Генералниот заклучок на „Фридом хаус“, кој се провлекува во нивните три последни извештаи (2015, 2014 и 2013) , е дека новинарите во Македонија имаат ниски плати, несигурна работа, лоши работни услови и трпат притисок од сопствениците, додека повеќето медиуми зависат од парите на Владата или на одредени бизнисмени.
Приватните медиуми зависни, а јавните во служба на власта
„Најголем дел од приватните медиуми зависат од политичките или од бизнис интереси и тие влијаат врз содржината, додека државните медиуми имаат тенденција да ги поддржуваат владините ставови“, пишува „Фридом Хаус“ во нивниот извештај од 2015 година.
„Фридом хаус“ заклучува дека медиумската сцена во Македонија драстично се сменила во корист на Владата кога во 2011 се затворија четири опозициски настроени медиуми, во сопственост на Велија Рамковски, меѓу кои и А1, тогаш водечка телевизиска станица.
Организацијата потсетува и дека Советот за радиодифузија (денешна Агенција за медиуми) во септември 2012 постави рок во кој требаше да се испочитува законот што им забранува на јавните функционери и на нивните блиски роднини да поседуваат медиуми, регулатива што не ја почитуваа сопствениците на две големи телевизии и едно радио.
„Фридом хаус“ констатира дека функционерите формално ја напуштиле фунцкијата или се откажале од медиумите, меѓутоа ги контролираат медиумите преку прокси (лажни) сопственици.
„Фридом хаус“ забележала и дека бизнисменот Орце Камчев, кој важи за близок до власта, ги купи трите најголеми весници во Македонија кои претходно беа во рацете на германската медиумска групација ВАЦ.
Владини реклами и попусти за огласување на владејачката партија
Организацијата вели дека доминацијата на Владата во медиумската сфера преку рекламирањето се покажала и пред самите парламентарни и претседателски избори во април 2014, кога јавните и најголем дел од приватните медиуми биле пристрасни и ја фаворизирале Владата.
Слична била состојбата и на локалните избори во 2013 година кога владејачките партии го откупиле речиси целиот огласен простор во големите медиуми, бидејќи добиле огромни попусти.
„Владата постојано е критикувана за начинот на којшто ги прераспределува владините реклами со кои се финансираат провладините медиуми и се зголемува нивната зависност од власта. Таа е најголемиот огласувач во медиумите, додека владејачката партија добива најголеми попусти за огласување во медиумите, поготово за време на изборите“, се вели во извештаите на „Фридом хаус“ од 2015 и 2014.
Притисоци, закани и заплашувања
Организацијата во извештајот од 2015 констатира дека со новиот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета се вовеле големи казни за новинарите, уредниците и за сопствениците на медиумите. Овој закон требаше да го надополни правниот вакум со тоа што клеветата беше отстранета од Кривичниот законик во 2012 година.
Во извештаjот од 2015 се споменува тужбата на ексдиректорот на Управата за безбедност и контрарзузнавање, Сашо Мијалков против неделникот „Фокус“.
Невладината за заштита на слободата на изразувањето во 2014 ја критикуваше и полицијата, бидејќи загинувањето на сопственикот на „Фокус“, Никола Младенов од март 2013 го третирала само како сообраќајка и не одговорила на битни прашања како што е исчезнувањето на мобилниот телефон на Младенов од местото на несреќата.
Организацијата го третира и случајот со новинарот Томислав Кежаровски и неговото затворање за текст од 2008 година, меѓутоа спомнува дека тој ја истражувал и смртта на Младенов.
„Фридом хаус“ го цитира и истражувањето на Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) од март 2014, кое покажало дека 65 проценти од новинарите искусиле цензура, а повеќе од половина се самоцензурираат.
„Фридом хаус“ во извештајот за 2015 забележува и дека владата ја промовирала Македонската асоцијација на новинари (МАН) како ривал на ЗНМ, додека членовите на Самостојниот синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) се соочиле со отпуштање од работа и други форми на притисок од страна на функционерите и на работодавачите.
Во својот извештај од 2013 година, „Фридом хаус“ констатира дека Владата на премиерот Никола Груевски и неговите медиумски сојзуници покажуваат зголемено непријателство кон критичките медиуми.
Во извештајт од 2015 нотиран е и нападот врз уредникот на Слободен печат во врска со неговото известување за студентските протести и за вработените во администрацијата, додека во истиот извештај стои дека полицајците барем три пати бришеле фотографии на фоторепортерите од различни настани.
„Фридом хаус“ го нотира и случајот кога весниците објавија сексистички и хомофобични текстови за уредници и за новинари.
Во сите три последни извештаи на оваа организација стои дека смртните закаи и другите форми на заплашување кон новинарите не се процесуираат.
Постојана забелешка на „Фридом хаус“ е и дека власта селективно го спроведува Законот за слободен пристан на информации од јавен карактер со тоа што или ги одложува одговорите или воопшто не им одговара на независните и критички медиуми.
Во извештајот од 2013 организацијата вели дека македонските новинарите немаат еднаков пристап до владините функционери, бидејќи тие обично разговараат само со пријателските медиуми.
