Многу често во македонската јавност се случува неосновано репродуцирање на еден став, а тоа е дека последната владеачка гарнитура, која ја води државата во последните осум и пол години е претежно социјално ориентирана, дека презема крупни социјални мерки, дека иако е десна и конзервативна се служи често со левичарски мерки во корист на најсиромашните. Имено, последната мерка која предвидува задолжително плаќање социјално осигурување за хонорарците и со тоа повлекува измена на пет постоечки закони, треба да е крунски доказ на социјалната ориентација на моменталната гарнитура и грижата за ранливите категории. Притоа, кога се репродуцираат овие стереотипи, постои тенденција да се заборават многу крупни анти-социјални и про-капиталистички потези на власта. Се заборава дека тоа е истата власт која го укина ионака недоволното прогресивно оданочување во 2006 година и воведе стапка на рамен данок на добивка и персонален данок на доход од 10%, се заборава дека тоа е власта која од 2008 година па навака ги намали сите стапки на придонеси за социјално осигурување кои газдите им ги плаќаат на своите вработени, се заборава дека тоа е власта која наоколу се фали со ниски трошоци за стопанствениците и лесната можност за отпочнување на бизнис во Македонија, се заборава дека тоа е истата власт која преку последните уставни измени го втемели принципот на финансиска екстериторијалност за странски компании кои ќе бидат изземени од важењето на домашното законодавство, освен Кривичниот законик. Се „забораваат“ и многу вакви поситни работи од секојдневието кои тотално го демаскираат вистинскиот анти-социјален карактер на власта и кои ги претставуваат сите нејзини социјални мерки како обични популистички маневри или народски кажано „фрлање на трошки“. Од текстот кој следува подолу, ќе може да се заклучи дека истата приказна ја следи и оваа мерка.
Што предвидуваат новите законски измени?
Она што најпрво би требало да биде споменато околу овие нови законски измени е времето на нивното предлагање и усвојување, имено се` се случуваше брзо и молскавично за време на летните одмори, почетокот на месец август, кога е прилично високо нивото на општа летаргија и кога обичниот човек сака бар малку да одмори од притисокот на тешкото македонско секојдневие во текот на целата година. Нормално, ова беше фантастична прилика за „протнување“ на измените и за тоа тие да поминат недоволно забележано, вешто заштитени од ударот на јавната дебата и јавното мислење.
Кога зборуваме конкретно за измените, кои треба да стапат на сила од 1 јануари 2015 година сакам да нагласам три најбитни и најспорни работи кои тотално го соголуваат нивниот вистински карактер и намерата преку оваа мерка само да се крпат дупките во здравствениот и во пензискиот фонд, предизвикани од неодговорното трошење и даночниот дилетантизам.
1) Со оваа мерка ќе се случи фиктивно намалување на реалната стапка на невработеност, бидејќи лицата кои ќе склучат било каков вид на хонорарен договор и ќе бидат приморани да плаќаат придонеси нема да се водат во евиденцијата на невработени и за повторно да можат да бидат внесени во евиденцијата, ќе мора да чекаат една година од кога ќе им заврши ангажманот. Ова е директно поттикнато од структурниот проблем со невработеноста, кој е историско наследство на деиндустријализацијата и ретко кога стапката на невработеност во Македонија паѓала под 30 %. Постои широко прифатено мислење дека и моменталната стапка на невработеност од околу 28 % е повеќе резултат на административни мерки на бришење отколку на реално подигнување на нивото на вработеност во земјава. Од кога ќе стапат во сила новите законски измени, имајќи го во предвид грубиот податок дека во земјава има околу 100.000-150.000 хонорарци, може да очекуваме стапката на невработеност магично да се спушти на некаде околу 15 %. Во земјата на бајките, се` е можно!
2) Оние кои ќе бидат хонорарно ангажирани во повеќе наврати во текот на една година, т.е. ќе склучат повеќе авторски договори или договори на дело, ќе ги плаќаат придонесите за секој одделен договор, иако веќе еднаш ги платиле. Истото ќе се случи и со оние лица кои се во работен однос и имаат платени придонеси од работниот однос, а во меѓувреме ќе бидат хонорарно ангажирани за некоја друга работа. Ова е класичен удар кон оние со ниски примања и обид за нивно натамошно осиромашување.
