Пишуваат за непочитување на правата на другите, а не можат да ги остварат своите

Датум

РАБОТНИ ПРАВА НА НОВИНАРИТЕ ВО РЕГИОНАЛНИТЕ И ЛОКАЛНИТЕ МЕДИУМИ

Пишува: Орданче Костов

Новинарите во медиумите во внатрешноста работат без регулирани договори за работа и плати, односно најголемиот дел од нив работат хонорарно без никаков надомест за прекувремена работа или право на годишен одмор.

Иако ретко меѓусебе дискутираат или отвораат дебати за условите во кои работат, локалните и регионалните новинари и медиумски работници се согласни дека нивните работни права се недоволно заштитени, односно дека често се прекршува Законот за работни односи.

Немањето колективен договор каде што би се регулирале односите меѓу сопствениците на медиумите и медиумските работници, централизацијата на медиумите во Скопје, неусогласената минимална плата, хонорарната соработка, се најголемите причини што работничките и професионалните права на новинаrите во регионалните и локалните медиуми се недоволно заштитени.

Новинарите во медиумите во внатрешноста работат без регулирани договори за работа и плати, односно најголемиот дел од нив работат хонорарно без никаков надомест за прекувремена работа или право на годишен одмор.

Поголем проблем е што овие хонорарни договори или договори на дело траат со години со што не се овозможува социјална и економска сигурност на новинарите, а таквата ситуација би можела да предизвика самоцензура.

Новинарите кои работат во локалните и регионалните медиуми го сочинуваат најголемиот дел од дописничката мрежа на националните традиционални медиуми што значи дека овие луѓе работат на најмалку два ангажмани дневно за да стигнат до просечната новинарска плата. Тие работат со релативно добра опрема и се чувствуваат генерално безбедни и покрај тоа што се полесно изложени на притисоци поради помалата средина во која творат.

Дописничката мрежа е секогаш прва на удар кога некој голем медиум има финансиски проблеми, односно се почнува со нејзино кратење, а овие новинари најчесто работат хонорарно или на договор кој во секој момент може да биде прекинат.

Просечната плата на локален новинар е еднаква на минималната државна плата

Локалните новинари од Велес велат дека драстично кршење на работничките права како што е годишниот одмор, немало, но никогаш не добиле дополнителна дневница за прекувремено работно време.

“Условите во локалните медиуми се просечни, а просечната плата на еден медиумски работник е всушност минималната државна плата. Кога таа беше 8.000 денари и платата на новинарот беше 8.000 денари. Иронично, со покачувањето на минималната плата во Македонија растеше и просечната плата на новинарите во Велес. Иако често постои кршење на Законот за работни односи, меѓу нас ретко дискутираме за овој проблем бидејќи ретко кој од новинарите или медиумските работници знае дека на пример, за висината на К-15 работодавецот не може сам да одлучи, туку тоа мора да го направи во согласност со вработените преку нивни претставник. И на локално ниво е исто како и во национално, праксата е да се експлоатира новинарот, снимателот, монтажерот што подолго како хонорарец. Ние немаме синдикални здружувања и затоа ССНМ мора да го прошири полето на дејствување и во локалните средини“, е ставот на колегите новинари и медиумски работници од Велес.

Договорот на дело е најкористен работен однос

Договорот на дело како правна врска помеѓу работодавецот и медиумскиот работник е најчесто користен во Охрид. Локалните новинари од Охрид се жалат дека договорите за работа најчесто се потпишуваат на три месеци и има ситуации кога истите не се продолжуваат, а ова важи и за дописниците кои работат за национални медиуми. Просечната плата на локален новинар или снимател е еднаква со минималната плата, 12.000 денари, но до неодамна таа плата била околу 9.000 денари. Дел од колегите го добивале хонорарот на крајот од секоја работна недела.

