Медиумските работници се лесен плен на вандалите бидејќи немаат шлемови и оружје и нема да возвратат, а мора да останат за да го следат настанот. Kаменување, кршење опрема, ќотек и секојдневни закани трпат новинарските екипи во Македонија кои во последно време се честа цел на напади иако професионално си ја вршат работата. Медиумските работници беа како глинени гулаби во петокот и во саботата за време на протестите и контрапротестите поврзани со акцијата „Монструм“. Демонстрантите ги гаѓаа новинарските екипи со камења, ги пцуеја, а сакаа и физички да се пресметаат со нив небаре се тие виновни за нешто.
Во петокот, со камен фрлен од толпата која протестираше пред Владата поради акцијата „Монструм“, во глава беше погоден снимател на „Телма“. Во саботата, пак, токму поради фактот што стотина млади демонстранти го истурија гневот врз новинарските екипи, новинарите одлучија да го напуштат местото во знак на револт. Подоцна се разотидоа и демонстрантите. По овие настани се поставува прашањето каква е безбедноста на медиумските работници во земјава. Тамара Чаусидис, претседател на Самостојниот синдикат на новинарите и на медиумските работници (ССНМ) вели дека во ситуација кога во медиумите работното место е привилегија, прашање за безбедност при работата е краен луксуз.
– Медиумските екипи во Македонија никогаш немале соодветна заштита, а покривале исклучително опасни ситуации. Така беше и во 2001 година кога одеа во зоните на конфликтот, така е и денес кога покриваат насилнички протести.
Ризично е и да се жалат
Тие се таму на работна задача и се многу лесен плен на вандалите од најнизок вид, затоа што се незаштитени, немаат шлемови, немаат оружје и нема да возвратат, а мора да останат доколку нивниот медиум смета дека настанот треба да се покрие – објаснува Чаусидис.
Според неа, известувањето од ризични ситуации во нормални земји е секогаш проследено со посебни мерки за заштита на пресот, но и со посебни осигурувања и финансиски компензации.
– Kај нас, не само што екипите што се праќаат да следат високоризични настани немаат никаква посебна заштита, осигурување, ниту се посебно платени за тоа, туку се смета за непримирено и да го постават ова како прашањ – вели претседателот на ССНМ.
Осуда за нападите врз новинарски екипи во Скопје упати и Здружението на новинарите на Македонија.
– Загрижува појавата што на протести постојано се напаѓаат новинарите и снимателите при вршење на својата работа. Непримерно е граѓаните што учествуваат во јавните протести гневот да го истураат врз новинарите. Го повикуваме Министерството за внатрешни работи брзо да ги идентификува напаѓачите и да преземе мерки против нив. Одговорност за ваквите напади мора да сносат и организаторите на протестите – велат од ЗНМ.
„Телма“ нема да следи протести
По петочниот напад на снимателот Жарко Пачемски, вработен во ТВ „Телма“ од оваа телевизија одлучија нивните новинарски екипи во иднина да не следат ненајевени протести. Пачемски беше погоден со камен во глава и тој сега е на боледување. Вели дека ова нема да го премисли и натаму професионално да си ја врши работата.
– Што и да се случи, каков и да има протест, ќе се обидам да го проследам настанот најпрофесионално. Се надевам дека ќе ме чува Господ. Барам само да н` остават да си ја вршиме нашата работа – вели Пачемски, кој има 18 години искуство како снимател.
Снимателот е задоволен од реакцијата на специјалната полиција која веднаш му укажала помош. На крајот, Пачемски прашува како да се заштитат медиумските работници при вакви насилни настани кога и полицајците кои имаа шлемови и панцири беа каменувани и повредени.
Александар Манасиев објавено во Дневник 14/05/2012