Пишува: Сашко Димовски
Лажните вести се еден од главните проблеми од почетокот на постоењето на медиумите кои од секогаш се користеле како средство за пласирање на одредени информации со цел да се влијае врз свеста на публиката. Тие не се нов феномен, иако слободата на медиумите мора да важи за прв чекор кон демократија во едно општество. За да постои слобода на избор, мора да постои и слободен проток на информации. Луѓето мора да располагаат со сите информации и на тој начин да можат да размислуваат со своја глава и да донесат сопствен став или суд за некоја тема од општествен интерес, за тоа кому ќе веруваат, дали ќе излезат да гласаат на избори и кому ќе дадат доверба.
Денеска се соочуваме со ситуација во која медиумите стануваат пропагандно средство на разни политички партии, на економски центри на моќ, на велесили со геополитички амбиции, на завојувани страни, итн. Сопственоста во медиумите повеќе не е тајна и лесно се доаѓа до информација кој е газда во одреден медиум. Тоа се обично луѓе во спрега со владеачката структура што упатува на заклучок дека се соочуваме со ситуација на партиско сопствеништво на медиумите.
Медиумската пропаганда денеска и во времето на социјализмот е целосно поинаква. Таа денеска е многу побрутална и потврда. Она, пак, што во голема мера е променето во однос на власта кон медиумите е дека денес нема физички пресметки со новинарите, како што било чест случај во минатото, туку поизразени се психичкиот и економскиот притисок.
Колку е вложено за медиумска писменост, толку се враќа
Светот во изминатите две години беше исправен пред предизвикот да препознае што е точна, а што лажна вест или дезинформација, по појавата на ковид-19, а потоа и за вакцините, сега се соочува со нов – руската инвазија на Украина која е на прагот на петтиот месец (почна на 24 февруари).
„Сметам дека е клучно да правиме разлика меѓу ставови од една страна и на пропаганда од друга страна, лажни вести, теории на заговор и слично. Ова го велам затоа што многу е важно, особено во демократските системи, секоја личност да чувствува дека има и може да практикува право на личен став, мислење, вклучително ако се разликува од оној на мнозинството сограѓани или од мејнстримот. Ако ова го обезбедиме, тогаш веќе може да одиме чекор напред и да ја направиме разликата на личниот став/мислење од пропагандата“, смета Бојан Кордалов, комуниколог-специјалист за односи со јавност и нови медиуми.
Тоа, според него, значи дека ако кој било смета дека може масовно да шири ненаучни ставови кои, пак, несомнено директно можат и влијаат врз човековиот живот, здравје, слобода и слично, веќе навлегува во делот на лажните вести, теориите на заговор и сите други негативни појави кои имаат јасна цел да наштетат на демократскиот систем, одредена личност, јавна институција, општество, итн.
„На пример, ширењето на ненаучни информации дека ковид-19 всушност не постои, доведе стотици илјади луѓе во одреден период да не се тестираат на овој вирус или пак, да не примаат соодветна терапија, а дел од нив завршија со здравствени компликации или згаснување на човечки животи. Со други зборови, ова е само еден пример како секој облик на пропаганда влијае негативно врз демократијата и слободната економија, а тоа значи дека влијае негативно врз секој човек, секоја личност, во секоја земја. Независно каква определба или припадност по некое прашање имате“, додава Кордалов.
Тој смета дека има повеќе нивоа за заштита од пропаганда, од лажни вести и од дезинформации.
„На индивидуално ниво важно е секој од нас да го вклучи критичкото размислување, да ги проверуваме информациите и да расудуваме како слободни личности, водејќи се од моментно познатите научни факти. Истовремено, тоа треба да го рефлектираме и кај нашите деца, поттикнувајќи од најмали нозе да ни се спротивставуваат во разговорите, дебатите, да се чувствуваат слободно да изнесуваат сопствено мислење, со еден збор да практицираат креативно и критичко размислување. Така воспитувани и подоцна едуцирани деца во рамки на образовните системи стануваат отпорни на лажните вести за целиот свој живот“, нагласува Кордалов.
Во спротивно, потенцира Кордалов, ако градиме генерации на деца како до сега, на кои на секое љубопитно прашање им одговараме со „затоа што така реков“, „затоа што така пишува во книгата“, „затоа што јас сум ти наставник/чка и сѐ знам“… уште долго ќе се мачиме со ваквите теми и ќе бидеме, за жал, на дното на земји чии граѓани се отпорни на лажните вести.