„Репортери без граници“
„Репортери без граници“ пишуваат дека Македонија ги спроведува реформите потреби за членство во Европската унија (ЕУ), меѓутоа тоа демократско маскирање не е доволно да се скријат многуте прекршувања на слободата на информирање.
Според оваа организација симбол на оваа ситуација е случајот со Томислав Кежаровски, кој беше осуден прво на четири па на две и пол години затвор за напишан текст, како и случајот против новинарот Зоран Боживноски кој беше прогонувам во случајот „Шпион“.
Во 2014 Македонија паднала на листата на „Репортери без граници“ од 116 место на 123.
„Репортери без граници“ ја стави Македонија во групата на балкански држави каде се намалува индексот на слободата и нашата, како и повеќето балкански држави, се карактеризираат со:
судско малтретирање на новинарите, несоодветни закони, слаб пристап до јавните податоци, физичко и психичко насилство против новинарите, злоупотреба на владиното и на приватното рекламирање во медиумите и сивата економија во медиумите.
„Следејќи го опасниот пример на Унгарија и на Италија, македонскиот Парламент се подготвува да ја „легализира цензурата“, со постојаното играње топло-ладно со новинарската професија“, се вели во извештајот наречен Светски индекс на слободата на печатот за 2013 година.
Во оваа година забележан е пад на Македонија на листата на „Репортери без граници“ од 94-то на 116-то место, пад од цели 22 места.
Во 2012, според „Репортери без граници“ Македонија паднала на 94 место од 68-то.
SEEMO (South East Europe Media Organisation)
На сајтот на Медиумската организација за Југоисточна Европа (SEEMO) достапен е само извештајот за 2014 година. SEEMO накратко вели дека овие 12 месеци се истакнуваат со нова и рестриктивна медиумска регулација, владина контрола на малиот медиумски пазар преку рекламирањето, нетранспарентните буџети за рекламирање, самоцензура, нетранспарентата сопственичка структура на медиумите, притворање на новинари и нивно обвинување од државата за шпионажа и силно влијание на политичарите и бизнисот врз уредувачката политика на медиумите.
SEEMO ги спомнува судењата на новинарите Томислав Кежаровски и Зоран Божиновски, и забележува дека при немирите во 2014 во Ѓорче Петров, по повод убиството на едно момче, полицијата бришела фотографија на новинари.
Алармантно е дека се уште има полицајци што веруваат дека може да ги спречат новинарите кога тие си ја вршат работата, вели во извештајот за Македонија Оливер Вујовиќ генералниот секретар на SEEMO.
SEEMO во овој извештај посебно се осврнува на новите медиумски закони во Македонија и смета дека во нив се вградени неколку големи проблеми:
- Недостаток на независност кај јавниот сервис Македонската радиотелевизија и кај регулаторното тело Агенција за медиуми
- Нема потреба да се регулираат печатените медиуми
- Има потреба да се регулира спроведувањето на владините реклами
- Да се избрише дефиницијата за новинар
- Да се измени делот кој предвидува високи казни за медиумите
Препораките на International Federation of Journalist и на European Federation of Journalist за реформи во македонските медиуми од 2014 година.
- Да се изменат законите и да се усогласат со меѓународните норми за слободата на изразување и да се обезбеди нивна примена подеднакво и без дискриминација;
- Да се сопрат сите акти на притисок и непристојни ограничувања кон независните и критичките медиуми, да се преиспитаат сите мерки преземени против новинарите и да им се понуди компензација на жртвите на неправедните мерки. Ова се однесува на затворањето на неколку медиуми и на процесот против Кежаровски;
- Да се гарантира непристрасноста на судовите, како и ревизија на назначувањето на судиите во согласност со меѓународните стандарди и практики;
- Да се обучуваат судиите за правилно спроведување на Законот за законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета во согласност со меѓународните стандарди и практики, да се осигура дека државните и партиските функционери ќе се воздржуваат од тужби против истражувачките новинари кога легитимно отркиваат информации од јавен интерес;
- Да се осигура дека владините кампањи се целосно транспарентни и дека имаат јасен јавен интерес заснован врз објективни критериуми;
- Државата треба да ја гарантира непристрасноста на регулаторното тело за медиуми и да го заштити од партиско и од економско влијание;
- Да се гарантира слободата на здружување на новинарите со тоа што ќе се истражи владиното мешање во работата на новинарските здруженија и асоцијации;
- Да се испитаат сите случаи на насилство врз новинарите, напаѓачите да одговараат и да се стави крај на неказнивоста на овие дела;
- Да се преземат мерки кои ќе гарантираат институционална и финансиска независност на јавниот сервис МРТ;
- Да се осигура дека државните институции навремено одговараат на граѓанските барања за пристап до информации од слободен карактер;
- Државата мора да гарантира минимални работнички права и колективен договор во медиумската сфера. Ова да се направи на тој начин што ќе се преземат мерки против медиумските сопственици што ги прекршуваат работничките и професионалните права на медиумските работnици и ќе се гарантира правото на членство во синдикатите без страв од отпуштање и други реперкусии;
- Да престант сите обиди да се маргинализираат и дискредитираат независните синдикати и професионални здруженија;
- Влезот во новинарската професија и правото да се биде новинар не треба да бидат регулирани со законски дефиниции и други прописи;
Владо Апостолов