Пронаоѓање и казнување на сторителот кој нападнал новинар или новинарска екипа за време на нивната работа во Македонија е реткост. За среќа минатата година имаше и судска завршница за случајот во кој беше нападната екипата на „А1он“ за време на протест во февруари 2017 година. Сторителот доби казна од шест месеци затвор, а нападнатите новинари доживотни трауми. Во овој број на публикацијата „Новинарството како јавно добро“ разговаравме со нападнатиот снимател Влатко Желчески кој опишува како се случил настанот и какви последици оставил врз него.
Разговараше: Мери Јордановска
Како се случи нападот, што точно се случи таа вечер?
Нападот се случи на 28 февруари 2017 година, на вториот ден од протестите што ги организираше „За Македонија Заедно, односно ВМРО ДПМНЕ. По завршувањето на протестот, главните организатори беа спроти Собранието и таму даваа изјави. Ние тргнавме кон нашата канцеларија која тогаш беше на самиот плоштад. Бев со мојот колега и новинар Александар Тодевски, пред самиот влез на Триумфална капија гореа факли, а одозгора имаше деца кои фрлаа пари со испринтани ликови на членови од СДСМ. Сакавме да ги снимиме флаерите, па му реков на мојот колега да се наведне за да ги нареди. Тогаш кон нас се упатија двајца, прво кон Александар и го прашаа „кои сте вие и зошто снимате“. Тој им рече „не е ваша работа“, а јас продолжив да снимам и да документирам. Следно нешто што почуствував беше бокс во главата. Паднав во бессознание, а потоа кога се освестив прво нешто на што помислив е каде ми е камерата. Во тој момент ја барав наоколу бидејќи на сите страни беа расфрлани делови. Со помош на неколу луѓе кои притрчаа да ни пружат помош, ја собрав камерата, но повторно изгубив свест. Следно нешто на што се сеќавам е дека покрај клупата кај Триумфалната капија луѓе истураа вода врз мене за да ме освестат.
Ситуацијата дополнително беше чудна затоа што цело време слушав различни гласови. Некои прашуваа „Што се случи?“, а други викаа: „Арно им се случи“. Тој момент беше морничав. Тука би дополнил дека кога се случи нападот, околу нас немаше никаква полициска заштита.
Дали ти ги виде и препозна напаѓачите?
Не ги видов. Немав можност да ги видам затоа што јас бев наведнат камерата надолу, за да снимам работи на земја. Се што знам е дека беа двајца, а мојот колега Александар ги виде кои беа.
Што се случи подоцна, беше ли повикана Брза помош?
Да. Јас имав многу слаби отчукувања на срце и низок притисок, а колегата обратно, тахикардии, односно пулс кој надминуваше 200 отчукувања на срцето. Се сеќавам дека дојдоа многу новинарски екипи. Тогаш го замолив Александар да го земе телефонот и да ѕвони дома, да им каже дека се е во ред и дека нема проблем со нас. Тогаш повторно изгубив свест, ми дадоа некаква инекција за смирување и следно што се сеќавам е дека ме пренесуваат во Клиничкиот центар. Тогаш најголем проблем ми беа преголемата гужва и светлата.
Какви повреди беа утврдени?
Кај мене беше утврдено дека имам потрес на мозокот, а имав локални повреди од падот, но не беше ништо страшно. Ги премолив докторите вечерта да си одам дома, иако тие инсистираа дека треба да останам и вечерта. Сепак ме пуштија. Зачудувачки, откако дојдов дома имав огромен проблем со памтење и размислување. Минимум пет дена не можев да погледнам ниту во компјутер, ниту во телефон, ниту во телевизор, а мојата концентрација не траеше повеќе од 5 до 10 секунди. Дури и кога ме прашуваа што сакам за јадење, јас гледав во нив, мачно ми беше дури и да констатирам што ме прашуваат. Светлина исто ми пречеше ужасно. Знам дека после третиот, четвртиот ден кога требаше да одиме на контрола во болница, морав да носам наочари. На мозокот му требаше долго време да се врати во нормален ритам.
По колку време успеа да се вратиш во нормала?
