Пишува: Давид Илиески
Професионалните медиуми се суштински за доброто на едно општество, со една главна цел, да ја информираат јавноста со сигурни и точни вести.
Но ништо не е така едноставно во ерата на таканаречените лажни вести. Тие имаат способност да ја дистрибуираат содржината брзо и лесно преку интернетот и социјалните медиуми. Од информацијата е создадено совршено оружје – систем на манипулација преку кој јавноста се преплавува со конфузни информации, лажни вести, дизајнирани да интервенираат во (не)демократските процеси и интересот на поединците.
„Лажни вести не постојат, нема такво нешто“, ќе рече гледач кој се јавува во контактактна емисија на телевизијата „Телма“. Корисник на социјални мрежи со јасна партиска определба ќе коментира под сторија за корупција на еден истражувачки медиум која открива злоупотреби на актуелната власт „Ова се лажни вести“. „Лажни вести и измислици од ВМРО-ДПМНЕ“, „СДСМ да престане да креира лажни вести”, ова се насловите кои почесто од поретко осамнуваат на агрегаторот „Тајм мк“ во насловите на медиумите преземени од партиските соопштенија. За лажни вести слушаме се повеќе.
Веројатно најголемата вест одекна во 2016 година кога познатиот новинар и пионер во истражувањата за лажни вести, Крег Силвервман од „BuzzFeed“, откри дека во Македонија постои таканаречена фабрика за лажни вести во градот Велес кои што креираат лажни приказни за конкуренцијата на тогаш кандидатот за претседател Доналд Трамп. Работата отиде дотаму што дури и Хилари Клинтон, поранешен државен секретар и опонент на Трамп во трката за претседателска функција, изјави постизборно дека изборите ги загубила поради специјалната војна на групата од Велес контролирана од неименуван центар на моќ кој лажирал приказни против неа.
„По првичното истражување на „BuzzFeed“ кое покажа дека Велес е центарот на веб страниците кои генерираа лажни вести за Хилари Клинтон којашто беше противкандидат на Доналд Трамп на претседателските избори, ние продолживме да истражуваме. Откривме за прв пат дека овие содржини ги пишувале меѓу другото лица од САД, припадници на конзервативните политички и медиумски кругови, дека не станува збор за деца тинејџери од еден мал балкански град, туку за етаблирани луѓе од јавниот живот, како адвокати. Лажните вести често имаат нарачатели, а анонимноста е нивниот најдобар корисник“, вели Силверман во разговор со нас.
Истата година во Македонија се одржуваа предвремени парламентарни избори во поприлично зовриена атмосфера. Земјата беше распната во она што се нарекуваше глобална војна со информации. Непосредно пред денот на изборите, се појавија два анонимни портали од Хрватска и Србија кои објавија дека тогаш кандидатот Зоран Заев земал четири милиони долари од Албанците во Швајцарија за да ја федерализира Македонија. Овие портали беа избришани по само неколку часа, но веста остана да живее и ја обележа целата изборна кампања во 2016 година.
„Во Македонија уште има луѓе кои веруваат во ова. Луѓе кои веруваат дека ќе се градат мигрантски кампови во скопски Аеродром или дека ќе се носат тешки отровни метали на Криволак и заради тоа не примиле во НАТО. Се шират брзо, последиците се девастирачки. Најстрашно е што се најактивни пред некои важни одлуки во опптеството или пред избори. Што значи тие интервенеираат во правото на глас, ги рушат комплетно темелните вредности на демократијата, законите и уставот“, вели Сашка Цветковска, коавтор во тековниот проект на OCCRP „Информациски војни на Балканот“ којшто ги истражува центрите на моќ кои стојат зад дезинформациите.
Власта се промени. Но, лажните вести не само што останаа, туку продолжија да бидат проблем. Уште првите месеци власт, владата организираше самити за борба со лажни вести, министри и функционери постојано ја креваа свеста за овие прашања.
Владата презентираше акциски план
Кон крајот на јули оваа година Владата објави предлог план за борба против дезинформации и напади на демократијата, неколку месеци подоцна се одржа и првиот конститутивен состанок на Акциската група што ќе ги координира државните институциите во борбата против лажните вести.
