Во еден свој есеј Орхан Памук се навраќа на општествената, социјалната, па и политичката улога што во текот на историјата (би рекле до денес) ја играат – берберите и фризерите.
Се разбира, освен берберската примарна улога да ви ја одржуваат фризурата и брадата, берберите (па и берберниците) се своевиден информативен центар за временски и спортски прогнози, но и за информации за нови поскапувања, за мрачните тајни на угледните личности, па се до информациите за светски и локални заговори.
Во таа смисла Памук го спомнува настанот од 1826 година кога реформаторскиот султан Махмуд II со својата регуларна војска ја напаѓа јаничарската команда во Истанбул. Тогаш по истанбулските улици се убиени десетици илјади јаничари, а веднаш потоа султанот Махмуд ги затвора сите кафеани и – берберници. Овој гест Памук го толкува како обид да се замолчи уличната опозиција (политика својствена на речиси сите турски султани) и го компарира со современите забрани гаснења на – весниците! Зашто кафеаните и берберниците ја имале токму таа улога – да шират вести и измислици, приказни за опозицискиот гнев, за лагата и за инаетот…
Асоцијативноста на есејот на Памук со состојбите во Македонија е прилично јасна. Тука берберниците, барем засега се оставени на мира… се’ уште има работа со и онака дисциплинираните медиуми. Она што го разликува замолчувањето на опозицијата во Османлиското царство за кое зборува Памук и замолчувањето на опозицијата во актуелното македонско царство е фактот што султанот Мехмед е прозападно ориентиран и ги угушува традиционалните јаничарски сили, додека при замолчувањето на медиумите во актуелна Македонија, единствено меѓународната заедница праќа протестни писма и ноти.
Не знам дали и каков отпор му пружија берберите на турскиот султан, нофакт е дека и берберниците и кафеаните се набргу отворени, додека за македонските весници таа иднина е сосема неизвесна. Впрочем, барем на ова поле е побиен еден од основните Њутнови закони, оној за акцијата и реакцијата. Дури и безобразното, арогантно и примитивно бркање од работа на претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници не успеа да предизвика ниту блага реакција кај новинарската фела. Забележени се само реакции од меѓународната јавност, па Меѓународната асоцијација на новинари му упати официјално писмо на премиерот Груевски. Токму поради вакумот во информирањето, писмото не стаса до пошироката јавност, па тука со надеж за мало пополнување на информативните дупки го пренесуваме во целост:
“Ви пишуваме во име на Европската федерација на новинари (EFJ), регионалната група на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) која застапува повеќе од 260.000 новинари во повеќе од 30 европски земји, за да ја изразиме нашата голема загриженост во врска со ситуацијата во македонските медиуми особено за произволните отпуштања.
Во јуни 2011 година, на годишниот состанок EFJ усвои Изјава со која се осудува ‘широко распространетото постоење на неправедни договори со кои вработените се принудени да потпишат сопствен отказ на почетокот од нивното вработување’. И покрај тоа во изминатите недели бевме известени дека во прилог на оваа неприфатлива пракса, Претседателот на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) беше и самата отпуштена од позиција во Алсат М телевизија од Скопје. Ова разрешување доаѓа откако претходно е отпуштен друг синдикален претставник.
Ние сме силно вознемирени од широката и загрижувачка практика на отпуштања на медиумските работници во Македонија, врз основа на договори потпишани под притисок или во отсуство на каква било соодветна мотивација освен наводна ‘спогодбена согласност’.
Всушност, ваквата ситуација нам ни делува како бесрамно кршење на стандардите на Европската унија и Меѓународната организација на трудот кои се однесуваат на работничките права, а згора на тоа разрешувањето на синдикални лидери заради нивните активности е јасен доказ за дискриминација и заплашување.
Со цел да се надмине оваа состојба, сметаме дека наспроти ова Република Македонија треба да развие култура на социјален дијалог, фер работни односи и соодветна синдикална застапеност.
