НОВА СТУДИЈА НА „РОЈТЕРС ИНСТИТУТ“
Под притисок на намалениот профит и во некои случаи ограничените ресурси, локалното новинарство изнаоѓа начини за работа од кои има јасни придобивки, како за квалитетот на известувањето, така и за споделувањето на ресурсите и приближувањето кон заедниците, открива новата студија на „Ројтерс Институт“.
Студијата, „Студии на случај на Здружено локално новинарство“ од истражувачот Д-р Џој Џенкинс и в.д. директорот на одделот за истражувања Лукас Грејвс анализира три значајни форми на соработка и здружување, секоја со свој стил на градење на мрежа, развој на проекти и дистрибуција, дизајнирани да постигнат посебни уреднички и комерцијални цели. Иако не без предизвици, овие проекти служат како примери за тоа како локалното новинарство може да го постигне максимумот со ограничени ресурси, и како локалните новинари се подготвени заеднички да експериментираат за да негуваат квалитетно новинарство со локално влијание.
„Соработката се појави како важна стратегија овозможувајќи им на новинарите да работат заедно за да известуваат за важни прашања соочувајќи се со своите заедници додека истовремено профитираат од споделување на знаења, ресурси, менторство и се поддржуваат меѓусебно. Иако многу од предизвиците за локалното новинарство остануваат, овие иницијативи покажуваат волја кај учесниците за прифаќање на иновативни стратегии кои преминуваат преку географските и организациските линии“, вели водечкиот автор на студијата, Д-р Џенкинс.
Оваа студии во предвид зема три студии на случај: „Биро локал“ од Обединетото Кралство, истражувачка мрежа од речиси 1.000 новинари, аналитичари на податоци, академици и други; „Л’италија деле слот“ од Италија, истражувачки проект помеѓу новинарски старт-апи и етаблиран национален и регионален издавач, ГЕДИ; и „Ланен Медија“ од Финска, заедничка редакција за 12 регионални весници.
Овие здружени проекти произведоа новинарство кое има јасни социјални и политички импликации. „Биро локал“ објави низа детални истражувања за бездомниците кои умираат по улиците на низа области во Обединетото Кралство. „Биро локал“ овозможи грантови за локалните репортери што им овозможи да поминат подолг период во погодените заедници за да изградат врски и познанства со клучните извори. До денес, „Биро локал“ произведе 10 истражувања и 350 локални стории.
„Л’италија деле слот“ го сврте вниманието на растот на бројот на апарати за коцкање низ цела Италија, и обработи податоци добиени од два старт-апа кои потоа соработуваа со ГЕДИ, односно нивната лабораторија за визуелизација. Наодите на „Л’италија деле слот“ беа споделувани во италијанскиот парламент од пратенци и групи за застапување и успехот на истражувањето повлече и последователно истражување на други форми на легално коцкање.
Секоја од овие форми на соработка има најдено сопствен начин на организирање на разноврсна и дисперзирана мрежа. Четириесетте репортери на „Ланен Медија“ се прецизно поставени во 12-те регионални весници кои учествуваат во проектот, како и посветена редакција во Хелсинки. Четирите уредници се исто така географски на различни позиции, и организираат дневни телеконференции со репортерите. Систем за менаџирање на содржините се користи за споделување на сториите со редакциите учесници во проектот, што овозможува секој да остане поврзан и информиран за работата на новинарите. „Биро локал“ споделува податоци и упатства за известување со сите учесници преку различни комуникациски канали. „Слек чанел“, вклучувајќи ги и „отворените редакции“, и „хек дејс“ исто така се користат да ги приближат луѓето.
Студијата открива дека остануваат низа значајни предизвици. Градењето на споделена култура и заедничка мисија при спојувањето на новинарите од различни редакции, организации и локации е идентификувано од некои од интервјуираните како тешко. Исто така тешко е и градењето на доверба помеѓу учесниците во мрежата од конкурентските организации.
Финансиската одржливост исто така е една од грижите, при што „Биро локал“ е зависно од грантови и донации, додека „Ланен медија“ и „Л’италија деле слот“ продолжуваат да се потпираат на стандардниот комерцијален пристап, секој од нив со свои посебни предизвици.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.
“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија”