ИСТРАЖУВАЊЕ: Ниските гранки на македонското новинарство

Датум

blokИстражување на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и агенцијата „М – проспект“ за работничките и професионалните права на новинарите во Македонија

Цензура, мобинг, несигурна работа, откази, низок економско-социјален статус – сето тоа е секојдневието на вработените во медиумите потврдува истражувањето што, за потребите на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, го направи агенцијата „М – проспект“ од Скопје, во кое беше опфатен репрезентативен примерок од 300 испитанци при што големо мнозиство (98%) се новинари.
Резултатите на истражувањето покажуваат, на пример, дека дури 65 проценти од новинарите на своја кожа искусиле цензура, а 53 проценти практикуваат автоцензура.
Цензурата и автоцензурата не можат да функционираат ако не постојат разни облици на притисок врз медиумите и новинарите. Затоа испитаниците имаа задача и да ги рангираат најчестите облици на притисок што се одвива врз нив. Речиси половината од нив  (49%) го истакнале економско-социјалниот статус (закани со отказ, парични казни…) како прворангиран облик на притисок. За една четвртина од испитаниците (24%)  тоа е директната цензура, додека за дел  од нив главниот притисок е мобингот (16%) , а осум проценти притисокот го гледаат преку корумпирањето (бесплатни телефони, дневници и други погодности).
Анкетата ја истражува и присутноста на мобингот во редакциите. Според резултаите повеќе од половина (60%)  имаат искуство со мобинг или како жртви или како сведоци.
Резултатите се алармантни и на прашањето за новинарската слобода и интегритет. Повеќе од една третина од испитаниците (36 проценти) биле  самите жртви или биле сведоци на ситуација во која новинар морал да потпише туѓ текст.
Испитаниците имаа задача да ја оценат и улогата на уредникот во медиумот и тоа со оценки од 1 до 5 (=воопшто не ги брани; 5=целосно ги брани).  Улогата на уредникот за одбрана на вработените е оценета со просечна оценка 3. Сличен резултат е добиен и на барањето за оценка колку уредникот ја брани професијата во целост, при што е добиена оценка 3,1. Нешто повисока  може да се окарактеризира и просечната оценка (3,4)  добиена за ставот дека уредникот ги брани интересите на одредени центри на моќ, меѓутоа дури 50 проценти од испитаниците сметаат дека уредникот во целост ги брани интересите на менаџментот, при што е добиена просечна оценка 4,1.
Истражувањето покажува дека повеќе од една четвртина (27%)  професионалните новинари практички немаат ангажман или преживуваат „на парче“. Не се во ништо подобра позиција и оние што имаат потпишано договор на дело, бидејќи времетраењето на договорот временски варира, а просекот на времетраењето на ваквите договори испитаниците во истражувањето е помалку од седум месеци. Сепак мнозиството анкетирани (59%) се уште имаат договори на неопределно време.
Од новинарите што се регуларно вработени, најголемиот дел се пријавени на целосната сума што ја примаат (87 проценти), осум проценти се пријавени на помали приходи, а остатокот го примаат „на рака“, а еден испитаник тврди дека е пријавен на определена сума, но дел од платата му ја враќа на сопственикот на медиумот.
Дури 90 проценти од испитаниците не се задоволни од паричниот надомест за нивната работа (44 проценти воопшто не се задоволни, а 46 проценти се „само“ незадоволни), додека десет проценти сметаат дека се соодветно наградени за својот труд.
Што се однесува до сигурноста на работното место, најдобро зборува податокот дека дури 27 проценти од испитанците барем еднаш биле отпуштени, односно останале без работа. Пет проценти од нив наведуваат дека причината за отпуштањето биле нивната непослушност, 14 проценти тврдат дека го напуштиле работното место затоа што не можеле да ги издржат притисоците што им се правеле, 11 проценти причините за своето отпуштање ги карактеризираат како неоправдани и исто толку  (11%) ги сметаат за оправдани.
За положбата на новинарите во медиумските куќи говори и фактот дека тие речиси воопшто не се вклучени во донесувањето на одлуките кои се однесуваат директно на нивниот статус, односно нивната економско-социјална и професионална положба. Дури 96 проценти од испитаниците се исклучени од процесот на донесување одлуки што им се од животна важност (казни, прераспределувања, промена на сопственост,  откази и слично). Две третини (67 проценти) воопшто не се вклучени, а се информираат откога одлуката ќе се донесе; 29 проценти не се вклучени, ама навремено се информирани, додека само четири проценти се вклучени во донесувањето одлуки што се однесуваат на нив.
Оттаму не зачудува што на прашањето: „Колку сте задоволни од моменталната состојба на македонското новинарство?“  големо мнозинство (87%) од  испитаниците одговориле дека не се задоволни.   Слични одговори се добиени и по однос на економската состојба на новинарите. Големо мнозинство (79%) велат дека  таа се влошува,  17 проценти сметаат дека останува иста, а само за три проценти таа се подобруваа.
Резулатите од анкетата покажуваат исклучително песимистичка перцепцијата на испитаниците и на трендовите и случувањата во новинарството. Дури 83 проценти тврдат дека состојбата се влошува, за 14 проценти останува иста, а само три проценти од испитаниците сметаат дека состојбата се подобрува.

Од публикацијата „Бела книга за работните и професионални права на новинарите“

Останати
објави

Сподели на...