ДОПИСНИЦИ: Дискриминирани во секој поглед

Датум

berberБез какви било обезбедени технички средства, без ограничено работно време, без слободни денови и со најнизок платен труд, дописниците од внатрешноста се „новинари од втор ред“ во македонските медиуми

Илчо Цветановски

Без потребната опрема за непречено извршување на работните обврски, речиси двојно помалку платени, споредено со новинарите во редакциите, седум дена во неделата на работа и без регулиран работен стаж. Вака накусо можат да се сумираат работните услови на дописниците од Тетово, a и од другите градови од земјата.

Репортерите во телевизиите немаат службени камери, па така дописници за различни национална телевизии делат иста камера. На новинарите во пишаните медиуми не им даваат фото-апарати, иако со секој текст бараат да обезбедат и фотографии. Порано биле ангажирани фотографи кои биле на терен заедно со дописниците, но сега не е така. На пример, од околу 60 новинари и медиумски работници, колку што има во Тетово, само неколкумина земаат иста или поголема плата од просечната плата на државно ниво. Сите останати имаат далеку помали плати. За да успеат на крајот од месецот да добијат приход од околу 20.000 денари, треба да работат за два до три медиуми истовремено, но само неколкумина успеваат во тоа.

По 150 денари од текст

Еден од нашите соговорници е новинар со огромно, речиси 50-годишно работно искуство. Во досегашната кариера работел за локална радио-станица и за неколку пишани медиуми. Сѐ уште е активен како дописник. Има своја архива во која води прецизна и педантна евидецнија на судски пресуди за кои пишувал, седници од локалната самоуправа, тефтер со листа на контакти, подредени по место на живеење.
Има тарифник за работа, а се хонорираат само објавените текстови, па така, во зависност од редакцијата, кратките вести се плаќаат од 150-250 денари, а темите од 600 до 1.000 денари. Но, најголемиот дел од објавите се тарифираат како кратки вести.

Вака наметнатото темпо на работа се одразува пред сѐ на квалитетот. Најголем проблем, како што вели, е кога поради некоординираност во редакцијата ќе го пратат да проследи настан, а потоа текстот нема да го објават.

Тој констатира дека и порано, во минатиот систем, но и денеска, дописниците работат во подеднакво лоши услови. Условите се далеку од достоинствени и неспоредливо полоши, отколку условите на новинарите во редакциите.

– Ние, дописниците, сме како слепи црева во редакциите. Ретко кога нѐ канат на новогодишни или други забави. Во овие 12 години како работам за овој весник само еднаш ме имаат покането на некаква забава. Нѐ третираат како второкласни новинари, немаме ист третман, а продукцијата ни е иста, ако не и поголема, истакнува тој.

– Иако немам ниту приближно исти услови како колегите во Скопје, месечно објавувам и по 60 прилози. За разлика од нив кои покриваат одредени сектори, ние, дописниците, известуваме за дневни настани, од спортски натпревари па сѐ до седници на локалната самоуправа, а истовремено работиме и на репортажи или новинарски осврти. Пишувам на машина за пишување, а од редакцијата ме немаат прашано ниту дали ми треба хартија, диктафон или друг потрошен материјал. А да не зборувам за секојдневни трошоци како гориво или амортизација за возилото, вели тој и додава дека неретко се случува трошоците да се повисоки од надоместокот за објавениот текст.

Друг новинар со 24 години работно искуство, од кои само девет години му се признаен работен стаж, истакнува дека од неговото досегашно искуство најголем проблем е работењето како хонорарец без решение за работа и без регулиран работен стаж. И тој користи свое возило во секојдневното извршување на работата. Работел за пишани медиуми и за телевизија. И во двата случаи од редакциите не му дале ниту камера ниту фото-апарат.