Во владиниот акциски план беше најавена зголемена транспарентност и засилени кампањи за едукација и медиумска писменост, поттикнување дискусии за саморегулација, но и воведување критериуми за медиумите при следење на владини настани и прес-конференции.
По презентираниот план следуваа бурни реакции од страна на јавноста. Дел конструктивни забелешки за подобрување на овој план, а дел остри критики за обид за цензура од страна на Владата.
Здружението на новинари на Македонија изрази загриженост поради одредени точки од планот. Најавата за ко – регулација, воведувањето на критериуми за акредитирање на медиуми кои ќе имаат право да ги следат владините настани во согласност со стандардите на новинарската професија, како и формирањето на акциска група за борба на дезинформации претставуваат проблематичен состав.
„ЗНМ и СЕММ веќе подготвуваат регистар на професионални онлајн медиуми што ќе треба да го одвои квалитетот од пропагандата и во таа насока сметам дека сме на добар пат, особено што за овој регистар веќе постои силна поддршка, прво во фелата, потоа и во бизнис заедницата, и меѓу политичарите. Но напоменувам станува збор за саморегулација што е најдобриот познат начин за справување со пропагандата. Законските решенија во оваа сфера не се пожелни зошто претставуваат опасност за слободата на изразување“, вели Младен Чадиковски, Претседател на Здружението на новинари во Македонија.
Како да се одвојат професионалните од непрофесионалните новинари
Добро место да се започне кога се размислува за предложено решение е да се запрашаме кој проблем се стремиме да го решиме. Оттука во ера во коjа јавноста се помалку има доверба во новинарите, се поставува прашањето дали одредени мерки за одвојување на професионалните од непрофесионалните новинари ќе ја врати довербата во новинарството, а со тоа и дали ќе се придонесе во решавање на проблемот со лажните вести?
Дезинформациите, спинуваните вести, како лаги и измами во медиумите постоеле од секогаш. Но, она што е ново е способноста за дистрибуција на лажните вести преку интернетот и социјалните медиуми скоро без никаква регулација.
Она што Крег Силверман од „BuzzFeed“ и други го открија беше уникатна комбинација меѓу алгоритмите на социјалните мрежи, системите за рекламирање и луѓе подготвени да направат секакви работи за да заработат лесни пари.
Во рекордно време, фразата „лажни вести“ се трансформираше од опис на феномен на социјалните медиуми во новинарско клише и моќна политичка алатка. По резултатот од претседателските избори во САД во 2016 година, влијанието на социјалните медиуми стана фиксација кај новинарите, барајќи објаснување за тоа како Доналд Трамп успеа да победи.
„Во 2016 и 2017 кога светот дозна за велешаните и за наводите дека тие успеале да влијаат на претседателската кампања во САД, тоа беше време на глобално освестување за она што новинарите го предупредуваа години претходно, а тоа е дека информациите се претворени во оружје на моќните и тие одамна не му служат на јавниот интерес. Држави како Германија, како Белгија, Холандија и други се фатија со работа и почнаа дури и да креираат законски решенија во широки консултации со цел да спречат влијанија на лажните вести“, вели Сашка Цветковска од ИРЛ.
Анализата на „BuzzFeed News“ покажува дека во последните три месеци од кампањата во САД, корисниците на Фејсбук имале драстично поголем пристап до лажни отколку до вистинити вести. Универзитетот во Индијана во анализа за врската меѓу ботовите на социјалните мрежи, лажните вести, традиционалните медиумите и влијанието открива дека социјалните ботови даваат суштински ефект на засилување на пропагандата, правејќи лажни тврдења да станат “вирални” на социјалните мрежи.
„Дезинформациите и лажните вести се лесни за создавање и ширење бидејќи бариерите за користење на технолошки алатки за креирање на ваква содржина драстично се намалува. Лажните вести преку интернетот и графичките (познати како мемиња) имаат уништувачки ефект”, пишува Клинт Вотс во книгата „Преживување во свет на социјални мрежи со хакери, терористи, Руси и лажни вести“.
