НОВИНАРСКИТЕ ПЛАТИ ВО ЗАКОНСКА РАМКА

Датум

 

Над 40 професионалци од разни медиуми ги договорија и ги ставија на хартија предлозите за надминување на проблемите во работењето

663D0A84FBA768429E586869C18DD9E2

Работните права и обврски на македонските новинари и на другите вработени во медиумите, вклучувајќи го и менаџментот и хонорарците, првпат ќе бидат ставени во законска рамка. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, ССНМ, околу шест месеци го подготвуваше текстот на колективниот договор за новинарската дејност, а од неодамна е завршена пред-нацрт верзијата на овој прв документ од ваков вид во државава.

Целта на договорот е да се надминат проблемите на вработените во медиумската индустрија, кои во најголем дел произлегуваат од недостигот на системски решенија и непостоењето на законски процедури и конкретни стандарди за новинарската професија.

Меѓу другото, во колективниот договор се регулира содржината на договорите за вработување, се воведува систематизација на работни места со коефициенти за платите, се регулира правото на додатоци од плата, на годишниот одмор, боледувањата, висината на минималната плата, потребната образовна подготовка, се регулира приправничкиот стаж, статусот на хонорарците, заштитата од мобинг, правото на штрајк и друго.

На пример, во делот за платите во драфт-верзијата на колективниот договор стои дека: основна плата е онаа плата за полното работно време што е утврдена врз основа на комплексноста на работата што ја врши работникот и нормалните услови за работа на тоа работно место. Таа се состои од производот од законски утврдената минимална плата и соодветниот коефициент на комплексност т.е. сложеност и одговорност на работата, во согласност со систематизацијата на работните места. Коефициентот на комплексност изнесува: 1 група (помлад соработник) = 2,0; 2 група (соработник) = 2,4; 3 група (постар соработник) = 2,8; 4 (коментатор/ментор) = 3,6; и 5 група (уредник по функција) = 4,0.

Исто така, стои и дека работникот има право на зголемување на основицата за секој час работа, т.н. саатнина, во следните посебни околности: за отежнати услови за работа плус 20 отсто; за дополнителна работа дома плус 30 отсто; за теренска работа од кризни подрачја плус 50 отсто и за работа во воена зона плус 100 отсто.

„Колективниот договор е всушност обид да се систематизираат проблемите и да се договорат решенијата. Тоа се, на пример, минималната плата, работното време, унапредувањето во кариерата… што не се и не смеат да бидат прашања на поединечни решенија. Значи, неопходни се договорени ’правила на игра’ за да не се импровизира кога ќе се појават проблемите. Во таа смисла, важноста на нацрт- колективниот договор е огромна. За прв пат синдикатот се обидува да ги систематизира и да ги стави на хартија решенијата зад кои ќе стои целата медиумска заедница“, вели претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис.

Инаку, во подготовката на договорот активно беа вклучени повеќе од 40 професионалци од разни медиуми. Одржани се состаноци со 5 фокус групи со дописници, новинари, фоторепортери, сниматели, монтажери и уредници, кои ги посочија проблемите со кои се соочуваат во работењето и начините за нивно избегнување во договорот.

Наскоро треба да започне расправа во рамките на пошироката медиумска заедница, а за таа цел текстот на договорот е поставен на интернет страницата на ССНМ и е испратен до сите членови. До крајот на месецов се очекуваат дополнителни коментари околу неговата содржина, а потоа треба да се добие усогласен документ кој ќе ги содржи потребите и барањата на целата медиумска заедница. Потоа ССНМ ќе почне да лобира за започнување на преговори со работодавците и за негово потпишување.

„При подготовката на текстот на договорот најголем акцент од медиумските работници беше ставен на слободата на изразување. Иако секој би помислил дека на прво место ќе бидат платите, работното време, одморот… сепак, особено новинарите и уредниците, повеќе енергија насочија во мобингот, цензурата, унапредувањето, назначувањето, разрешувањето на вработените и слично“, вели Чаусидис.

При подготвувањето на текстот на договорот се користеа искуства од регионот и од Европа, при што заедничка карактеристика е што акцентот е ставен на социјалниот и економскиот статус на вработените. Сепак, ако се прави споредба со колективните договори од повеќе европски земји, оние кои се применуваат во скандинавските држави се со многу повисок степен на заштита на новинарската професија и нивните одредби се речиси неприменливи кај нас.

„Многу од актуелните проблеми во македонското новинарство, во западните држави се одамна затворени. Особено оние од професионалниот интегритет, што во демократските земји е одамна регулирано во колективните договори и за тоа не се преговара“, посочува Чаусидис.

Маја Томиќ/  Утрински Весник

Останати
објави

Сподели на...