Три работни задачи за еден хонорар

Снимател со малку повеќе од 18 години работен стаж во локални и национални телевизии истакнува повеќе проблеми со кои се соочил во досегашната кариера. Покрај тоа што снима, од него се бара да биде и монтажер и возач, па така, истакнува тој, со една плата редакцијата добива тројца работници. Проблемите ги дели на оние од техничка и на оние од финансиска природа. Веќе две години користи сопствена камера, бидејќи таа што му ја дале од Телевизијата се расипала.

– И, ете, поправката или набавката на нова камера трае повеќе од две години. Уредничката вели: снајдете се, а техничкиот директор, пак, советува исто како таксистите и јас да купам своја камера и со неа да работам. Трошоци, амортизација, камера, компјутер, интернет, касети за снимање, сето ова треба да го купам од мојата плата, која е далеку пониска од просечната плата на државно ниво, вели тој.
Според него, колегите од Скопје, покрај тоа што немаата вакви проблеми, имаат и двојно поголеми плати за иста работа и ист квалитет. По долги натегања, позајмување камера од колеги, приморан бил да позајми пари и да купи сопствена камера.

– Бараат од нас да бидеме подготвени за работа кој било ден во кое било време, а не ни даваат ниту основни средства за работа. Сѐ што користам во моментов е мое, немам ништо од Телевизијата. Моја камера, статив, кабли, компјутер за монтирање, интернет, возило и ред други работи, констатира тој.

Исто така, голем проблем е и тоа што телевизиите не плаќаат за амортизација на возилата, а доцнат и по неколку месеци со враќање на потрошените пари за гориво. Им исплаќаат по 600 денари за секои изминати сто километри, а евентуална поправка на автомобилот е на сопствен трошок.

Според него, најтешко минуваат дописниците кои единствено работат во националните медиуми. Истакнува дека кога работел во редакција во локална телевизија немало потреба да оди на снимање со сопствено возило, ниту пак, да плаќа за гориво или да мора да купува камера. Но, кога почнал да работи самостојно, сите овие проблеми испливале на површина. Покрај тоа што морал лично да ги обезбеди сите технички средства за работа, морал да извршува работни задачи за тројца работници – снимател, монтажер и возач.

– Се сеќавам на еден инцидент кој најсликовито би ја опишал дрскоста на уредниците и нашата немоќ. Требаше да се оди на снимање во Маврово, а од Телевизија не ми платија трошоци за гориво и патарина за повеќе од четири месеци. Уредничката прво ѝ се јави на колешката со која работам, а потоа и мене. Веднаш ѝ реков дека не можам да одам на снимање надвор од Тетово, бидејќи немам пари за гориво. Таа, без да ме сослуша до крај, само ми рече; мораш да одиш на терен и затвори телефон. По половина час повторно се јави да провери дали сме излегле на терен, и повторно ѝ кажав дека немам пари за гориво. Сега ме сослуша до крај, а кога завршив, ме обвини дека не сакам да работам и ја спушти слушалката. По некое време се јави и по трет пат за да ми каже дека половина од заостанатите трошоци ми се исплатени. И’ одговорив дека веднаш одам до банка да ги земам парите, па на бензинска пумпа да наточам гориво. Пред да го затвори телефонот само ми рече дека е сигурна оти парите не биле проблем. Не ти се работи, ми рече – вели нашиот соговорник.

Според него, сето ова лошо се одразува на мотивираноста за работа. Истакнува дека ако нешто научил досега, тоа е дека што повеќе се труди, повеќе го малтретираат. Исто така, вели дека голем проблем е тоа што немаат слободен ден. И покрај тоа што секој ден нема настани, постојано мораат да бидат на готовс, спремни да излезат на терен, а поради тоа не можат ништо да планираат, бидејќи не знаат кога би имало, а кога би немало дневен настан за снимање.
– Постојано сме на работа, а ако треба да земеш слободен ден, тогаш мораш да се договориш со некој од снимателите од другите телевизии да те заменат тој ден. Така односот со колегите се сведува на размена на услуги, вели тој.

Квантитет место квалитет

Помлад новинар, со 12 години работен стаж, кој, покрај локалната и една национална телевизија, работи и за весник, радио и интернет-страница, истакнува дека националната телевизија за која работи не му нуди ништо од технички услови, но затоа пак и не бараат многу.

