Важноста на градењето заедница за омасовување и зацврстување на синдикатот

Датум

Анализата се однесува на градењето заедница за омасовување и зацврстување на синдикатот, здружување на новинарите и медиумските работници со цел изборување за своите работнички и професионални права

Изработката на петгодишната стратегија на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) вклучуваше и создавање на низа стручни прилози кои помогнаа попродлабочено да се навлезе во синдикалното организирање во медиумите, како и специфични работнички права што се од суштинско значење за слободно и објективно известување.

Една од анализите се однесува на градењето на заедница за омасовување и зацврстување на синдикатот, здружување на новинарите и медиумските работници со цел изборување за своите работнички и професионални права. Професорот Здравко Савески, во оваа анализа навлегува во потенцијалните начини и активности кои мора и треба да се преземат со цел еден синдикат, односно Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници да функционира како што е замислено, а притоа да биде ефикасен во заштитата на правата на своите членови.

„Синдикатот се темели врз заклучокот дека работниците, кога се здружени меѓу себе и настапуваат „како еден“, во однос на вработувачот (работодавачот, капиталистот), располагаат со моќ да ги обликуваат условите на својот работен однос, на начин што го немаат кога настапуваат секој одделно. Колку е побројно здружувањето (синдикатот) и колку неговите членови се посплотени меѓу себе, толку е поголема заедничката моќ да се издејствуваат посакуваните промени. Не е напразно кажано, ниту е безживотна флоскулата: „Обединети стоиме, поделени паѓаме!“.

Оттука, обединувањето на поголем број работници во синдикатот, како и зголемувањето на внатрешната кохезивност се прашања на интензитетот на сопствената моќ за секој синдикат, вклучително и за Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници. Во оваа анализа ќе се разгледуваат прашањата на вклучувањето нови членови и кохезивноста меѓу членовите, со цел ССНМ, но и кој било друг синдикат, успевајќи да направи исчекор на тој план, поефективно би ги материјализирал своите програмски цели“, пишува во резимето од стручната анализа на Савески.

Целиот прилог кон стратегијата можете да го прочитате со клик овде.

Англиската јазична верзија на публикацијата преземете ја со клик овде.

Останати
објави