Медиумските работодавачи како што е телевизијата Алсат-М се одговорни за прекумерен притисок, заплашување на вработените и кршење на работничките права. Со тоа, тие се обидуваат да ги замолчат новинарите и нивните синдикати, што е во директна спротивност со основните демократски принципи за новинарството како јавно добро.
EFJ ги поддржува новинарите на Македонија и нивниот синдикат во нивната борба за правда. Загрижени сме за ситуцијата на новинарите во Македонија и во Југо-источна Европа и заедно со Организацијата на медиуми од Југо-источна Европа (SEEMO) се обидуваме да ги подобриме условите во кои работат”.
Но, наместо информирање за писмото, една од овдешните телевизии објави прилог како се рекреира премиерот. Не знаеме дали премиерот го прочита писмото што му беше адресирано (во Македонија одамна постои традиција на недоразбирања во епистоларната комуникација), ама факт е дека трудовата инспекција откри дека отпуштањето на Чаусидис е – во рамките на законот.
Оваа седмица реагираше и угледната организација за права на новинарите “Репортери без граници”. Таа овој медиумски период во Македонија го нарече “катастрофално лето за медиумите во Македонија”.”Организацијата ‘Репортери без граници’ е многу загрижена за постојаното опаѓање на слободата на медиумите во Македонија од почетокот на оваа година. Затворањето на три национални весници, повлекувањето на дозволата на водечката приватна телевизија и промените во Советот за радиодифузија диригирани од владината контрола направија пресврт во медиумскиот свет кој не е добар за слободата на изразувањето”.
“Најпрво, владата рече дека истрагата нема да преставува закана за А1, но тоа всушност не беше случајот. На 8 јули, владата изјави дека ситуацијата со А1 телевизија, се објаснува со правната постапка која се води против сопственикот на телевизијата, кој е предмет на многу судски постапки. Ние сме запрепастени од ваквите пресврти во медиумите. Иако се смета за крајно легитимна активноста за борба против перење пари и неплаќање данок, ние сме вознемирени од одлуките да се стави крај на медиумската група и да се затворат три весници пред завршување на судскиот процес”, реагираат Репортери без граници.
Организацијата во својата реакција се осврнува и на промените во Советот за радиодифузија.
“‘Репортери без граници’ ја осудува реформата на Советот за радиодифузија и особено, користењето на итни процедури за да се забрза истата преку парламентот. Промените на композицијата на советот се далеку од минорни и тие требаше да бидат предмет на дебата во медиумите и организациите од граѓанското општество”, реагираат оттаму.
Светската организација го осудува и таргетирањето на новинарите кои се активни како синдикални активисти, споменувајќи ги и отказите на Тамара Чаусидис, претседателката на новинарскиот синдикат и новинарката Тамара Грнчаровска од Утрински весник.
Тивко и скромно се најавува појавата на два нови дневни весника, меѓутоа уште на ниво на румори, веќе некои дневни весници (“Дневник”) со сите средства удрија на неродените новински рожби. Ваквото сосечување на евентуално опозиционо мислење пред тоа да се појави воопшто е уште еден модус во заплаѓувањето на поинаку мислечките. Бескомпромисната борба за љубовта кон власта (која, се разбира, длабоко се наплаќа или преку платени реклами или преку прикривање на криминали) не го доведе новинарството до самораспаѓање туку го доведе целото општество до руинирање.
Во секој случај, ако наскоро не се појават медиуми кои ќе ја пополнат празнината што во моментов како црна дупка ги голта и оние малкуте демократски вредности што успеаја да ги преживеат овие две децении транзиција, тоа ќе има барем една сериозна последица: берберите ќе настрадаат. По уништувањето на глобалното опозиционо мислење, акцентот ќе биде фрлен на маалските шеги, а берберите и денес се корифеи на комшиските оговарања.