Францускиот и германскиот закон за борба против манипулации и дезинформации (компаративна анализа)
Пишува: Марјан Танушевски
Јавниот медиумски простор со години се контаминира со неточни вести и дезинформации, а крајниот корисник, аудиториумот, катаден бара или посакува одговори и одговорност. „Лажните вести“ датираат од поодамна! Низ кус преглед на минатото се воочува дека „лажни вести“ имало п.н.е, во времето кога Октавијан водел кампања против дезинформациите што ги испраќал неговиот лут ривал Марк Антониј, прикажувајќи го со недолични асоцијации и посочувајќи дека бил „кукла“ во рацете на египетската кралица Клеопатра VII.
За „лажни вести“ се пишувало и говорело и на ова поднебје, пред повеќе од еден век во некогашниот весник „Битољске вести“[1] каде се посочува дека „скоро секој ден во Битола се разнесуваат лажни вести, кои штетно влијаат врз трговијата, но и врз редот, мирот и спокојството на граѓаните“. За таа цел, тогашните власти со јавно соопштение најавуваат дека „со цел да се заштитат трговијата, мирот и редот во градот, полицијата презеде енергични мерки да го фати секој оној што измислува и шири лажни гласини. На граѓаните им се препорачува да не примаат нити разнесуваат такви гласини бидејќи тој што ќе биде фатен, ќе биде казнет со голема казна“.
Кампањата е кампања, но законот е закон, вели народот. Грижата за правилно информирање на луѓето и пристапот до веродостојни информации како срце на ефективната демократија не може и не смее да се води декларативно, напротив конкретно и со закон со што ќе се спречат фабрикувани содржини кои влијаат врз животот на граѓаните, го поткопоуваат функционирање на политичките институции, но и влијаат врз донесување на демократски одлуки.
Француски закон за борба против манипулации со информации
Законот за борба против манипулација со информации[2] донесен од Националната Асамблеја на Република Франција се потпира на темели кои датираат од 1881 година кога во таа држава е донесен републиканскиот закон за слобода на печатот и каде во член 27 од законот се дефинира што е тоа лажна вест, но и на Законот за слобода на изразување и комуникации од 1986 година. Претходниве статистички податоци се препознаваат во новото законско решение од 2018 година, донесен за решавање на проблемот со лажни вести. Во член 4, став 2 од законот се нагласува дека Вишиот совет за аудио-визуелни медиуми може да одбие барање за склучување договор со медиум доколку емитувањето на радио или телевизискиот сервис претставува сериозен ризик за достоинството на човечката личност, слободата и имотот на другите, влијае на плуралистичкиот карактер и начинот на изразување и мислењето, на заштита на децата и младите, на зачувувањето на јавниот ред, и друга потреби на националните и фундаменталните интереси на Нацијата за кои е важно нивно нормално функционирање.
Францускиот закон го штити внатрешниот државен интерес и од надворешни влијанија, односно лажни вести кои доаѓаат од странство и во таа смисла во член 5 од законот се посочува дека државата на три месеци пред започнување на претседателски избори, избори на пратеници, избори на сенатори, изборот за претставници на Европскиот парламент и референдумски операции, и се до датумот кога се одржуваат изборите, може да одземе дозвола за работа на медиум. Вишиот совет за аудио-визуелни медиуми ако констатира дека медиумот кој е контролиран или основан од страна на странска држава или е под влијание на домицилната држава, а намерно распространува лажни вести кои веројатно ќе ја променат искреноста на гласањето може да превенираат и да го запрат тој процес со прекин на емитување се
до крајот на гласањето. Со францускиот закон може непречено да се изрекуваат мерки на суспензија како и раскинување на договор за претходно дадена дозвола за работа доколку се утврдат, како што се посочува во членот 6, штети за основните интереси на нацијата, штети врз работата на институциите и ширење лажни информации. Тоа што може дополнително да служи како пример од овој закон, а е посочено во членот 8 од законот, е обврската за соработка меѓу националните институции и онлајн операторите во борбата против ширење на лажни информации. Така во законот јасно се нагласува дека Операторите за мрежни платформи спроведуваат мерки за борба против ширење на лажни информации кои веројатно ќе го нарушат јавниот ред или да ја променат искреноста на изборни анкети. Во функција на тоа, Операторите поставуваат лесно достапен и видлив уред кој им овозможува на своите корисници да пријавуваат лажни информации, вклучително и содржини финансирани од трета страна. Операторите спроведуваат и други мерки што можат да обезбедат транспарентност на нивните алгоритми, промоција на содржини од компании и агенции за печат и аудиовизуелни комуникациски услуги, борба против платени нарачатели што масовно шират лажни информации, правни лица кои плаќаат надоместок за промоција на информативни содржини поврзани со дебата од општ интерес, природата, потеклото и начинот на ширење на содржината. Овие мерки се објавуваат, а секој оператор секоја година испраќа изјава до Вишиот совет за аудио-визуелни медиуми, во која се наведени начините за спроведување на мерките.
