Слободата одамна ја споредија со воздухот: колку ни е потребна и важна, дознаваме дури тогаш кога ќе ја снема. Денот на слободата на медиумите 3 мај нужно мора да биде посветен на сите оние што се повеќе сè задушуваат.Ако кажеме дека македонското новинарство минува низ досега најлоша криза, бројот на оние што ќе речат дека се повторуваме сигурно ќе биде поголем од бројот на оние што ќе речат дека претеруваме. И мнозинството ќе биде во право: навистина се повторуваме, особено последниве години.
Но, годините зад нас, искуството зад нас покажуваат дека тоа е неопходно. Затоа што слободата на говорот е темелот на слободата на медиумите, гарант на правото на граѓаните да добијат точна и независна информација, чувар на демократијата. Македонското општество ја плаќа, и допрва ќе ја плаќа високата цена на уништувањето на професионалното новинарство
Со затворањето очи пред фактот дека за неполни три години бројот на затворените работни места во медиумската индустрија се наближува до 900, од тоа дека под закрилата на „економски“ причини снемува критички медиуми, се прогонуваат професионалци и луѓе со личен интегритет и се заменуваат со приучени послушници, од тоа дека ужасно недозволиво голем број новинари живеат во професионална неизвесниот и банкрот на сопствените идеали, со вртењето глава од оваа состојба прави самото општество, јавноста да учествува во убивањето на новинарството.
Без силни медиуми со независна уредувачка политика, без професионални новинари – нема новинарство. Без новинарството нема демократија.
Денес кога пред нас е нова закана – закон за медиуми што има амбиција да наметне, или подобро, да озакони партиска контрола врз медиумското работење, да легализира цензура и да го окупира и интернет просторот како никогаш досега мораме да сториме се да допреме до јавноста и да и ја предочиме опасноста со која се соочува. Грижата за слободата на медиумите, на правото на информација и статусот на професијата не е само битка: на новинарите, еснафските здруженија и синдикатот, туку и на граѓаните.
Затоа што земја без независни, критички медиуми е земја во која нејзините граѓани се подложени на диктат на „министерството на вистината“ кое веќе отвори подружници речиси низ сите медиуми. Земја со мизерно платени, понижени и исплашени за својата економско социјална состојба новинари е осудена на авторитарна владејачка елита на која токму слободата на граѓаните и се првата жртва.
Тамара Чаусидис