“Дел од медиумите во охридскиот регион работат со релативно добра опрема. Во делот на договорите за работа тоа се во најголем дел тримесечни договори на дело. Новинарите и вработените по редакциите на локалните медиуми, па и дописниците на националните медиуми добиваат годишен одмор, но тоа е различно. Има дел од нив кои добиваат со закон гарантиран годишен одмор од 20 до 24 дена, но има и такви на кои, поради нерегулираниот статус, тоа право им е ускратено. Дополнителна дневница за прекувремена работа е само мисловна именка и ништо повеќе од тоа. Генерално се почитува работното време бидејќи локалните медиуми немаат информативни емисии во текот на викендите, па така и тука се совпаѓа почитувањето на 40 часа работно време во текот на една недела. Што се однесува до исплаќањето на К-15, некаде има случаи каде што се исплаќа минималната сума, но потоа им се бара на вработените во медиумите да ги вратат тие пари назад. Најлошо од се е што нема иницијатива да се превземе нешто, иако сите реагираат на таквата состојба“, вели колега од Охрид.

Колективен одмор поради недостиг на кадар

Во кумановскиот регион кој брои околу 200.000 жители, има само една регионална телевизија, Сител 2 во Кратово и две локални ТВ во Куманово кои емитуваат програма на македонски, односно на албански јазик, две локални радија на македонски и две на албански јазик и два интернет портали. Од Куманово има дописници за МИА, Македонско радио, Канал 77 и сдк.мк, но ниту еден дописник за националните телевизии.

Условите во кои работат кумановските новинари и сниматели не се поразлични од оние во останатите градови во внатрешноста. Поради малиот број на вработени во локалните медиуми, секој од нив покрива по неколку настани дневно, главно работат и за викенд и за празници без притоа да им биде платена празнична дневница или прекувремени часови, што според Законот за работни односи е масовно кршење на правата на медиумските работници. Во повеќето медиуми во Куманово не се исплаќа регрес за одмор, а во последно време телевизиите одат на колективен одмор бидејќи не можат да функционираат поради недостиг на кадар.

“И дописниците се посебна приказна за себе бидејќи тие работат хонорарно од дома со сопствена опрема, интернет, автомобил и камера или фотоапарат. Наместо редакциите да инвестираат во новинарите, новинарите инвестираат во редакциите. Ниту еден од дописниците нема ниту пензиско, ниту здравствено осигурување, право на одмор или боледување. 24 часа се на располагање на редакцијата за сите настани во градот и околината за потпросечни хонорари. Ние, локалните  новинари, многу добро ги знаеме нашите права ама немаме начин да ги оствариме. Многу често се разговара на таа тема, но во сиромашни локални медиуми кои се на работ на опстојувањето нема простор да се добие повеќе. Работат на принципот земи или остави. Ако не сакаш ти има кој сака. А, кој сака да работи за околу 15.000 денари колку што е просечната плата на новинарите и камерманите во локалните медиуми“, објасни новинарката од Куманово, Сузана Николиќ додавајќи дека правото на одмор го користат вработените на неопределено време. Хонорарците добиваат по една недела одмор која најчесто не е платена.

Локалните новинари ја напуштаат професијата поради ниските плати

И колегите од локалните и регионалните медиуми во Струмица и околните градови работат во услови исти како тие во останатите градови, без регулирани договори и со застарена опрема. Често дискутираат за прекршувањето на правото на прекувремена работа за викенд и на празници, но од страв да не се загуби и тоа малку платено работно место, се премолчува проблемот.

Во Струмичко постои кршење на Законот за работни односи, најмногу во делот на работното време од 40 часа неделно, работата на празник и годишниот одмор.

“Новинарите во внатрешноста не можат редовно да ја земат минималната плата, а камоли дополнителната дневница за празник која е апстрактен поим. Медиумските работници знаат дека за висината за К-15, работодавецот не може сам да одлучи, но ретко кој воопшто прима регрес за годишен одмор и на локално и на регионално ниво. Како годишен одмор имаме две тековни недели или 14 дена заедно со саботите и неделите. Во останатиот период од годината ни следува и по некој слободен ден. Личниот доход се движи од минималната гарантирана плата до максимални 14-15.000 денари и затоа сите локални новинари работат дополнително на проекти или како дописници“, откриваат локалните новинари од Струмица кои не чувствуваат никаква социјална сигурност, а поради ниските плати, најголемиот дел од нив сакаат да ја напуштат професијата или молчат од страв да не го загубат работното место.

Од разговорот со колегите од локалните и регионалните медиуми може да се заклучи дека има чести прекршувања на Законот за работни односи, посебно во делот на регулирањето на работниот однос, исплатата на празнична дневница и на прекувремените работни часови. Генерално, сметаат дека е неопходно зголемувањето на платите за да се обезбеди сигурност, а тоа би се направило преку определување на минимална плата која ќе биде повисока од законскиот минимален личен доход од 200 евра.

Новинарите и медиумските работници се свесни дека се потребни јасни и прецизни договори за работа со кои точно ќе се знаат правата и обврските на работникот и работодавецот, а тоа е можно да се постигне преку колективен договор за што сметаат дека е потребна поддршка од синдикатот.

Во радијата хонорарците се побројни од редовно вработените

Врз основа на податоците кои телевизиите и радијата ги доставиле до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), регулаторот направи анализа за структурата на вработените кои биле ангажирани во медиумите заклучно до 31 декември 2017 година, во која има интересни податоци за регионалните и локалните телевизии и радио станици.

Вкупниот број на ангажирани лица за 2017 година кај сите радиодифузери изнесувал 2.918 лица од кои 886 во јавниот сектор и 2.032 лица кај комерцијалните радија и ТВ. Во редовен работен однос биле 2.324 лица, а останатите 594 имале авторски ангажман или биле хонорарно ангажирани.

Вкупниот број на вработени во приватните регионални телевизии во 2017 година изнесувал 272 лица, а локалните ТВ функционирале со 144 лица.

Во регионалните телевизии имало 203 лица во редовен работен однос наспроти 69 хонорарно ангажирани новинари или медиумски работници, додека во локалните ТВ станици, соодносот бил 86 редовно вработени наспроти 58 хонорарци.

Кај комерцијалните радија речиси подеднаков бил бројот на вработените во редовен работен однос и оние со хонорарен ангажман. Повеќе од половина од лицата во редовен работен однос биле вработени во локалните радиостаници (54,95%). Во локалните радиостаници имало 111 редовно вработени наспроти 87 хонорарци, а во регионалните радиостаници 53 во редовен работен однос наспроти 64 хонорарно ангажирани.

Локалните медиуми не се привлечни за студентите по новинарство

Студентите на студиите по новинарство на Правниот факултет во Скопје освен што не сакаат да работат за минимална плата после завршувањето на студиите, немаат никаков интерес да работат за локални телевизии или радија. Локалните новинари и дописници ги утврдија причините зошто традиционалните медиуми во внатрешноста на Македонија се непривлечни за младите.

“Новинарството не е атрактивна професија зашто не е платена. Поради разните притисоци и проблеми во малите средини голем дел од дипломираните новинари се занимаваат со други професии.  Ниските плати кои се најниски во регионот, не гарантираат слобода во изразувањето и социјална сигурност, а локалните медиуми на младите им нудат лоши услови за работа и лоши работни договори“.

На медиумските сопственици им се прогледува низ прсти

И  Публикацијата  “Социо-економската положба на новинарите во Источна Македонија“ која ја подготвија неколку автори од здружението Младински клуб од Штип, а беше поддржана од програмата “Новинарска мрежа за независни медиуми во Македонија“ на ЗНМ, пред две години го потврди она што новинарите го доживуваат подолг период, посебно во Источна Македонија: висок степен на непочитување на правата од Законот за работни односи.

“Речиси нема новинар кој добива платен годишен одмор како што предвидува Законот, најчесто во деновите од одмор им се бројат и викендите и празниците. Шаренилото од одговори покажува дека на работодавците – сопствениците на медиуми им се прогледува низ прсти и им се дозволува да не го почитуваат законот дозволувајќи им на новинарите да користат само 10, 15, 20 денови годишен одмор, вклучувајќи ги и викендите. Новинарите не добиваат слободни денови или финансиски надомест кога работат на празник или викенд. Малку подобра е состојбата кога станува збор за работното време, каде барем близу половина од анкетираните одговориле дека имаат осумчасовно работно време дневно.Постои потреба од мерки кои ќе овозможат новинарите да ги уживаат правата кои им ги овозможува Законот за работни односи и останатите законски одредби од оваа област, со што ќе се намали и незадоволството на новинарите од сопствениот статус, што секако треба да резултира и со подобри новинарски производи и со подобри услови за работа на новинарите “, стои во заклучокот на истражувањето.

 

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот  на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија

 

 

Останати
објави

Сподели на...