Манипулации при исплатата на К-15

Датум

Valentina FokusПо исплатата на регресот за годишен одмор или К-15, се чини оти се задоволни сите, освен работниците, за кои нели и беше наменет. Дел од нив сведочат дека биле принудени од работодавците да им ги вратат парите ако сакаат да го задржат работното место. Или, како што вели народната, и волкот сит и овците на број!

Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Кога пред неколку месеци, вработени од една приватна компанија во сопственост на странски инвеститор, штрајкуваа и јавно се пожалија дека работодавецот не им ги исполнил ветувањата и им давал мали плати, со оправдување се јавија од менаџментот на компанијата. Кратко и јасно порачаа: „Дојдовме во Македонија да остваруваме профит“.
Сѐ беше кажано. Штрајкот експресно заврши, 19 вработени добија отказ, бидејќи се осмелиле и го кренале гласот, а другите и понатаму си продолжија да работат за 170 евра месечно.
Згора на сѐ, работодавците гордо се пофалија дека своите вработени ги плаќале повеќе од минималната плата во Македонија, и тоа дури за 20 евра! Значи, биле исклучително „дарежливи“!
А дарежливоста од државата, како да ја заборавија. Ослободени се од данок на добивка и од данок на додадена вредност во период од десет години. Добиваат помош за изградба на инфраструктура, поддршка за обука и усовршување на вработените, како и покривање на дел од трошоците за плати и придонеси.
Владата, пак, иако за овие субвенции го празни државното ќесе, сепак е во корист. Странската инвестиција си ја припишува како лична заслуга, фалејќи се дека обезбедила нови работни места. Сума сумарум, сите се во ќар, само работникот е во зијан.
Ваквата финансиска состојба, во која генерално се наоѓаат мнозинството работници, не се подобри, барем кај голем дел нив, ниту со исплатата на регресот за годишен одмор, популарно наречен К-15. И повторно, наместо да се наполни џебот на работникот, пресметките покажуваат дека на крајот во ќар излегоа само работодавците и, се разбира, државата.

РАБОТНИЦИТЕ ГО ЖРТВУВАА ГОДИШНИОТ РЕГРЕС ЗА РАБОТНОТО МЕСТО

Законската обврска за исплата на годишен регрес за одмор беше укината во 2005 година. По девет години, обврската повторно им се наметна на работодавците, со последните измени на Општиот колективен договор за стопанството, кои стартуваа од 1 јануари минатата година, а се со важност од само две години. Ова значи дека по 2015 година, оваа социјална мерка ќе престане да важи, доколку не се направат нови измени.
Според измените, надомест од 8.500 денари ќе можат да земат само оние лица кои работат кај ист работодавец најмалку 6 месеци.
До крајот на декември 2014 година, ваков регрес требаше да добијат околу 300.000 работници, вработени во приватниот сектор. Но, вистинското прашање е колку граѓани навистина ги добија парите, а колку од нив беа принудени да им ги вратат на газдите?
Нашите информации сведочат дека најголемиот дел од фирмите го исплатиле годишниот регрес, на трансакциската сметка на работниците, но овие пари не секогаш завршувале во џебот на вработените. Дел од работодавците им ги побарале парите назад, во кеш, а други пак, веднаш направиле кастрење на идните плати. За овие манипулации најмногу се зборуваше тајно, во ходниците на фабриките, а оние похрабрите се огласија и во медиумите, а се обратија и до надлежните инспекции.
Една од пријавите која алармираше изигрување на оваа законска обврска, пристигна на адресата на „Транспаренси Интернешнeл Македонија“.
„Утре во Крива Паланка во една текстилна фирма работниците се присилени да го вратат на газдата надоместокот за К-15, па би сакал да ме известите дали да го пријавам тоа кај вас или да ме упатите каде да се обратам за тоа“, се вели во кусата пријава до „Транспаренси Интернешнeл Македонија“, испратена кон крајот на декември.
Од невладината организација се обиделе да го контактираат пријавувачот на мобилниот телефон што го оставил, но бројот бил непостоечки. А, не одговорил ниту на оставениот имејл. За случајот се заинтересирала и Управата за јавни приходи, но немало развој, бидејќи пријавувачот останал недостапен.
Пријавувачите што се анонимни или доставуваат нецелосни податоци, најчесто тоа го прават бидејќи се плашат да не го изгубат работното место. Барем ваков одговор добивме од кривопаланчани, од каде што и стигна дојавата.
– Нѐ револтира тоа што газдите не ни ги даваат чесно заработените пари, но подобро е да не земеме К-15, отколку да останеме без месечната плата, од која преживуваме целото семејство, вели кривопаланчанка, која, исто така, инсистираше на анонимност.
Но, и нашата соговорничка се согласи дека работите подобро се решаваат доколку јавно се зборува за криминалот кој го прават работодавачите.
– Кон крајот на декември, во повеќе медиуми, интернет-портали, се појави снимка, која ја снимиле вработени во една фабрика во овој град. На снимката се слушаше како една од надлежните им вели на работниците дека регресот ќе им биде исплатен на трансакциска сметка, но ќе треба да ги вратат парите, бидејќи фирмата била во лоша финансиска состојба. Откако за оваа уцена слушна јавноста, иако фирмата не беше посочена со име, сепак работодавецот се премисли и им рече на вработените да ги задржат парите, раскажува нашата соговорничка.

