• ++389 2 2671 201
  • ssnm.info@gmail.com
  • Бул. Климент Охридски 58б 2/3, 1000 Скопје

Спасување на новинарството или на медиумите?

Маја Јовановска

Две години по падот на Владата на ВМРО-ДПМНЕ и четири откако секнаа државните пари, повторно се отвори дебата за потребата од финансирање на медиумите. Сопствениците на телевизиите и радијата бараат помош од власта, таа пројави желба да ги слушне нивните проблеми и потреби, а новинарските организации се против директни пари во медиумите. Вакви се засега нивните позиции кои јавно ги искажаа на првата дебата која минатиот месец се одржа во Струмица. Темата беше „Фонд за развој на медиуми“, а организатор на средбата беше Здружението на регионални и локални медиуми „Медиум објектив“.

Барањата на сопствениците на електронските медиуми станаа погласни откако на почетокот на годинава субвенции добија печатените медиуми и на 11 весници од државниот буџет им беа доделени 690.000 евра. Иницијативата доаѓа од сопствениците на регионалните и локалните медиуми, но колачот не може да се дели без учество и на националните телевизии. Власта се смени, се промени и уредувачката политика во дел од нив, но и натаму останаа истите сопственици кои за време на владеењето на Никола Груевски добиваа милиони евра годишно на име реклами и кампањи.

Токму овие аргументи ги користи претседателот на Здружението на новинарите, Младен Чадиковски кога вели дека нема вистинско новинарство со државни пари, бидејќи тоа едно со друго, не оди заедно.

„Ние како ЗНМ сме заинтересирани локалните и регионалните медиуми да опстанат, особено во развој на професионалното новинарство. Ние сме за одреден тип на поддршка, но како олеснувања од одредени давачки кон државата. Сите бевме сведоци што направија државните пари во медиумите и не сум сигурен дека буџетските пари можат да доведат до подобрување на состојбата во медиумите ако бидат директно вбризгувани“, вели Чадиковски.

Во моментов има вкупно 122 радиодифузери, од кои 52 телевизии и 70 радија. Пазарот е мал и сиромашен, а по секнувањето на државните пари се поголеми се финансиските проблеми. Особено е лоша состојбата кај регионалните и локалните телевизии и радија, каде ретки се тие кои годината ја завршиле со добивка.

Според анализата на пазарот на Агенцијата за медиуми, националните телевизии во 2017 година имале најниски приходи во последните пет години. Или петте телевизии со терестријална концесија (ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Телма, ТВ Алсат-М и ТВ Алфа), оствариле приход од 17 милиони евра. Најголем пад имала ТВ Алфа  22 проценти, а поголеми приходи имала само Телма и тоа за 31 процент.

Телевизиите Сител и Канал 5 кои во времето на Груевски беа главната пропагандна машинерија и со оваа Влада и без државни пари за реклами се држат добро. А, сите пет национални терестеријални телевизии работат со добивка.

Какво е движењето на приходите за споредба ги земавме податоците од Агенцијата за медиуми за 2012 и 2017 година (zа 2018 година се уште не се објавени).

Во 2012 година на целата територија на државата програма емитуваа четири телевизиски станици – ТВ Сител, ТВ Канал 5, ТВ Алсат-М и ТВ Телма. Вкупните приходи што овие четири субјекти ги оствариле изнесувале 19,6 милиони евра. Речиси половина од вкупните приходи ги остварила ТВ Сител (48,52%), а значајно учество имаат и приходите на ТВ Канал 5 (29,87%). Сител во 2012 имала 9,5 милиони евра приходи, Канал 5 ТВ 5,8 милиони евра приходи, Алсат 2,4 милиони евра и Телма 1,8 милиони евра. Во 2017 година приходите на Сител и Канал 5 им се намалени за повеќе од 2 милиони евра, Алсат задржува исто ниво, а во пораст се приходите  на Телма. Во 2017 Сител остварила 7,3 милиони евра приходи, Канал 5 ТВ 3,3 милиони евра. Потоа Алсат 2,5 милиони евра, Телма 2,4 милиони евра и најмалку има Алфа 1,7 милиони евра.

