Како Финска победува во војната против лажните вести?

Датум

Она што е научено од примерот на оваа скандинавска земја може да биде клучно за западната демократија, репортажа на Си-Ен-Ен за успешната борба на Финска против лажните вести

Хелсинки, Финска (Си-Ен-Ен) – Неодамна во Хелсинки група на студенти се собра за да слуша предавање за предмет кој најчесто е далеку од наставната програма во повеќето колеџи.

Стоејќи пред таблата во училницата во Еспо – образовен центар за возрасни, Јуси Тоиванен ја објаснуваше својата презентација. Слајдот насловен како „Дали сте биле мета на Руската армија тролови?“ вклучуваше и листа на методи кои се користат за измама на читателите на социјалните мрежи: манипулации со фотографии и видеа, полу-вистини, заплашувања и лажни профили.

Друг слајд, вклучуваше графикон од твитер профил, кој објаснуваше како да се идентификуваат ботови, како да се откриваат сериски фотографии и слично. Да се утврдува бројот на постови дневно, како да се откриваат неконзистентни преводи и недостаток на лични податоци.

Лекцијата заврши со многу реално, но изманипулирано видео и аудио од Барак Обама за да се потцртаат претстојните предизвици во војната со дезинформации.

Курсот е дел од инцијативата за борба против лажните вести почната од финската влада во 2014 година, две години пред Русија да се замеша во изборите во САД, која вклучува обучување на жителите, студентите, новинарите и политичарите како да се борат против лажните информации дизајнирани да создаваат поделби.

Иницијативата е само еден дел од разноврсен, меѓусекторски пристап кој го организира државата за да ги подготви граѓаните од сите возрасти за сложениот дигитален контекст денес, но и во иднина. Нордиската земја која дели 1.338 километри долга граница со Русија, е сосема свесна за се што може да се случи ако не преземе ништо.

Финска се соочува со пропаганда поддржана од Кремљ уште од прогласувањето независност од Русија пред 101 година. Но, во 2014 година, откако Москва го анектираше Крим и ги поддржа бунтовниците во источна Украина, стана јасно дека фронтот се прошири – војната со информации се пресели во интернет просторот.

Шефот на оделот за комуникации на премиерот, Тоиванен, вели дека е тешко да се утврди точниот број на дезинформации кои биле насочени кон земјата во последниве години, но повеќе се насочени на прашања како што се имиграцијата, Европската Унија, или дали Финска треба да стане полноправна членка на НАТО, нешто на кое Русија воопшто не гледа со наклонетост.

Кога во 2015 година тролањето доживеа кулминација, Претседателот Саули Ниинисто го повика секој Финец да преземе одговорност во борбата против лажните информации. Една година подоцна, Финска донесе американски експерти за да ги советуваат властите како да препознаваат лажни вести, да разберат зошто одредена вест станува вирална и да развијат стратегии како да се борат против лажните вести. Образовниот систем исто така беше реформиран за да се истакне критичкото мислење.

Иако е тешко да се мерат резултатите, изгледа како пристапот да функционира, па сега и други земји гледаат на Финска како на пример за тоа како да се победи во војната против дезинформациите.

„Ова не е проблем само на владата, целото општество е нападнато. Ние го работиме нашето, но задача на секого е да ја штити финската демократија. Првата линија на одбрана се воспитувачките во градинките,“ вели Тоиванен.

Издвојување на фактите од лагите

Во француско-финското училиште во Хелсинки, двојазична државна институција, оваа философија е сфатена сериозно.

На часот за општествени студии на Валентина Уито група десеттооделенци дебатираа за тоа кои ќе бидат клучните прашања на изборите за Европскиот парламент. Брексит, имиграцијата, безбедноста и економијата беа споменати при серија кренати раце пред студентите да бидат прашани да изберат тема за анализа.

„Тие првин собраа се што мислат дека знаат за европските избори. Сега да видиме дали знаат да ги одделат фактите од заблудите“, вели Уито.

Студентите се поделија по групи, ги грабнаа преносните компјутери и мобилните телефони за да ја истражуваат темата која ја одбрале. Идејата е да бидат инспирирани да станат „дигитални детективи“.

Нејзиниот час е пример за финската наставна програма за критичко мислење која беше ревидирана во 2016 година за да им се даде предност на вештините кои им требаат на студентите за да ги увидат видовите дезинформации кои ги засенија неодамнешните кампањи за избори во САД и низ цела Европа.

Училиштето неодамна се здружи со финската агенција за проверка на факти „Фактбари“, за да развијат алатка за дигитална писменост за учениците од основните и средните училишта да учат за изборите за европскиот парламент. Алатката беше презентирана на експертска група од ЕУ и беше споделена меѓу земјите членки.

„Она што сакаме нашите студенти да го направат, пред да лајкнат или споделат нешто на социјалните мрежи е да размислат двапати – кој го напишал ова? Каде е објавено? Можам ли да ја најдам истата информација од друг извор?“, вели Кари Кивинен, директор на Француско-финското училиште во Хелсинки и поранешен генерален секретар на Европски училишта.

Тој предупреди дека е чин на одржување рамнотежа обидот да се осигурате дека скептицизмот кај студентите нема да премине во цинизам.

„Многу е здодевно се да проверувате, да не можете да верувате во ништо или во никого на интернет. Мислам дека треба да го запреме ова“, вели 15-годишниот Тату Тукиаинен, еден од студентите на часот на Уито.