– Велат, работи толку колку што ти дозволуваат условите во локалната телевизија. Таквиот однос влијае и врз хонорарот, бидеќи локалната телевизија зема дел од хонорарот како надоместок за техничките средства што ги користиме. Потребно е да работам за три медиуми за да успеам да заработам солидна просечна плата, вели тој.

Исто така, и според него, еден од главните проблеми е тоа што нема слободен ден. Истакнува дека треба да е подготвен да излезе на терен кој било ден од неделата.

– Во зависност од медиумот, третманот кон дописниците може и да варира, да биде или подобар или полош. Но, главно на нас гледаат како на надворешни соработници, а не како на дел од тимот. И така, трчајќи по квантитет, неретко страда квалитетот на финалниот производ, заклучува на крајот од разговорот.

Поранешен новинар со седумгодишно искуство истакнува дека лошите услови за работа, ниската плата и бесперспективноста се главните причини поради кои не работи повеќе како новинар.

– Условите беа лоши. Диктафон си купив сам, а ни дадоа само една касета за целиот период додека бев таму – вели тој.

Сега работи во сосема друг сектор, каде, како што истакнува, во извршувањето на работните задачи нема веќе проблеми од техничка природа.
Помлад колега со осумгодишно искуство во телевизиското и интернет новинарство истакнува дека не се соочува со проблеми, бидејќи работи и за локална телевизија од каде што зема камера, возило и останати потребни технички средства за работа. Најголем проблем е тоа што не е осигуран, работи како хонорарец со договор на дело, а исто така проблем му се и слободните денови.

– Ние сме „тезгаџии“ и сѐ зависи од тоа како и колку ќе успееш да се договориш и испазариш. Немаме никакви загарантирани права, дециден е тој.

Новинарка со седумгодишно телевизиско и радио искуство вели дека од техничка гледна точка најтешко е да се работи за телевизија. Додека работела за радио ѝ дале диктафон и ѝ било далеку полесно, но сега работи во локална телевизија, каде што покрај неа има уште еден дописник за национална ТВ станица, а имаат само една камера.

– Вкупно сме петмина новинари и двајца сниматели, а имаме само една камера. Кога треба да се договориме за снимање, приоритет има локалната телевизија, па потоа ние. Поради тоа што немам своја камера, не можам да закажам снимање кога можам или кога сакам јас, ниту пак, да планирам некои прилози кои за изработка бараат повеќе време. Целата оваа состојба лошо се рефлектира врз мене и мојата работа. Не знам каде, ниту дали можам да се пожалам, да побарам помош, а искрено и не гледам излез од моменталнава состојба, вели таа.

Нејзиниот договор е следен. Работи бесплатно за локалната телевизија, која за возврат и’ ја дава камерата на користење, а единствено е платена од националната станица која дава хонорар само за неа и тоа 600 денари за објавен прилог. Не плаќаат снимател, ниту монтажер, не даваат ниту пари за превоз и останати трошоци. Нејзиниот колега, со кого ја делат единствената камера од локалната телевизија, има седум години работно искуство и тоа за ТВ, радио, интернет и весник.

– Немам добиено ништо од националната телевизија за која работам. Ништо ми немаат дадено. Ниту телефон, ниту камера, статив, микрофон, автомобил, лаптоп или компјутер за монтирање. Ретко кога признаваат трошоци и сѐ си плаќаш од платата. Поради сето ова не можеш да дадеш максимум од себе и наместо да размислуваш за прилогот, како креативно да го обмислиш, да направиш истражување за да имаш информации пред да излезеш на терен, јас морам сѐ да организирам. Да ја договорам камерата, потоа да обезбедам превоз, да договорам соговорници. Порано, од телевизијата за која работев претходно, а сега е затворена, ни дадоа мала хенди камера, но денеска техничките ресурси треба сам да ги обезбедам. Креативноста се губи на организирање, дециден е тој. И покрај тоа што не му обезбедиле ниту минимум средства за работа, вината за ненавремено завршената работа уредниците ја префрлаат само на дописникот и не прифаќаат никаков изговор од техничка природа.
Неговиот снимател и монтажер, кој е со двегодишно искуство, и исто како него работи за локална и национална телевизија, вели дека поради тоа што немаат камера не можат на време да стигнат со исполнување на работните задачи. Снимаат и за локалната телевизија од која ги користат техничките средства и за националната од каде што земаат хонорар.

