„Кога Шведска падна од трето на четврто место на глобалниот Индекс за слобода на медиумите, тоа кај нас се доживеа многу сериозно. Се разви широка дебата што треба да се преземе за да се подобри состојбата во медиумскиот сектор.“
Петнаесетина новинари и медиумски работници од регионот на Западен Балкан, меѓу кои и авторот на овој текст, ја дочекаа со насмевка оваа констатација на Џејмс Севиџ (James Savage), претседавач на медиумската организација Sveriges Tidskrifter, која ги застапува магазините во Шведска. Тој беше прв предавач на студиската посета во Стокхолм, организирана од медиумскиот институт Fojo, како дел од проектот за подобрување на безбедноста, работничките права и отпорноста на новинарите од Западен Балкан.
Да, нешто што кај нас можеби звучи како анегдота, во Шведска се доживува како „црвен аларм“ за слободата на медиумите. Веројатно, тоа е сосема очекувано во земја која уште во 1766 година, прва во светот усвоила закон за слобода на печатот и има вековна традиција во заштита на слободата на изразување и пристапот до информации.
Денес, Шведска редовно е на врвот на листата за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ и во последните пет години секогаш била или на третата или на четврата позиција на ова глобално рангирање. Ваков статус не се стекнува само благодарение на традицијата, туку потребна е постојана и макотрпна работа, особено во ера на дигитализација на комуникациите и галопирачки раст на примената на вештачка интелигенција во новинарството, но и во речиси сите сфери на општественото живеење.
И покрај сите предизвици, новинарството успева да го задржи приматот на ценета и важна професија во скандинавската земја. Можеби најилустративен податок за тоа е дека 32% од жителите на Шведска се претплатени на барем еден медиум без разлика дали станува збор за печатени или за онлајн изданија.
Една од најважните карактеристики на шведскиот медиумски систем е силната улога на јавниот сервис. Тој е составен од три национални јавни медиуми, од кои секој функционира како посебна компанија. Тоа се Шведската телевизија (Sveriges Television (SVT)), Шведското радио (Sveriges Radio (SR)) и Utbildningsradion (UR), медиум за едукативни содржини. Сите три уживаат висока доверба кај граѓаните и имаат значајна улога во обезбедувањето квалитетни и непристрасни информации од јавен интерес. Овие медиуми се финансираат од даноците на граѓаните. Станува збор за релативно нов модел и секој жител на Шведска за оваа намена годишно издвојува по околу 200 евра.
За време на престојот во Стокхолм, посетивме два медиуми – Шведското радио (Sveriges Radio) и Schibsted, втората најголема приватна медиумска групација во државата. Имавме можност да дискутираме со искусни новинари, но и со луѓе кои работат во секторите за безбедност на новинарите и човечки ресурси. Она што прво паѓа во очи е високиот степен на грижа за сите аспекти кои се однесуваат на заштита на работничките права, безбедноста и здравјето на медиумските работници.
Schibsted, медиумска компанија која во своето портфолио има телевизија, печатени и онлајн изданија, има изградено цела компаниска култура околу благосостојбата на новинарите и другите вработени во компанијата. Не станува збор само за грижа за основните работнички права, туку заокружен процес преку кој се посветува внимание на целокупната работна околина. Тргнувајќи од физичките услови за работа, преку психо-социјалните аспекти како стресот, преголемиот обем на работа, соодносот меѓу работата и приватниот живот (work-life balance), па сè до тоа какво е нивото на хигиена, дали е поволна температурата и степенот на врева во „океан“ работниот простор.
Нивните процедури предвидуваат еднаш годишно да се спроведе контрола за условите на работа. Што значи тоа во пракса? Претставници на менаџментот и на вработените одат низ канцелариите и забележуваат дали некои услови за работа не се соодветни, но и разговараат со сите вработени. При тоа, најголем дел од нив отворено кажуваат коментар или забелешка за условите за работа и веднаш се преземаат мерки за нивно надминување.
Примерот на Schibsted можеби изгледа како далечна иднина за македонскиот и регионалниот медиумски простор, но мое лично убедување е дека дел од медиумите во земјава имаат капацитет да реплицираат некои од овие практики и на тој начин да бидат позитивен пример за унапредување на условите за работа на новинарите.
ОНЛАЈН ЗАКАНИТЕ МЕЃУ НАЈСЕРИОЗНИТЕ ПРОБЛЕМИ ЗА НОВИНАРИТЕ ВО ШВЕДСКА
Во последните години, медиумите во Шведска особено големо внимание посветуваат на дигиталната безбедност на новинарите. Еден од најсериозните проблеми се онлајн заканите со кои се соочуваат медиумските работници. Според податоците што со нас ги сподели Севиџ, една третина од новинарките во Шведска пријавиле закани преку интернет. Со цел побрзо да се реагира при ваквите случаи, воспоставена е „црвена линија“ (hotline) со полицијата и има специјални полициски офицери, обучени да реагираат и да постапат при вакви случаи.
Во овој контекст, особено податлива за нас беше средбата со претставничките на Шведскиот синдикат на новинари. Станува збор за силна организација, која постои 125 години и во моментот има околу 13.000 членови. Синдикатот има клучна улога во заштитата на слободата на изразување и слободата на медиумите, како и борбата за работнички права и професионален интегритет на новинарите. Државата има прецизна регулатива која недвосмислено ги гарантира работничките права што секако е олеснителна околноста.
Но, синдикалните битки за заштита на рабтниците никогаш не се на пауза. Од синдикатот на новинари потенцираа дека најголеми предизвици денес се стресот и преоптовареноста на новинарите, како и говорот на омраза, заканите и насилството насочени кон медиумските работници. Според податоците на синдикатот, дури 70% од новинарите добиваат навреди, а 4 од 10 новинари престанале да известуваат за конкретни теми заради сериозни закани по нивната безбедност.
Сите овие информации укажуваат дека дел од проблемите со кои се соочуваат новинарите се секаде исти, и во Шведска и во Македонија. Разликата е во тоа каков е пристапот за нивно решавање. Во 2026 година земјава беше рангирана на 45 позиција на Индексот за слобода на медиумите од вкупно 180 земји. Не знам колку сериозно се доживеа тоа кај нас, но знам дека сите заедно треба да работиме на подобрување на состојбите. И не, не претендирам да кажам дека треба ја стигнеме Шведска. Доволно е сите општествени фактори искрено да работат на креирање непристрасна, објективна и безбедна средина за работа на новинарите. Затоа што слободата на медиумите не ги засега само новинарите, туку сите на кои им е важно во каква држава живеат.
Овој текст е дел од проектот „Клучни предизвици: Подобрување на безбедноста на новинарите, работничките права и отпорноста на Западен Балкан“, поддржан од Шведскиот институт, а спроведуван од Медиа Институтот ФОЈО (Шведска), заедно со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Центарот за истражувачко новинарство (БиХ), Независно здружение на новинари на Србија, Синдикатот на медиуми во Црна Гора и АМПЕК (Косово).


