Истражувањето на ССНМ покажува дека мобингот е треторангиран начин за притисок врз новинарите и медиумските работници, веднаш зад економско социјалните притисоци (плата, отказ) и цензурата.
Но што е мобинг? Дали секоја непријатна и неквалитетна комуникација со претпоставените е мобинг? За тоа како да се препознае и што треба да знае секоја жртва на мобинг разговаравме со магистер Маја Ристова, правен советник и тренер за мобинг.
-Терминот „mobbing“ најчесто се употребува во шведската, германската и италијанската литература, додека во земјите од англиското говорно подрачје се употребува терминот “bullying”. Во нашата држава правната терминологија за зборот мобинг го користи терминот „вознемирување на работното место”, а ги опфаќа психичкото и половото вознемирување на работното место. Психичко вознемирување на работно место е секое негативно однесување од поединец или група кое се повторува, континуирано и систематски, претставува повреда на достоинството, интегритетот, угледот и честа на вработениот и предизвикува чувство на страв или создава непријатност, пониженост, чија крајна цел може да биде повреда на физичкото и менталното здравје, компромитирање на професионалната иднина на вработениот, престанок на работниот однос или напуштање на работното место. Полово вознемирување е секое вербално, невербално или физичко однесување од полов карактер, кое има за цел или претставува повреда на достоинството на кандидатот за вработување или на вработениот, а кое предизвикува чувство на страв или создава непријатност и пониженост.
ССНМ: Кои се разликите меѓу лош менаџер и оној кој што врши мобинг (популарно наречен „мобер”)?
Лошиот менаџер може лошо да менаџира, но не мора да значи дека и мобира. На лошиот менаџер му недостасува способност за исполнување на одредена улога. Лошиот менаџер може лошо и погрешно да делегира одредени работни задачи, може премалку или премногу да очекува од своите вработени, може да има променливо и непредвидено расположение, но не мора да значи дека врши мобинг, туку ваков тип на менаџер со своето однесување и одлучување ги претвора вработените во незадоволни и немотивирани, а со тоа дирекно влијае кон намалување на профитот на една компанија. Ваков тип на вработени, и последицата-намалување на профит на една компанија, се јавуваат и во мобинг случаите, но како што кажав погоре, не секогаш лошиот менаџер е и мобер. Ситуации каде лоши менаџери вршат мобинг се познати во таканаречениот „стратешки мобинг” каде менаџерите организирано мобираат одредени лица кои се непожелни, за тие сами да дадат отказ без да бараат испратнина, отштета и сл.
ССНМ: Дали секоја непријатна ситуација на работното место е мобинг, како да се детектира?
Не. Секоја непријатна ситуација и секој стрес на работното место, не е мобинг. Давањето на дополнителни задачи, поголемиот обем на работа и промена во раководството, не значи дека вработените се мобирани. Често луѓето, секојдневните и многубројни работни обврски, прекувремената работа и слично, ги декларираат како мобинг. Тоа значи дека се јавува ситуација на различно и субјективно доживување на мобингот, односно се јавува ситуација на однесување што за некој може да е мобинг, но за друг не. Овде е особено важно и да се препознаат лицата со психички сензации-хиперсензибилни лица кои независно од работната средина и атмосефера се наклонети кон депресија и лесно се навредуваат…за овој тип на луѓе секое однесување на другиот вработен може да е мобинг. Би кажала дека мобингот е специфична појава која може да се „дијагностицира” само ако одблиску и суштински индивидуално се пристапи кон секој случај посебно. Затоа што, да речеме, неплатена прекувремена работа во еден случај е класична повреда на Законот за работните односи и е постапка од работен спор, а не мобинг, но во друг случај, во ситуација кога имаме често навредување и омаловажување, дискриминирање, давање на бесмислени работни задачи, неплатена прекувремена работа, влевање страв, вербално однесување од полов карактер и слично, према одреден вработен, дефинитивно се работи за мобинг.