Се смени уредувачката политика, сопствениците се исти

Само неколку месеци по доаѓањето на власт, во септември 2017, актуелната Влада на прес конференција обелодени скандалозно трошење на пари во медиумите од власта на Груевски. Владиниот портпарол Миле Бошњаковски објави дека од 2008 до 2015 година биле потрошени 38 милиони евра – пари на граѓаните за кампањи и пропаганда во електронските и печатени медиуми во Македонија. Бошњаковски тогаш го искажа цврстиот став на Владата дека повеќе нема да постојат ниту реклами, ниту плаќања на медиуми за маркетинг активности.

Со промена на власта во телевизиите Сител и Канал 5 се сменија само главните уредници, сопствениците на овие две телевизии се непроменети. Горан Иванов и Емил Стојменов беа дел од „бомбите“ на СДСМ, кога тогашниот лидер Зоран Заев го демаскираше „режимот“ и неговата спрега со провладините медиуми.

Денес Заев е премиер. И тој и неговите министри сега се чести гости во овие телевизии. Министерот за транспарентност Роберт Поповски тврди дека Владата нема намера да врши влијание врз работата на медиумите, туку преку финансиска помош таа би сакала да им помогне да опстојат, а целта им била да му дадат шанса на професионалното новинарство.

„Националните телевизии не се сите исти. Има со еден вид на дозвола и со друг вид на дозвола. Ги има и Сител и Канал 5, ама има и други кои беа хендикепирани и чии новинари издржаа макотрпно на браникот на демократските вредности и професионални стандарди и денес уште работат таму. И кога разговараме како да им помогнеме на медиумите, мислиме како да им помогнеме на новинарите“, вели Поповски.

Новиот модел кој се заговара и кој доаѓа од Здружението „Медиа објектив“ и беше презентиран во Струмица е парите за т.н. Фонд за медиуми да доаѓаат од независните регулаторни тела, а како конкретен пример беше посочена Агенцијата за електронски комуникации (АЕК). На тој начин, според претседателот на „Медиа објектив“ Димитар Мицев, во медиумите нема да влегуваат директни буџетски пари и ќе се заштитат од притисоци и влијанија од власта.

Заробена демократија

„Заробена демократија“ беше насловот на анализата за сопственичката структура на медиумите во Македонија објавена во 2012 година од невладината „Транспарентност“. Особено под лупа беа газдите на телевизиите Сител и Канал 5, како и сопственикот на „МПМ“ Јордан Камчев, како медиуми кои добиваа најмногу пари од тогашната влада. Според информаците во анализата, семејството Иванови освен Сител, поседува уште триесетина фирми, а Стојменови раководат со петнаесетина компании.

Ана Јаневска Делева од „Транспарентност“, која е една од авторите на анализата, вели дека доколку постои независен мониторинг систем врз начинот на финансирање на медиумите, тие можат да бидат непристрасни, транспарентни и слободни.

Како пример ги посочува субвенциите во печатените медиуми, чие финансирање смета дека треба да биде мониторирано од Агенцијата за медиуми, која на пример во декември минатата година објави предупредување за случајот со регионалната Телевизија 3, во кој сопственикот се јавува и како сопственик на правно лице кое добило милионски тендер од Министерството за внатрешни работи, што според АВМУ отвора можности за воспоставување на клиентелистичка врска.

„Предупредувањето кое го објави АВМУ за можен клиентелизам на медиум кон власта е прво од ваков вид досега. Овој случај покажува дека Агенцијата, во минатото, иако можела сепак не реагирала и не укажувала на случаите на спрега меѓу власта и медиумите, како и на притисоците на власта врз слободата, независноста и интегритетот на медиумите и на новинарите. Овој случај покажува и дека АВМУ треба да функционира како независно регулаторно тело кое постојано и неселективно ќе ги следи состојбите во медиумската сфера, ќе укажува на девијациите и ќе предлага соодветни политики и механизми за поттикнување и заштита на независноста на медиумите од политички влијанија“, вели Јаневска Делева.

Претседателот на асоцијацијата на печатени медиуми и сопственик на весникот „Коха“ Лирим Дулови, уверува дека државните пари нема да влијаат врз нивната уредувачка политика, ниту пак можат да бидат причина за клиентализам и корупција во весниците.

„Условите за начинот на помагање на нашите медиуми ги определивме ние сами. Порано имавме случаи кога буџетските пари беа злоупотребени од владини гарнитури и без никаква транспарентност се делеа на поедини медиуми на име на некоја кампања. Сега медиумите од нашето здружение, веќе две недели тераат сами една кампања против говорот на омраза, со сопствени средства и сили“, вели Дулови.

