Гугл со нов алгоритам за да го поттикне оригиналното новинарство

Датум

„Оргиналните и аналитичките“ текстови ќе се прикажуваат појасно во резултатите.

Гугл ги прилагоди своите алгоритми за да ги промовира новинарските статии кои ги смета за „значајно оригинално известување“, ова е најновиот потег за поддршка на новинарството, по долгогодишните критики кон компанијата за нејзината улога во падот на индустријата, пишува Патриша Нилсон за „Фајненшл тајмс“.

Најпопуларниот светски пребарувач во четвртокот изјави дека сториите што обезбедуваат „оригинални и длабински“ информации и за кои е потребен „висок степен на вештина, време и напор“ ќе бидат искачени на врвот во резултатите и „можат да останат во видна позиција подолго време“.

Гугл, како и неговиот дигитален ривал Фејсбук, долго време се соочуваа со непријателство од делови на медиумската индустрија, од каде беа обвинети дека го поттикнуваат ловењето кликови, лажните вести и „лукавството“ – набрзина препишувани стории без оригинално известување. Сепак, повиците за промени во високо профитабилниот пребарувач претходно беа одбивани.

Пребарувачот на компанијата сортира милиони веб-страници, видеа и вести додадени на интернет секој ден, помаѓајќи им на корисниците да најдат релевантни фрагменти од информации, додека се здобиваат со податоци за нивното однесување, што го направи Гугл гигант на пазарот за дигитално рекламирање од 330 милијарди американски долари.

Компанијата побара од приближно 10.000 луѓе да гласаат, луѓе кои ја гледаат содржината промовирана од Гугл пребарувачот, со цел да помогнат во прилагодувањето на алгоритмите. Да ја земат во предвид оригиналноста на известувањето, како и целокупната репутација на издавачот и дали издавачот има освоено награди за новинарство како на пример наградата Пулицер.

Ричард Гинграс, шеф на вестите на Гугл, рече дека компанијата сака „да ги поддржи напорите во индустријата (да спроведува истражувачки приказни) и да им помогне на луѓето да добијат пристап до најавторитетните известувања“.

„Во денешниот свет на брзи вести, првичното известување за некоја тема не секогаш останува на површината доволно долго (…) за и другите медиуми да можат да се приклучат последователно и да ја покријат сторијата“, рече тој. „Ова може да им отежне на корисниците кои се обидуваат да ја најдат првичната сторија.“

Но, Гинграс рече дека компанијата не се обидува да создаде „апсолутна дефиниција на оригиналното известување“, додавајќи дека тоа може да значи „различни работи на различни редакции и издавачи во различни периоди на време“.

„Односот помеѓу издавачите и Гугл со тек на време стана се по непријателски“, вели Селин Сатурнино, главен трговски службеник во агенцијата за планирање „Тотал Медиа“, додавајќи дека највата на Гугл е потег што „ќе им овозможи на издавачите поголем удел во сложената и конкурентна новинска средина.“

Таа, исто така, рече дека се надева оти промената ќе доведе до повеќе комерцијално остварливи деловни модели кои ќе овозможат оригинално известување.

Џозеф Еванс од „Ендерс Аналисис“ рече: „Пребарувачот е моторот на приходите на Гугл, што значи дека тимот што стои зад тоа има многу моќ и може да ги спречи внатрешните обиди да се замешаат со алгоритмите“.

„Овој потег е насочен кон справување со долгодишните поплаки дека инстантното објавување преку интернет го отстранува поттикот издавачите да инвестираат во оригиналното известување затоа што секој може да ја има приказната веднаш“, рече тој.

 

 

 

 

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

Останати
објави

Сподели на...