ОТВОРАЛЕ НОВИ ФИРМИ ЗА ДА ЈА ИЗБЕГНАТ ЗАКОНСКАТА ОБВРСКА

Но, има и такви кои не се премислиле, туку итро ја изиграле законската обврска. Поточно, според информации до кои дојде „Фокус“, во една фабрика во источна Македонија со 400 вработени, работодавецот нашол дупка во законите. Во декември им дал отказ на вработените, со што прекинал нивниот работен однос, а потоа веднаш формирал нова фирма, во која сите повторно ги вработил, но сега немал обврска да им исплати К-15, бидејќи условот е работниците да се вработени најмалку шест месеци.
Она што зачудува е како ваквата ситуација на никој од надлежните не му била сомнителна, бидејќи работниците останале да работат во истите простории, го продолжиле старото производство, им останал истиот газда, а само се променило името на фирмата!?
– Дури и газдата коментираше дека повеќе му се исплати да плати казна од 2.000 до 3.000 евра, отколку сите да нѐ исплати, бидејќи тогаш ќе треба да издвои 5.500 евра. Но, на овој начин не плати ниту денар, вели добро упатен извор во законската ујдурма што ја направил работодавецот.
За разлика од нашите соговорници кои инсистираат на анонимност, голем дел оштетени работници јавно проговориле во Државниот инспекторат за труд. Инспекторатот е надлежен да врши надзор над примената на законите и колективните договори во врска со остварувањето на правата на работниците од работен однос. Од инспекторатот истакнуваат дека при нивниот надзор утврдиле оти поголем број работодавци имаат исплатено регрес за годишен одмор, но додаваат дека до нив, сепак, биле поднесени и 70 претставки, од кои 62 се од познат подносител и 8 анонимни пријави. Поголемиот дел од жалбите ги поднеле вработени во текстилни фабрики во Тетово, Битола, Кочани и Скопје, а злоупотреби биле вршени и во градежни компании во Скопје, фирми за обезбедување, брокерски куќи и медиуми.
– Претставките се однесуваат за неисплатен регрес во 54 фирми. По донесените решенија од страна на инспекторите за труд, 19 работодавачи на 118 работници им исплатиле регрес. Кај 35 работодавачи наведени во пријавите од граѓаните постапката е во тек, вели Зоре Џингова, советник за координација во Државниот инспекторат за труд.
Од инспекторатот објаснуваат дека кога ќе констатираат дека не е исплатен регрес, тогаш носат решение со кое му наредуваат на работодавачот во рок од 8 дена да ги исплати парите. Доколку, пак, не постапат по решението, ќе добијат глоба од 2.000 до 3.000 евра за фирмата, и од 500 до 1.000 евра, за одговорното лице.
Ова значи дека со парична казна се соочени само фирмите во кои инспекторатот ќе изврши контрола. Оние, пак, што ќе имаат среќа да не ги посетат инспекторите, ем ќе се спасат од казна, ем од давачки за К-15.
Иако прашавме, од Државниот инспекторат не ни одговорија дали имале поплаки од работници кои се пожалиле дека парите им биле исплатени, а потоа побарани назад, но предупредуваат дека работодавците го немаат тоа право.
– Ако тоа работодавецот го прави со присила и закана прави кривично дело за што ќе му следи кривична пријава, истакнува Џингова.

ИМ ЈА НАМАЛИЛЕ ПЛАТАТА, ПА СО ОСТАТОКОТ ИМ ИСПЛАТИЛЕ К-15!

