Но пасаран за “јавната расправа” и законот за медиуми

Датум

ЗНМ, ССНМ, МИМ и ЦРМ и други медиумски организации во земјава, кои во моментот стојат на браникот на професијата, го бојкотираат процесот на носење на т.н закон за медиуми. Зошто?

Прво, нацрт законот не беше даден на увид на медииумската јавност од страна на институциите. Потоа, по старата добра шема, се прави јавна расправа на-врат-на-нос, а на неа не се канат поголемиот дел од овие организации.

Второ, има ли смисла да се дебатира со власт која се уште не процесуирала ниту еден виновник за исфрлањето на новинарите од Парламентот на 24 декември, со што се прекршија еден куп законски норми и мегјународни конвенции, Уставот на РМ и деловникот на Собранието?
Трето, има ли смисла да се дебатира на невидено за закон, кога ниту еден функционер на власта и институциите кои имаат надлежност во медиумската сфера не се произнесе јавно за катастрофалното 116то место на светската ранг листа на слобода на печатот на угледната Репортери без граници?

 

Четврто, има ли смисла да се дебатира со власт која ја затвори најстарата телевизија во МК, три весници, во чие време новинари и камермани јадеа и јадат ќотек, во чие време згаснуваат и се борат за живот речиси сите критички медиуми, во чие време се купува наклоноста на медиумите со нетранспарентно распределени реклами ?
Петто – Има ли смисла да се дебатира со власт која одбива да дебатира со било кој што и опонира, која одбива да дава изјави на критички медиуми, која сака да дебатира сама со себе?
Шесто – Има ли смисла да се дебатира со власт која отпочна “дијалог” со новинарите само за да добие една од ретките “повеќе позитивни” реченичи во извештајот за напредок на ЕУ (во 2011та) а оттогаш наваму носи закони, како оној за декриминализација на клеветата и навредата, кој уште повеќе го стесни просторот за слобода на медиумите, и го подигна степенот на цензурата и автоцензурата до неподносливост?
Седмо – Има ли смисла да се дебатира со власт за која дури и погибијата на еден од бардовите на новинарството во МК не можеше да помине без аљкавост во процедурата од секаков тип, а да не зборуваме за недостатокот на елементарна пристојност и речиси игнорирање на Никола Младенов (ниту телеграма со изрази на сочувство да не се испратело), на човекот кој беше првиот јавен промотор на плурализмот во јавноста на МК во доцните 80ти и раните 90ти, вклучувајки и давање простор (кога никој друг не даваше) на тогаш штотуку испилената ДПМНЕ ?

Има уште многу прашања, поради кои мислам дека медиумските организации не треба да разговараат со оваа власт за медиумската регулатива и да опстојат на бојкотот на “јавната расправа”.
Но пасаран, се додека не се поправи погоре наведениот однос, и додека не се очовечат младунците кои ни ја водат државата. Ако сакаат да носат закон, тоа нема да биде со новинари, туку со “кулинари” – буреци, сарми, лактози, небањати брадоњи и разно разни други мајстори за спремање на смрдени манџи.
Ние нема да сркаме, само ќе им посакаме – бон апетит!
Петрит Сарачини

Останати
објави

Сподели на...