„Кога доаѓаме до институциите, тие дефинитивно треба многу да направат, поаѓајќи првенствено од себе. Да бидат целосно отворени и транспарентни кон медиумите и, секако, кон граѓаните. Граѓанскиот сектор е потребно да се обедини на оваа тема и да придонесе за демистификација на терминот лажни вести со цел негово јасно препознавање од страна на секоја личност. Медиумите, пак, треба да продолжат со одличната работа која ја вршат. Тука во прв ред мислам на традиционалните медиуми, како и онлајн медиумите кои имаат свои редакции. Потсетувам дека да не се медиумите, нашето општество многу ќе назадува и не сум сигурен дали ќе може да опстои и на овој степен на демократија на кој се наоѓаме. Севкупно гледано, секој има своја улога во процесот која треба да ја преземе и само на тој начин може да има ефикасна борба со лажните вести и теории на заговор“, истакнува Кордалов.
Лажните вести и дезинформаци, според многумина домашни и странски аналитичари и експерти, се како рак-рана за демократските процеси во општествата и можат во голема мера да наштетат. Таквиот став го дели и Кордалов.
„Дезинформациите може да бидат многу штетни, но тоа може да се разбере само ако тие се демистифицираат и пластично се објасни која е нивната штета. Лажните вести во крајна линија секогаш ги таргетираат јавните институции (национални, регионални или меѓународни). Тоа се институции кои се платени со парите на граѓаните и компаниите, односно формирани заради граѓанските интереси. Секоја нивна дискредитација и намалување на довербата во јавните институции е директен удар и врз демократијата. Но, ваквата состојба дополнително ги обврзува вработените во јавните институции да бидат транспарентни, достапни и да бидат вистински сервис на луѓето и на компаниите, да бидат неселективни и департизирани, особено ако сакаат да дадат придонес во борбата со овие негативни феномени“, смета Кордалов.
Медиумската писменост на граѓаните е исклучително важна за отпорноста на едно општество на лажни вести и дезинформации.
„Ме погодува како човек кога политичарите или поедини јавни личности го навредуваат сопствениот народ со таква леснотија како воопшто да не се дел од него. Мојата основна теза е дека изминативе 30 години, како држава, како општество е нееднакво вложувано во граѓаните. Со наједноставни зборови, што сме вложиле, тоа ни се враќа. Писменоста на граѓаните е огледало на степенот на вложување на општеството во секој од нас. И затоа нефер е да се критикуваат граѓаните, туку во прв план да се засукаат ракави и да почне да се менува положбата во која тие живеат, работат, учат, функционираат. Според мене, одговорот на ова прашање е повеќе од незадоволен и крајно време е тоа да се промени, особено ако сакаме да изградиме општество отпорно на овие ризици и закани од лажните вести за кои зборуваме“, вели Кордалов.
Но, трендот на објавување и споделување на лажни вести се развива со развојот на технологијата. Па, денеска, како поддршка на текстуалната содржина, во подем се и „искривените“ видео материјали во кои неретко се монтираат аудио, видео записи и фотографии од различни настани за креација на целина позната како „deepfake“ технологија која треба да убеди широк аудиториум во интерес на одреден центар на политичка или воена моќ. И како такви, често навлекуваат на наседнување за нивната веродостојност и од тука се поставува прашањето дали може да се забележат и да се заобиколат.
„Ќе бидам искрен, само со правилна употреба на алгоритмите и севкупната вештачка интелигенција во овој процес. Борбата со негативните аспекти на технологијата во иднина се повеќе ќе вклучува напредни технологии. Од нас како човештво ќе зависи дали ќе успееме целокупната технологија да ја користиме во наша полза и за наши цели или, пак, постепено ќе стануваме нејзини робови. Со цел да не дојде до второво, неопходна е голема дигитална писменост и прилагодување на технолошките достигнувања, наместо давање на гол отпор и страв од новитетите“, укажува Кордалов.
Таквите процеси се присутни на социјалните мрежи, преку нив се преземаат и завршуваат во медиумите, но според Кордалов зад нив стојат поединци.
„Конкретни луѓе кои, би рекол, тоа го прават. Личности со има и презиме. Медиумите имаат јасна регулација и многу е тешко да креираат лажни вести, а истовремено во нив работат медиумски работници кои се професионални и одговорни кон заштита на јавниот интерес. Од друга страна, социјалните мрежи не се медиум во традиционална смисла на зборот и не креираат свои содржини. Тие се обичен, но многу развиен канал преку кој, исто така, луѓе (секој од нас) со име и презиме, пласира информации кои смета дека треба да ги каже или сподели. Неопходно е да се свртиме кон себе, кон личната одговорност и секако улогата на институциите во целиот процес на борба со лажните вести и теориите на заговор“, упатува Кордалов.
Општо распространета е тезата дека токму „deepfake“ технологијата има поголем ефект во ширење на нечија пропаганда, дезинформација или лажна вест во нечиј интерес за разлика од текстуалната содржина.
„Сметам дека се зависи од консументите, нивните предзнаења, преференции и начин на кој претпочитаат да ги добиваат информациите. Креаторите на лажни вести се креативни и ги испробуваат сите начини со цел да ја постигнат својата цел. Затоа е важно навреме да се реагира, да се биде многу проактивен со цел да се пресретне сето тоа. Но, за да се постигне ова неопходно е многу едукација, особено на одделите за односи со јавност во јавните институции. Тие од обични пишувачи на соопштенија и организирачи на прес конференции мора да прераснат во професионалци кои ќе ги препознаваат и имаат вештини за брзо справување со лажните вести“, заклучува Кордалов.