Иако на мое инсистирање набрзина сакав да се вратам на работа, да продолжи се како што било,требаше да помине минимум една недела за да можам да продолжам со извршување на обврските. Воопшто не ми беше сеедно кога се вратив на работа и на терен. Секој момент помислуваш дали некој одзади нешто би ти дофрлил, би ти рекол, би те удрил, бидејќи таков беше и нападот, подмолен. Секој друг напад би бил поедноставен, ако си подготвен. Ако ги видиш, знаеш да се стегнеш, да се подготвиш. Но, вака, со удар одзади, ненадејно, и последиците беа поголеми.
Кој ги идентификуваше напаѓачите?
Во тој момент, наши колеги, фоторепортери на некој начин го документираа бегството на напаѓачите. Тоа беше еден од доказите, а други докази беа неколку камери во околината. Напаѓачите после Триумфалната капија заминале накај ГТЦ, каде што исто беа идентификувани на неколку камери. Но, од двајцата напаѓачи, само едниот беше изведен пред суд. Другиот, дали во недостиг на докази, или нешто друго, не беше покренато обвинение и за него не се знае ништо.
Се соочи ли со напаѓачот?
Да, се соочивме на суд на првото рочиште. Само првиот пат бев присутен, на другите рочишта не бев, не сакав да бидам присутен. На крај само ја дознавме пресудата, дека казната е шест месеци затвор. Потоа, Апелациониот суд ја потврди оваа пресуда, и во април годинава не известија дека ова лице е во затвор за да ја отслужи казната.
Како се осети кога се соочивте? Го познаваш ли тој човек од претходно?
Да, да, го познавам. Дури на суд беше интересно, тој ја кажува адресата, јас ја кажувам адресата и сфаќам дека живееме на иста улица, само на различни броеви, со разлика од неколку живеалишта. По нападот го гледав многупати со неговата сопруга, со неговото дете. Во тие моменти јас не реагирав.
Какво беше чувството кога го гледаше?
Непријатно, секако.
Ти се извини ли некогаш?
Не, немавме можност.
А што изјави пред судот, зошто ве нападнал?
Немаше никаква изјава, немаше никаква одбрана, немаше никаква комуникација, немаше ни адвокат кој мене би ми поставил некакво прашање, единствено јас прашав. Мене не ми беше битно кој е извршителот, мене многу ми беше побитно кој е нарачателот. На тоа не добив одговор.
После две години, чувствуваш ли притисок, страв кога си на терен? Дали влијаеше тоа во твојата работа?
Во почетокот да, ама потоа… љубовта во работата, ги игнорираш тие моменти. Малку си повнимателен во одредени ситуации на функционирање, ама продолжуваш понатаму.
Задоволен ли си како изреагираа институциите во целиот овој случај?
Во тој момент, заради тие политички ситуации, малку беше проблем. Нападот се случи пред променар на власта.
Но, воглавно се беше во ред, затоа што и полицијата изреагира во тој момент. Знам дека истиот ден имаше напад на дете во автобус кај Веро Џамбо. Ние пред него бевме процесуирани, заради притисокот на новинарите од другите телевизии.
Имаше ли поддршка од колегите?
Од колегите имаше голема поддршка во тие моменти, па дури и регионална поддршка. И затоа уште вечерта не процесуираа, после неколку дена бевме во полиција, дававме изјави а потоа бевме повикани и во обвинителството. Судењето почна околу една година по нападот. Дали тоа е нормално време, тоа не знам. Сепак се процесуираше, сепак заврши судскиот процес и напаѓачот е во затвор. Единствен проблем тогаш беше што инспекторот ни кажа дека има притисоци од двете страни – и да се забатали работата и да биде независна работата. Тој рече дека нему најбитно му е да ги достави сите докази што ги има до обвинителство, а понатаму мислам дека се беше коректно.
Значи сепак во случајот повторно се вмешала политиката?
Па разбравме и дека командантот на полицијата им имал наредено на полицајците да не ги бркаат напаѓачите. Тој изгледа сакаше да го прикрие цел настан, но кога го дознавме тоа, побаравме записници од полициската станица Беко. Таму ни кажаа дека моментално не работи системот за снимање на разговори помеѓу радио-станиците. Тоа беше малку чуден период во државата поради политичката криза, па претпоставувам оттаму настанаа и овие притисоци.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.
“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија”