоа влошување особено ги погоди новинарките.
Ова е објаснето од пет жени кои се бават со новинарство во Европската Унија – Франција, Германија, Србија, Грција и Хрватска и кои го претставуваат овој сектор во различни синдикални организации.
Сите учествуваа на програмата за жени лидери во Остенде (Белгија) организирана од Европскиот синдикален институт (ЕТУИ). Во таа прилика тие соработуваа со „Разговори“ за да ја рефлектираат стварноста. Многу од тешкотиите со кои се соочуваат се слични – заканите кон нивниот интегритет или слобода се зголемуваат.
Слобода на медиуми и говор на омраза
Во Европа, каде што демократските вредности се длабоко вкоренети во нашите општества, цензурата врз новинарите не секогаш е очигледна. Во некои земји, говорот на омраза кон новинарите претставува голема закана кон нив и кон медиумските организации.
Ова го објаснува Маја Север, претседателка на Синдикатот на хрватските новинари, вработена во јавниот сервис – Хрватска радиотелевизија. Најголемата закана за слободата на печатот во нејзината земја е „големиот број на случаи на говор на омраза и нетолеранција кои ги исполнуваат медиумите и јавниот дискурс, вклучувајќи и директни поттикнувања на напади врз новинарите“. Според Север, во Хрватска нема ефикасна регулатива, а и онаа што постои не се спроведува.
Север добивала смртни закани додека ја покривала бегалската криза во октомври 2017 година.
„Жените се особено ранливи, затоа што тие се почесто изложени на омраза на социјалните медиуми, без заштита или адекватен одговор. И во отсуство на колективни договори во медиумите нема соодветна заштита на нивните права“, вели Север.
Ситуацијата во Србија е уште полоша. Земјата се наоѓа на 90. место на рангирањето на „Репортери без граници“, со пад од 14 позиции за разлика од минатата година, според Јелена Ќосин, новинарка во „Вечерње новости“ и член на синдикатот СИНОС.
„Оние кои известуваат за корупција или се критични кон власта се именувани како „лажговци“ или „странски шпиони“ од страна на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Новинарите кои откриле корупција се напаѓани, како што е случајот со Милан Јовановиќ. Јас често работам под притисок и гледам како текстови кои не ги поддржуваат политичките лидери на власт или не се објавуваат или се менуваат пред да бидат објавени“, вели таа.
Француското #Metoo
Кога се однесува до содржината на информациите, новинарките се соочуваат со исти притисоци како и нивните машки колеги, но тие исто така се соочуваат и со сексуално вознемирување, нешто што за жал е многу често во сите земји.
Во Франција, случајот со Лиг ду Лол од февруари 2018 година ја шокираше новинарската заедница. Приватна Фејсбук група формирана од уредници, новинари и менаџери на маркетинг агенции од различни медиуми, претежно мажи, беа истражувани за навредување и постојано малтретирање на жени на социјалните медиуми.
Овој случај се смета за француско #Metoo. Откако беше објавен од весникот „Либерасион“, јавното мислење беше потресено и беше отворена судска истрага која резултираше со отпуштање на неколкумина вклучени.
„Некои од малтретираните страдаа од депресија и ги напуштија медиумите“, вели Орели Констант, член на Извршниот одбор на Националниот синдикат на новинари и уредник на локален весник во северна Франција. Според новинарите, сексизмот и малтретирањето се секојдневие во редакциите. Проблемот особено се заострува кога се во прашање жени доселенички кои работат во услови на прекаријат.
Бегалците и „лажните вести“
Во Германија проблемите за новинарките се некако поразлични. За Андреа Рот, потпретседател на Федерацијата на новинари од Баварија дел од Германската федерација на новинари, вработена во јавниот сервис АРД, „лажните вести“ и говорот на омраза се едни од главните закани за германските новинари, особено кога се работи за сензитивни теми како што се информациите за бегалци и имигранти.
Во оваа област новинарите добиваат непријателски пораки од политичкото милје на крајно десничарските групи, кои промовираат негативен дискурс за бегалците.
„Ни треба поголема медиумска писменост за тие луѓе да научат да разликуваат вести од дезинформации“, вели таа.
Рот која истовремено е и резервен член на Извршниот комитет на Европската федерација на новинари додава дека во Германија новинарите се соочуваат со одредени опасности по нивниот интегритет кои доаѓаат од есктремната десница при што веќе имало и повеќе случаи на повредени новинари.
Новинари за 1,4 евра
Но, најголемата тешкотија со која се соочуваат новинарките на нивните работни места насекаде низ Европа се условите на прекаријат во кои работат. Тие се казнети од таканаречената разлика на полот.
„Новинарките имаат помали плати и мораат да работат понапорно за да стигнат до менаџерска позиција. Тие се покревки и повеќе работат во услови на прекаријат отколку мажите“, вели Орели Констант.
Во Германија некои медиумски компании нудат по 9 евра за фотографија, а слободните новинари се најпогодени од ниските плати.
„Медиумите работат со се помалку луѓе. И ова е исто и во јавниот и во приватниот сектор. Во јавниот сервис во кој јас работам на пример, милиони евра се кратат. Единствен начин за подобрување во ова поле е да се здружуваме во асоцијации и синдикати кои ќе го бранат правото на новинарките на фер плата“, вели Андреа Рот.
Според Рот во регионот Баварија нема посебни проблеми за новинарките и слободните новинари на средно ниво, но на ниво на лидерство и менаџмент на организации речиси секогаш мажите се тие кои ги носат одлуките.
„Ни требаат нови лидерски стратегии“, вели таа.
Во Хрватска најголем дел од медиумите работат без колективни договори, „нема статут во рамки на редакции и синдикатите и професионалните асоцијации се обесхрабруваат“, вели Маја Север.
Но, што се однесува до работничките права најлош е случајот со Србија: освен медиумите во Белград, сумите кои им се нудат на новинарите се смешни.
„Во мојот град, Ниш, новинарите на локалната телевизија добиваат по 1,4 евра за еден прилог“, вели Јелена Ќосин.
Семејство или работа?
Можат ли новинарките да постигнат баланс помеѓу работата и животот?
„Тоа е многу тешко. Многу жени во Грција се присилени да изберат. Доколку немаат помош од нивните сопрузи и родители ситуацијата за нив е прилично комплицирана“, вели грчката новинарка Марија Константопулу.
Во Србија новинарките се соочуваат со недостаток на услови за да можат да ги носат децата во градинка. Таму рамнотежата помеѓу работата и домот е „вештина“, развиена од овие професионалци на индивидуално ниво и базирана на напор, но без голема помош од државата.
Од друга страна, во земји како Германија, новинарките можат да поминат многу време со своите деца користејќи „семејни одмори“, или да ги користат корпоративните градинки кои постојат во најголем дел од големите медиуми или во јавните сервиси. Проблемот, како и во повеќето земји е дупката во која се наоѓаат фриленсерите, кои не можат да ги уживаат истите бенефиции, како и професионалците кои работат во помали медиуми.
Оттука, очигледно е дека проблемите за новинарите во Европа се слични. Но, што се однесува до новинарките Европа како да е континент со две брзини: опасностите за слободата и интегритетот се многу посериозни во едни за разлика од други земји, и изгледа дека Европските институции итно треба да донесат регулатива која ќе овозможи стабилност за жените кои се посветени на една од најважните професии во демократските држави, и исто така, зошто да не речеме истовремено и една од најзлоупотребуваните.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.