И од Владата испратија порака дека не може да стане збор за никава корупција или притисок врз уредувачките политики, туку парите што ги добија од буџетот се поврат на дел од трошоците што медиумите веќе ги направиле.

Министерот Роберт Поповски и за најновата идеја за финансирање на телевизиите и радијата вели дека Владата нема намера да врши влијание врз работата на медиумите.

„Кога се спомнува каков било вид на поддршка, сомнежот е дека власта по заобиколен пат сака да ги привлече медиумите на клинтелистички однос. Не. Целта е како е да се овозможи пазарот да постои, а новинарството да добие развојна компонента. Особено ми е непријатно кога се прави равенство меѓу оваа иницијатива со владата на Груевски и парите што ги импутираше во медиумите за да ги корумпира. Груевски внесуваше пари во тие медиуми кои требаше да ги плати“, изјави Поповски на првата дебата за Фондот за развој на медиуми.

Засега раководствата на националните медиуми се држат настрана од иницијативата за формирање Фонд за медиуми. Единствена телевизија која јавно го изнесе својот став против државни пари е Алсат Телевизија. Во анализата на Македонскиот институт за медиуми насловена како „Механизми за субвенционирање на медиумите“, објавена лани во декември директорот на Алсат, Лирим Хајредини вели дека е „против субвенции во капиталистичко општество, без оглед дали станува збор за телевизија или за кој било друг сектор“. Според него, пазарот треба да го диктира квалитетот, бидејќи тоа тешко се постигнува со субвенции.

„Субвенциите треба да имаат јасна цел – дали ќе се користат за подобрување на стандардот на вработените, дали за да се понуди подобар производ за гледачите или нешто трето.Како и да е, ако нема јасни пазарни критериуми, нема да помогнат субвенциите, дури ќе прават повеќе штета“, вели Хајредини.

Државата, според Хајредини, може да им помогне на телевизиите преку овозможување што потранспарентно мерење на гледаноста.

Дел од медиумите под истрага на СЈО

Токму медиумите кои добиваа сериозни парични средства од претходната влада, или пак, на каков било начин беа поврзувани со ВМРО-ДПМНЕ денес се под истрага, а токму поради ова, но и поради други фактори по смената на власта медиумската сцена доживеа неколку потреси. Згаснаа дневните весници Дневник, Утрински весник и Вест. Под стечај замина ТВ Нова на Сеад Кочан, а пропадна и радиото Слободна Македонија. Во сите овие медиуми се слеваа милиони евра државни пари за реклами и кампањи од Владата.

Според податоците од Агенцијата за медиуми од 2014 година затворени се 25 телевизии и 11 радија. Меѓу нив се и шесте регионални телевизии кои во еден ден во 2013 беа купени од три новоформирани скопски фирми, а сега се под истрага на СЈО за финансиски криминал.

Специјалното обвинителство во октомври најави нова истрага под името „Пропаганда“, во која се опфатени екс премиерот Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата Кирил Божиновски, како и поранешните сопственици на фирмата М Медиа издавач на Курир и Република и генералниот директор на МРТВ, Марјан Цветковски.

„Преку распределба на средства од државниот буџет и преку преземање на локални телевизии и едно радио да се влијае на независноста на радиодифузерите при создавање на програмите и креирањето на уредувачката политика и да се влијае на содржината на програмата, така што во медиумскиот простор да доминираат идеите и активностите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во периодот од 2010 до 2015 од Буџетот исплатени се 30 милиони евра од кои најголем процент завршиле кај радиодифузерите кои што ја поддржувале политиката и активностите на ВМРО-ДПМНЕ“, обелодени СЈО.

За време на владеењето голем дел од медиумите беа со сомнителна и непозната сопственост,а по промената на власта повторно дојде до смена во сопственичката структура на дел од медиумите. Во Телевизијата Алфа, како и во порталите Курир, Република, Лидер, Денешен, Нетпрес влезе унгарски капитал, од луѓе кои се поврзуваат со претседателот Виктор Орбан. Се формираа и нови телевизии кои емитуваат програма на државно ниво – 1ТВ, ТВ 21, Шења, Клан.

Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.

“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот  на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија

Scroll Up