Во училишната библиотека, Александар Шемеика (17) и Габриел Багула (18) гледаат видеа на „Јутјуб“ и разговараат за други социјални платформи од каде што ги добиваат нивните информации: „Инстраграм“, „Снепчет“, „Редит“ и „Твитер“, но не и „Фејсбук“ бидејќи „тоа било за стари луѓе“.

„Зборот лажни вести се расфрла насекаде и пречесто“, вели Шемеика објаснувајќи дека секогаш кога неговите пријатели ќе споделат сомнителни мемиња или чудни текстови тој секогаш прашува за изворот. „Никогаш не можеш да бидеш сосема сигурен“, се согласува Багула.

Тоа е точно оној вид на разговор кој Кивинен се надева дека ќе се развива надвор од училниците.

Ученици помеѓу 5 и 8 години се собираат во библиотеката и читаат книги и листаат низ социјалните медиуми.

„Она што ние го развиваме тука, комбинирајќи ги проверката на факти со критичкото мислење и гласачка писменост е нешто за кое видовме дека има интерес надвор од Финска“, вели Кивинен.

Но, тој не е сигурен дека овој пристап може да служи како пример за училиштата во други земји.

„На крајот на краиштата, тешко е да се извезува демократија“, додава тој.

„Важноста“ да се биде Финец

Можеби е тешко да се извезува демократија, но лесно е да се увезуваат експерти. Токму ова го направи Финска во 2016 година за да се бори со она што го дефинираше како пораст на дезинформациите кои доаѓаат од профили поврзани со нивниот источен сосед.

„Тие знаеја дека Кремљ се меша во финската политика, но немаа контекст за да можат да го интерпретираат тоа. Тие се прашуваа дали тоа значи дека Русија ќе ги нападне, дали е ова војна?“, вели Џед Вилард, директор на Френклин Делано Рузвелт центар за глобална ангажираност при Универзитетот Харвард, кој беше ангажиран од Финска за да ги обучи државните службеници да ги откриваат лажните вести и потоа да се борат со тоа.

Русија останува на својот став дека ниту се мешала, ниту се меша во домашната политика на други земји.

Зад затворени врати, работилницата на Вилард пред се се фокусира на едно нешто: развивање на силен национален наратив, наместо обиди да се демантираат лажните наводи.

„Финците имаат многу уникатна и специјална доблест, а тоа е дека тие знаат кои се. А кои се тие е директно поврзано со човековите права и владеењето на правото, нешта во кои Русија во моментов не е силна. Има силно чувство за тоа што значи да си Финец, тоа е велесила“, вели Вилард.

Немаат сите нации таков тип на наратив на кој може да се потпрат како што има Финска.

На пример, додека довербата во медиумите силно опадна во целиот свет, Финска успеа да задржи силен регионален печат и јавен радиодифузен сервис. Според Извештајот за дигитални вести на Ројтерс институтот за 2018 година, Финска е на врвот на листите за доверба во медиумите, што значи дека шансите за граѓаните да се свртат кон алтернативни извори на вести се многу мали.

Загадување на интернетот?

Некои, пак, сметаат дека само учење медиумска писменост и критичко размислување не е доволно и дека мора да биде направено повеќе во делот на компаниите кои стојат зад социјалните медиуми за да го запрат ширењето на дезинформациите.

„Фејсбук, Твитер, Гугл кои им овозможуваат на руските тролови да функционираат… тие треба да бидат регулирани“, вели Јесика Аро, новинарка во финскиот јавен сервис ИЛЕ, која беше опсипана со напади поради нејзината истражувачка работа поврзана со руското мешање, долго пред тоа да биде поврзано и со изборите во САД во 2016 година.

„Исто како и секоја компанија или фабрика која загадува, а се регулирани за загадување на воздухот, шумите, водите, овие компании ги загадуваат умовите на луѓето. Тие треба да платат за тоа и да ја преземат одговорноста“, вели Аро.

Игра без крај

Можеби најголемиот знак дека Финска победува во војната против лажните вести е фактот дека други земји се обидуваат да ги копираат нејзините постапки. Претставници од повеќе земји членки на ЕУ, заедно со Сингапур, дојдоа во Финска за да учат за финскиот пристап кон овој проблем.

Од 2016 година, владини службеници имаат обучено 10.000 Финци да откриваат лажни вести.

Финската стратегија беше на тест пред минатомесечните национални избори, со кампањата која се водеше под слоганот „Финска има најдобри избори во светот – размислете зошто“ и ги охрабруваше граѓаните да размислуваат за лажните вести.

Државните органи не нашле докази за руско мешање во гласањето, нешто што Тоиванен го смета за знак дека троловите престанале да мислат на финскиот електорат како на лесна мета.

„Пред неколку години еден од моите колеги рече дека мисли оти Финска победи во првата битка во борбата против странските непријателски информациски активности. Но, и покрај тоа што Финска е прилично успешна, не мислам дека има прва, втора, трета битка, туку дека тоа е игра без крај“, вели Тоиванен и додава: „Ќе биде многу голем предизвик да ги пресретнуваме ваквите активности во иднина. И мораме да бидеме подготвени за тоа“.

 

 

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот  на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија

Останати
објави

Сподели на...