Клинт Вотс, кој е поранешен ФБИ агент, смета дека всушност, „лажните вести“ како концепт сега би можеле да ги гледаме како информации со факти што лицата во позиција на моќ не би дозволиле да бидат објавени или емитувани, уште помалку дистрибуирани на широката народна маса.
Имајќи го ова предвид, се поставува прашањето како да се одвојат професионалните од непрофесионалните новинари, со што би се создале предуслови јавноста однапред да има увид во тоа кој е кредибилен, а кој, и од кого да очекувa вистинити, прoверени и објективни информации.
Во светот постојат различни начини на регулација на новинарската професија. Опциите кои постојат се движат од целосна слобода на пристапување во новинарската професија, општа акредитација за новинари која ја прават националните новинарски здруженија или синдикати, како и лиценцирањето на новинари. Како најнепопуларна и најмалку застапена опција е лиценцирањето на новинарите, за кое експертите се согласуваат дека е неприфатливо, а и не придонесува во решавањето на проблемот. Вакви примери има во некои земји кои имаат недемократски практики, како што се Кина и Tурција на пример. Проблемот со лиценцирањето на новинари е тоа што мора да се донесе законско решение и може да биде злоупотребено од недемократските власти за цензура на критичкиот глас.
„Лиценцирањето на новинари во суштина не е добра идеја затоа што тоа ќе значи дека ќе постои одредено тело институција која ќе определува кој е новинар, а кој не. Тоа може да биде удар врз слободата ма медиумите, особено во ваква кршлива демократија. Од друга страна битката со лажните вести бара постојана заложба на сите“, вели Младен Чадиковски, Претседател на ЗНМ за справување со лажните вести преку лиценцирање на новинари.
Акредитирање не е лиценцирање
Лиценцирањето на новинари би значело јавна институција да има право да одлучи кој е новинар, а кој не. Односно, да одреди критериуми кој смее, а кој не смее да ја врши дејноста според начин кој што државата ќе го пропише.
Од друга страна, акредитирање на новинари е нешто сосема друго. Акредитирањето претставува овластување на новинарите, со што се регулира пристапот до институции. Но тоа не го прави државата, туку самата фела и се нарекува саморегулација.
Белгија е држава која новинарството го регулира преку акредитирање. Националното здружение на професионални новинари на Белгија, преку комисија составена од новинари и издавачи, издава документ или пропусница на оние кои ги исполнуваат предусловите. Единствено новинарите со редовен работен однос се признаени и заштитени со статут.
Во земјите со ниски демократски практики, властите и други центри на моќ сакаат да ги имаат еснафските здруженија на своја страна и преку нив да влијаат на медиумите.
За време на децениското владеење на ВМРО ДПМНЕ, медиумите беа под силен притисок, а рејтингот на Македонија за слобода на говор драматично паѓаше. Во извештајот на меѓународната организација „Репортери без граници“ за 2014 година Македонија се најде на 117. место од вкупно 180 земји рангирани според слободата на медиумите.
Здружените на новинари важеше за голем критичар и борец против цензурата и притисоците врз медиумите и новинарите. Еснафските здруженија како ЗНМ, Советот на етика и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници обвинуваа дека формирањето на паралелното здружение по структура и мисија слично на ЗНМ, МАН, е направено по иницијатива на власта која сака да ги тргне и делегитимира критичарите. Тоа зборува за моќта на здруженијата, но и за леснотијата со којашто властите можат да посегнат по медиумите и без да има лиценци и процедури.
Сегашната Власт во предлог планот за борба против дезинформации и напади на демократијата најави воведување критериуми за медиумите при следење на владини настани и прес-конференции. Критериумите не биле јасно наведени, но по средбата со еснафските здруженија разјасниле дека критериумите допрва ќе се прават.
Катерина Синадиновска, Претседател на Советот за етика во медиуми во Македонија вели дека Владата во првичната дискусија предложила едно решение, но по реакциите на еснафот тие го промениле предлогот.