За да постои мобинг потребно е лицето да било психички и/или полово вознемирувано, односно, да се работи за вознемирување во смисла на повреда на честа, достоинството и угледот на вработениот преку понижување, навредување и омаловажување, да постои нарушено психофизичко здравје или изгледи за нарушување на истото, кое не постоело претходно, а ако постоело, истото се зголемило (ова е дискутабилно, потребно е медицинско вештачење). Исто така потребна е континуираност во постапките со кои се врши мобингот, односно повторување (пр.еднаш до неколку пати седмично), се со цел вработениот сам да го напушти работното место, а во многу слуачаи да се демотивира вработениот и наруши неговата професионалната иднина и здравје. И на крај за да за сето ова кажеме дека е мобинг потребно е однесувањата кои се сметаат за психичко, односно, полово вознемирување да не престанале и по писменото предупредување од страна на вознемируваното лице дека му пречи однесувањето на вршителот на вознемирувањето и дека ќе го смета за вознемирување на работно место.
ССНМ: Какви последици врз работникот остава мобингот?
Долготрајната изложеност на мобинг секогаш води до сериозни здравствени последици кај жртвата, вклучувајќи и зголемен ризик од развој на телесни и психички болести, како и нарушувања во однесувањето. Од телесни нарушувања кај жртвите забележани се: хроничен замор, прекумерна или намалена тежина и намален имунитет; од психички нарушувања: депресивно расположение, емоционална празнина, отсуство на мотивација и ентузијазам, несоница, зголемена потреба од алкохол, цигари, седативи; од нарушувања во однесувањето: расеаност и заборавеност, бесчуствотелност или преголема чувствителност, експлозивност, грубост, семејни проблеми, развод, самоубиство. Здравствените последици водат до боледувања (апстентизам), напуштање на работното место или добивање на отказ, што од друга страна значи дека настануваат и економски последици од мобинг случаите.
ССНМ: Што треба да направи работникот во случаи на мобинг, кои чекори да ги преземе, кои докази да ги приложи?
-Законот за заштита од вознемирување на работното место предвидува да секој кој се чувствува дека е вознемируван на работното место, писмено да се обрати до оној кој вознемирува со таканаречено „Писмено предупредување” со кое ќе му укаже дека неговото однесување е несоодветно, неприфатливо и несакано, а со цел решавање на спорната состојба, односно случај без поведување на постапка за заштита од вознемирување на работно место, како и да го предупреди моберот дека ќе побара законска заштита ако таквото однесување веднаш не престане. Освен тоа, жртвата пред поднесување на тужба пред надлежен суд може да поднесе и „Барање за заштита од вознемирување на работното место” до работодавачот, во кое ќе наведе негови податоци, и податоци за оној кој вознемирувал, како и нивните работни позиции, краток опис на однесувањето за кое оправдано се смета дека претставува вознемирување на работно место, траење и зачестеност на однесувањата кои се сметаат за вознемирување на работно место, како и датумот кога последен пат е извршено тоа однесување и наведување на факти и докази. Оваа постапка е позната како постапка на посредување, која е интерна и со цел брзо, мирно и вонсудски решавање на спорот.
Што се однесува пак до доказен материјал, се препорачува водење на мобинг дневник, односно систематско запишување на сите податоци за мобингот со колку што е можно повеќе детали, како што се датумот и времето на настаните, имињата на сведоците, исходот од настанот. Препорачливо е и обраќање на психолог и психијатар, и континуирано следење на здравствената состојба, со обезбедување на копии од медицинската документација. Понатаму, задолжително да се чува секој материјален доказ, како копии од дописи, поднесоци, електронска пошта, смс пораки, и друго.
ССНМ: Дали постои отворена Канцеларија за прва помош, првични механизми на делување, советување и едукација или било која друга институција каде можат да се обратат жртвите?
Во Сојузот на синдикатите на Р.Македонија постоеше Канцеларија за помош и едукација на жртвите на мобинг, која за жал веќе една година не работи, но тимот од истата, во која бев и јас, веќе е во преговори со неколку гранкови синдикати, од и вон ССМ, за да оваа канцеларија продолжи со работа, од причини што истата нудеше редовна и бесплатна правно-советодавна помош на сите граѓани на Р.Македонија (кои се чувствуваат како жртви на мобинг), а чија посетеност беше навистина голема. Во меѓувреме нашата помош ја пружаме онлајн на фејсбук страната “Мобинг СТОП”. Инаку, постојат и други канцеларии кои претпоставувам дека работат на сличен принцип, а сигурна сум дека заинтересираните можат да најдат повеќе информации на интернет. Што се однесува до советување и едукација, јас до денес, индивидуално и со мојот тим од канцеларијата редовно едуцирам на оваа тема преку бројни семинари, обуки и конференции, во зависност од потребата на компаниите или синдикалните организации кои ме/не ангажираат.
Маргарита Василева ССНМ