Решението за заштита од лажните вести е во образовниот систем
Во борбата против лажните вести треба да учествуваат сите. Новинарите да се трудат да пласираат точни и проверени информации во јавност, врз основа на кои луѓето ќе можат да носат важни животни одлуки, без некој да манипулира со нив. Од друга страна, пак, во време на социјалните мрежи и море од информации кои секојдневно се пласираат, слушателите, читателите и гледачите, или со еден збор публиката, треба да разликуваат лажни од вистински вести и да ги скратат кликовите на лажните вести.
„За жал не постои маст против лажни вести, ниту тие се какол меѓу здравата пченица, кој можеме да го истребиме ако го забележиме. Решението за заштита од дезинформациите, пропагандата и лагите е во образовниот систем. Вклучување на медиумската писменост во формалното образование, но, пред сè, создавање на систем кој ќе се базира на критичкото размислување“, нагласува Михајло Лахтов, директор на проектот на УСАИД за медиумска писменост “Младите размислуваат”.
Проектот на УСАИД за медиумска писменост, вели Лахтов, е посебен токму од тој аспект. Работи заедно со Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образованието и Државниот испитен центар, на внесување на медиумската писменост и критичкото размислување во наставните програми нa сите образовни нивоа, почнувајќи од прво одделение, низ средното образование, па до високото образование.
„Сметаме дека тоа е неизбежен и неопходен процес, да почнеме да создаваме медиумски писмени генерации. Зашто, само генерации кои ќе имаат аналитички пристап кон медиумските содржини и постојано ќе поставуваат прашања за тоа што го слушаат, гледаат и читаат, ќе бидат генерации отпорни на дезинформации“, потенцира Лахтов.
„Deepfake“ видеата се повлијателни од текстуална лажна вест
Ситуацијата во Украина е војна за Западот и украинските власти, а „специјална воена операција“ за Русија. И во тој контекст се пополнува медиумскиот простор и секоја од страните се држи до своите позиции од кои не отстапува.
„Различното именување на агресијата на една држава врз друга, во случајот на Русија врз Украина, само покажува дека луѓето кога станува збор за прифаќање на една инфомациија се водат од тоа „што сакам да слушнам“. Теоријата дека постои публика за се, денеска би рекла дека е модифицирано во – постои информација за секоја публика. Тоа добро го користат центрите на моќ кои креираат информации за потхранување на сопствените приврзаници, односно јавност. Војната во Украина само го покажа грдото лице на тоа кога се креираат информации и вести, не само за пропагаганда и придобивање на поголем дел од јавноста на своја страна, колку за да не се загуби дел од јавноста која ве поддржува“, вели новинарката Тамара Грнчароска, која долги години ја следи и известува за надворешната политика.
Според неа во моментот, за жал не постои начин за заштита од лажните вести.
„Со оглед дека се шират најмногу преку интернет просторот, тешко се контролира расејувањето на лажните вести, а со тоа и нивниот пристап до јавноста. Но, на индивидуално ниво може да се заштитиме од лажни вести со бирање и селектирање на медиумите на кои им веруваме и информациите кои ги објавуваат. Професионалните медиуми кај кои е наведен изворот на информацијата, кои не се повикуваат на неименувани и непознати извори, каде на веста е потпишан авторот и кај кои постои импресум е еден од појдовните критериуми на кои треба да се потпре јавноста во бирање на кому ќе му верува во морето на различни информации“, смета Грнчароска.
Таа се согласува дека лажните вести се штетни за демократските процеси во општеството и нагласува дека како такви можат да бидат и ретроградни.
„Секако дека се штетни. Лагите и невистините можат да креираат јавно мислење на недоверба во институциите и во политичките елити што може да предизвика ретроградни процеси во едно демократско општество. Иако се зголемува медиумската писменост, таа е далеку од задоволителна и не може да се каже дека граѓаните се медиумски писмени“, коментира Грнчароска.
Развојот на технологијата ги прави „deepfake“ видеата да се повлијателни од стандардната текстуална содржина.
„Deepfake“ видеата секако дека се повлијателни, бидејќи човекот секогаш се води од она што го видел да го перципира како вистина. Фотоманипулацијата одамна постои во јавниот простор, особено на социјалните мрежи и луѓето денес се малку повеќе свесни за фотомонтажите, додека „лажите видеа“ сè уште се „новитет“, особено ако едно видео кое е реално се стави во друг контекст, временски и локациски и веднаш станува лажна вест, што за обичните граѓани е потешко да го препознаат“, вели Грнчароска според која социјалните мрежи предничат во креирањето и дистрибуција на лажни вести.
Фото:Pixabay
Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.