„Владата имаше обид да воспостави критериуми за акредитирање на новинари, но тоа пропадна откако еснафските организации бурно реагираа и се остави на саморегулација. Проблемот беше што тие и немаа критериуми, туку допрва ќе правеа. Со оглед на горките искуства од минатото, ние како еснаф не можеме да дозволиме центрите на моќ да кажуваат кој ќе биде новинар, кој не. Да не заборавиме, ваков обид имаше и претходната власт која стигна дотаму што подготви и нацрт закон за медиуми, без дебата и скришум, во којшто дефинираше што е новинар, што е медиум. По тешка борба и меѓународен притисок, цензорскиот закон се повлече“, вели Синадиновска по првиот конститутивен состанок на Акциската група што ќе ги координира државните институциите во борбата против лажните вести.
Лиценцирање и акредитирање не се единствен начин за борба против лажни вести
Извештајот на Европската комисија од групата на високо ниво – објавен пролетта 2018 година за да им помогне на земјите да креираат политики за решавање на зголемената загриженост за дезинформациите во Европа – содржи инклузивен, колаборативен пристап за решавање на дезинформациите низ целиот свет.
Извештајот, иако не нуди конкретно решение, експлицитно препорачува да не се регулира новинарската професија против дезинформациите – но ЕУ е само едно од многуте управни тела што се обидоа да го спречат протокот на дезинформации преку Интернет.
Франција, на почетокот на 2018 година најави нов закон за борба против дезинформации за време на изборниот процес.
Законот, кој беше усвоен во ноември истата година, дава дефиниција на „лажни вести“ и е дизајниран да спроведе строги правила за медиумите за време на изборните кампањи. Законот им дава овластување на властите да ги отстранат лажните содржини што се шират преку социјалните медиуми, па дури и да ги блокираат страниците што ја објавуваат ваквата содржина, како и да спроведат поголема финансиска транспарентност за спонзорирана содржина, во периодот од три месеци пред изборите.
Во Македонија, новата Власт уште по самото доаѓање организираше самит за борба со дезинформациите, а функционерите во бројни изјави најавуваа мерки за справување со лажните вести. Главниот фокус на Владата во борбата со дезинформациите е поголема транспарентност и отчетност од страна на институциите.
„Тоа што Македонија го прави во моментов е на ниво на зголемена и активна транспарентност во работењето на институциите. Ние како влада веруваме дека проактивното објавување на информации и отчетноста и транспарентноста допринесува за намалување на лажните вести и пропагандата”, ќе рече министерот за информатичко општество и транспарентност, Дамјан Манчевски на меѓународната конференција за лажни вести во Бугарија во 2018 година.
Иако ветувањата се големи, дел од јавноста смета дека сме далеку од било каков напредок, а Владата сеуште нема конкретен план.
„Владата уште не знае што ќе прави во врска со лажните вести. Тие само најавија дека допрва ќе прават акциски план и дека во него ќе бидат вклучени засегнатите страни, а тоа се еснафски и професионалните здруженија. Онаа собиранка во владата на седница на која беа поканети новинари повеќе личеше на некој ургентен пи-ар отколку на желба вистински нешто да се промени“, вели Сашка Цветковска, коавтор во тековниот проект на OCCRP, Информациски војни на Балканот којшто ги истражува центрите на моќ кои стојат зад дезинформациите.
Цветковска на ова додава дека не може Влада која што оди на интервјуа и легитимира креатори на лажни вести, да вели дека сака да се бори со феноменот и дека тоа е прашање на принципиелност.
Министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, смета дека овој процес нема да е брз, но дека намерите од страна на Владата се добри, а во стратегијата ќе учествуваат сите засегнати страни.
„Немаме намера да правиме нешто тајно или заткулисно, работниот дел беше отворен за јавноста. Тоа е само акциски план. Прво институциите треба да ja обезбедат и усовршат безбедноста внатре во институциите, да ја зголемат транспарентноста и отчетноста. Тоа е едниот дел. Вториот дел е заедно со јавноста и еснафските здруженија да ги поставиме правците како генерално да се справуваме со овој проблем. Ова не е проблем само на владата или на медиумите, бидејќи креатори на лажни вести се и истакнати поединци и партиите и други центри на моќ“, вели министерот Поповски во интервју за медиуми.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.