3) Постојат категории кои се изземаат од важењето на овие законски одредби, имено законските измени нема да важат за спортисти, пензионери, избрани и именувани функционери, судии и сл. Јасна е тенденцијата на привилегирање на одредени слоеви во општеството, кои се клучната гласачка машинерија на власта (пензионерите), па така нивното изземање во пракса значи задржување на својата избирачка клиентела. Исто така и крупниот бирократски слој кој ја води оваа држава и ги има клучните одлучувачки позиции себеси се амнестира од одговорноста за плаќање на придонеси и со тоа се погазува уставниот принцип според кој сите граѓани се еднакви пред Уставот и законите. Тоа уште еднаш говори за авторитарните тенденции и незаузданоста на моќта кај одредена гарнитура!
Негативни ефекти за работничката класа
Покрај веќе споменатото општо осиромашување кое ќе се случи после оваа мерка, мораме да го напоменеме она што е негативно од аспект на работничката класа, поточно кажано на оние најниско платени и најзагрозени категории на работници (како најилустративен можеме да го земеме примерот на работниците во текстилната индустрија во југоисточна Македонија). Имено, работниците кои работат за 8.000-12.000 денари, а такви се огромен дел во Македонија чии работнички права и онака секојдневно се газат во пракса, ќе бидат најдиректно изложени на опасноста од хонораризација, односно нивните газди ќе почнат масовно да ги најмуваат како хонорарци на кои ќе им бидат плаќани придонесите, со таа разлика што за нив веќе нема да важи Законот за работни односи, туку Законот за облигациони односи. Со ова, голем дел од газдите ќе бидат амнестирани од одговорноста за почитување на работничките права гарантирани со ЗРО, кој ионака во пракса се под постојан удар (правото на платено боледување, платен годишен одмор, пензиски стаж и слично), а работничката класа ќе ги изгуби овие привилегии добиени низ историската синдикално-политичка борба. Со ова, ЗРО во голема мерка ќе ја изгуби смислата на своето постоење, преку ова озаконување на принципот Zero hour contract, кој е логичен производ на неолиберализмот и мантрите за „претприемачка клима“ и „флексибилен труд“. Оваа мерка, покрај на крупната државна бирократија, во крајна линија ќе се одрази позитивно на голем дел од капиталистичката класа, наспроти тврдењата на домашните либертаријанци и неолиберали дека оваа мерка претставува „удар за работодавачите од невидени размери“ и нивните секојдневни прокапиталистички жалопојки.
Што да се прави?
Периодот, како никогаш порано, сме сведоци на масовни мобилизации кои застануваат во одбрана на најосновните човекови права. Имено, бевме сведоци на два успешни студентски маршови кои имаа за цел да го одбранат правото на образование, потоа протести во Битола и Тетово за загадениот воздух, па сега на ред доаѓа и ова прашање. Синдикалната Повелба за солидарност (ССНМ, КСОМ, СМДС, УПОЗ, ДСП Ленка, ЛД Солидарност) го покрена и го артикулира ова прашање во јавноста и заедно со други засегнати поединци и здруженија, повикува на протест на 22 Декември. Барањата се следните:
1) да се стопира примената на измените на законите со кои се воведува плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување за хонорарите, со цел да се отвори простор за нивна измена и повлекување;
2) преку засилени инспекции на Инспекторатот за труд да бидат отстранети случаите на прикриен работен однос, односно на наметнато вршење работа без договор или врз основа на договор за дело, при што за работниците не се плаќаат придонеси од задолжително социјално осигурување;
3) да се укине највисоката месечна основица за пресметување и уплата на придонесите на плата од шест просечни плати.
Коцката е веќе фрлена, а дали ќе победиме или не, во голема мера зависи и од нас самите!
Дејан Лутовски
ДСП Ленка
Декември 2014