И, конечно јавните власти не се осамени и не водат лична борба против лажните вести и дезинформации, туку напротив тоа го прават заедно со претставнички организации на новинари и која било друга организација што може да придонесе во борбата против ширењето на лажни информации. Во членот 9 од законот има можност да се склучат договори за соработка во врска со борбата против ширењето на лажните информации.
Германски закон за борба против лажни вести во социјалните мрежи
Нормативните мерки во Сојузна Република Германија за борба против лажните вести се содржани во законот за заштита од „лажни вести“ и дезинформации, изработен од тамошната Влада. Станува збор за познатиот The Act to Improve Enforcement of the Law in Social Networks[3], или Закон за подобрување на спроведување во законот за социјални мрежи, донесен од страна на Бундестагот, како вистинска превентива во пресрет, и за време на федерални избори во таа држава.
Законот што го изработи и предложи тогашниот министер за правда Хајко Мас, не е голем и содржи само шест члена. Во членот 2 од законот се нагласува дека емитерите/производителите на вести и информации кои во текот на една календарска година, од аудиториумот ќе добијат/примат повеќе од 100 жалби и приговори за објавени незаконски содржини, имаат обврска на секои шест месеци на своите платформи јавно да постават извештај за жалбите по незаконските содржини. Извештајот мора да е лесно препознатлив, јасен и достапен на јавноста во текот на целото време.
Во членот 4, законодавецот јасно посочува на казнените одредби содржани во законот кои се движат од 500.000 евра до 5.000.000 евра (не е грешка, добро прочитавте, од 500 илјади до 5 милиони евра). Прекршокот на законското решение може да биде казнет и во ситуација кога прекршителот не е во државата. Германските власти се едногласни во ставот дека за владеење на правото потребно е да се почитуваат основните демократски принципи, пред се точно информирање и без навредување на граѓаните.
Два пати исто, но сепак различно во регулативите во Франција и Германија
Нормативните решенија во двете најмоќни ЕУ-држави според оваа анализа посочуваат дека поводот за конретни мерки и борбата со дезинформациите е врзана со изборниот процес во двете држави, без разлика на видот на изборите. Крајната цел на законските решенија со целата содржина е на избирачот да му се овозможи точна вест или информација за да правилно одлучува. Ако се знае дека развиеноста на државите се мери според степенот на демократичност и моќ за заштита од несакани појави, а со тоа директно се придонесува за владеење на правото, тогаш не е тешко да се заклучи дека нормативните решенија овозможуваат институционално да им се каже на „оние“ што вложуваат во производството на „лажни вести“ дека тоа е неисплатлив бизнис. Ако пак се бараат разликите во двете решенија, тогаш јасно е дека во францускиот закон се посочува на брза интервенција и забрана за ширење на дезинформации од медиумот, додека пак германскиот закон NetzDG нелегалните содржини пласирани преку интернет ги санкционира со исклучително високи парични казни. И, во двата закона законодавецот посочува на заштита од лажни вести кои доаѓаат од странство, и вешто се внимава на слободата на изразување, затоа што токму тоа, слободата на изразување е најголемата вредност во општеството.
Оваа анализа е авторско дело на новинарот и не нужно ги отсликува ставовите на Синдикатот на новинари и медиумски работници. Овој дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“ служи за отворање нови погледи на процесите во областа на медиумите, отворање дебата и споделување различни искуства кои се користат во други земји.
[1] http://apla.mk/index.php/vilaet/item/46-vo-bitola-kazni-za-shirenje-lazhni-vesti
[2] „Proposition de loi relative a la lutte contre la manipulation de l’information“), Assamblee Nationale, 03.07.2018, Paris
[3] Gesetz zur Verbesserung der Rechtsdurchestzung in sozialen Netzwerken – Netzwerkdurchestzungsgesetz-NetzDG, Vom. 1. September, 2017, Berlin
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.