Околу дваесетина претставки за нерегуларности во исплатата на регресот пристигнале и на адресата на Сојузот на синдикатите на Македонија.
– Пријава добивме од една текстилната компанија од Тетово за која работниците укажуваат дека работодавачот им ја намалил платата за да им исплати регрес за годишен одмор, потоа од една текстилна компанија од Битола за која работниците укажуваат дека не е исплатен регресот за годишен одмор заклучно со 31.12.2014 година, од две трговски компании од Скопје каде што работодавачот не исплатил регрес за годишен одмор поради тоа што на работниците им престанал работниот однос иако го исполнуваат условот согласно Општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, од една компанија од Велес која работи во лозарството каде што не е исплатен регресот за годишен одмор и други, велат од ССМ.
Покрај овие пријави, во синдикатот потенцираат и дека добиле неколку укажувања од работници дека добиле К-15, но претходно работодавачот им ја намалил платата.
Ова значи дека тој ја исполнил законската обврска, но не потрошил ниту денар плус. Покрај тоа и заштедил, бидејќи на редовното месечно примање, фирмата плаќа придонеси за здравствено и пензиско осигурување од 48 проценти, а за годишниот регрес плаќа само персонален данок од 10 отсто.
За да биде посликовито, да претпоставиме дека еден работник добива плата од 18.000 денари, за кои фирмата плаќа придонеси од 8.640 денари. Со намалувањето на платата на 11.500 денари, за остатокот да му го исплати како К-15, трошоците на работодавачот се придонеси на платата од 5.520 денари и персонален данок на К-15 од 850 денари. Крајната пресметка покажува дека на еден работник фирмата заштедила 2.270 денари. Ако, пак, имала 300 вработени, станува збор за 681.000 денари или 11.000 евра!
Како и да е, додека директорите се надмудруваа со своите работници, и државата ги триеше рацете. Таа од секоја трансакција на К-15 си наплати по 10 проценти за персонален данок, па пресметките покажуваат дека на овој начин во државниот буџет се слеале над 4 милиони евра.

ФИРМИТЕ ГИ ИСПРАА ПАРИТЕ, А ДРЖАВАТА ГО НАПОЛНИ ЌЕСЕТО

Од Сојузот на синдикатите на Македонија истакнуваат дека на сите работници на кои им било ускратено правото да добијат К-15 им нудат помош да поднесат тужба против работодавачот.
– Санкциите за неисплата на регрес за годишен одмор се утврдени во Законот за работни односи и може да изнесуваат вкупно до 4 илјади евра, но исто така казните се уште поголеми доколку некој не ги реализира тие обврски и започне судски процес кој дополнително ќе го чини многу пари и труд. Тоа значи дека работодавачите можат да се соочат со непотребни дополнителни трошоци за судски постапки за што ССМ го охрабрува своето членство да ги покрене и ја става на располагање својата правна служба за обезбедување бесплатна правна заштита, велат од ССМ.
Но, Маријан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации истакнува дека не верува оти работниците ќе се осмелат да ги тужат газдите.
– Со поднесувањето на тужбата самиот работник се изложува на ризик да биде избркан од фирмата имајќи предвид дека во голем број приватни компании вработените не се синдикално организирани, вели Ристески.
Тој додава дека оваа мерка имала само популистички карактер, а не и социјален.
– Јавна тајна е дека голем дел од работниците беа принудени да ги вратат парите на газдите, но никој не се осмелува јавно да зборува бидејќи веднаш ќе добие отказ, односно за 8.500 денари ќе ја загуби работата. Од оваа мерка ќар имаа само работодавачите кои ги испраа парите, а и државата која си го прибра персоналниот данок, вели Ристески.
Борците за работнички права заклучуваат дека за пријавувачите, кои во врска со исплатата на К-15 се обратиле до повеќе надлежни институции не постои ефикасен систем за заштита од било какви последици по поднесената пријава, па затоа и, според нив, нивниот број е мал.
И на крајот, кога уште еднаш ќе се удри есапот, се поочигледно е дека работниците се водеа од народната „Стравот лозјето го чува“, а работодавците уште еднаш покажаа дека на прво место им е профитот. Државата, пак, мудро си молчи бидејќи таа си го доби својот дел.
Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот “Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество”, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија. Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.

 

Транспаренси Интернешнел Македонија го спроведува проектот  “Застапување за заштита на пријавувачите вклучувајќи ги медиумите и граѓанското општество”, поддржан е од Амбасадата на Кралството Холандија. Истражувачката сторија е подготвена во рамки на проектот, и истата не ги одразува ставовите на Амбасадата на Кралството Холандија.

Останати
објави

Сподели на...