– Не можеме да стигнеме да ги исполниме сите задачи, а тоа нѐ фрустрира, иако ние се трудиме да бидеме максимално професионални, вели тој.

Уредничка во локална станица, со 27-годишно новинарско искуство на сите медиумски платформи, вели дека телевизијата порано била многу подобро опремена, но како што минува времето опремата се амортизира, а средства за нова нема.

– Таквата состојба создава проблеми и се рефлектира на покриеноста на настаните. Дел од темите не можеме да ги покриеме, а селекцијата на што да се оди, а на што не, е строга. Неретко мораме да разменуваме снимки со други телевизии или дописнички екипи за да успееме да покриеме што повеќе настани, истакнува таа.

Инсистирање на анонимност

Симптоматично е и тоа што сите новинари што прифатија да зборуваат на оваа тема, инсистираа да останат анонимни. Тешко се одлучуваа да зборуваат, бидејќи, како што велат, не веруваат дека било што би се променило во блиска иднина.

***

Правен коментар

Ваквите супстандардни услови за работа на кои се изложени дописниците од внатрешноста на Македонија се косат со елементарното човеково право на достоинствена работа. Ова важно економско-социјално право е загарантирано со најзначајните меѓународно-правни акти, конвенции и декларации признати во цивилизираните општества. Имено, во оваа прилика ќе посочиме дека во овие случаи директно се кршат неколку клучни членови од Универзалната декларација за правата на човекот (1948) донесена од страна на Обединетите нации, каде што Република Македонија е полноправна земја-членка од 1993 година. На пример, во УДПЧ, меѓу другото, се вели дека „секој, како член на општеството, има право на социјално осигурување и право да остварува стопански, општествени и културни права нужни за своето достоинство и за слободен развој на својата личност“ (чл. 22); a, исто така, се гарантира дека „секој има право на работа, на слободен избор при вработување, на праведни и задоволителни услови за работа и на заштита од невработеност. Секој, без никаква дискриминација, има право на еднаква плата за еднаков труд. Секој еден кој работи има право на праведна и задоволувачка надокнада која, нему и на неговото семејство, му обезбедува егзистенција која им одговара на човековото достоинство и која, доколку биде потребно, ќе биде надополнета со други средства од социјалната заштита“ (чл. 23). Понатаму, изрично се вели дека „секој има право на одмор и разонода, вклучувајки го и разумното ограничување на работното време и повремените платени одмори“ (чл. 24); и, конечно, дека „секој има право на животен стандард кој му обезбедува здравје и благосостојба, нему и на неговото семејство…“ (чл. 25). Значајно е и тоа што ниту една одредба од оваа Декларација не може да се толкува како право за која било држава, група или лице да врши каква било дејност или работа насочена кон уривање на правата и слободите што се содржани во неа (чл. 30).
Во иднина би требало да се најде начин како овие дописници да се вклучат во легалниот „пазар на труд“. Тоа, согласно постојната трудово-правна регулатива, најбезболно би можело да се изведе на тој начин што медиумските куќи кои имаат национална концесија би биле обврзани, како услов за добивање на концесијата – со својата дописничка мрежа од внатрешноста – да имаат склучени некои од постојните видови договори за работа предвидени во актуелниот ЗРО (на пример: договор за работа со неполно работно време – т.н. part time job; договор за вработување со скратено работно време кај повеќе работодавачи – т.н. двоен работен однос; договор за вршење работа дома и сл.).

Останати
објави

Сподели на...