Законот за медиуми не ги адресира вистинските прашања

Датум

tamara-chausidiсДебатата за медиумските закони, што од самиот старт е изместена, често се фокусира на бесмислени и лажни тези. Мора да се каже дека кога се говори за европска директива за аудиовизуелни услуги се мисли на синхронизирање на домашното со европско законодавство. Директивата се однесува на земји кои сакаат во ЕУ и навистина е срамота новинари кои по дефиниција треба да бидат добро образувани, да не знаат дека со амбицијата да стане членка на ЕУ Владата е обврзана да ја примени таа директива, односно да го усогласи своето законодавство со она на земјите од ЕУ.

Оттаму, тезата што произлегува или од незнаење или од квази патриотска острастеност дека “не треба да се прифаќаат директиви од ЕУ” треба да се упати кон Владата, а не кон медиумските организации. За Синдикатот усогласувањето на законодавството за аудиовизуелни услуги не е спорно. Она што е спорно е начинот на кој тоа се прави и последиците од законските решенија за кои веќе многу се говореше.

Но тој аргумент, потребата од усогласување со европските закони не важи во случајот со законот за кој денеска говориме, законот за медиуми. Многу европски земји немаат посебен закон за медиуми, па никој не вели дека таму новинарите функционираат во беззаконие.

Ова е воедно и вториот квази што се провлекува во пропагандистички памфлети – дека само новинарите функционираат без закон. Тоа не е точно. И писателите немаат закон, па функционираат. Напросто функционирањето е регулирано со други закони, а кога станува збор за новинарите и нивната професионална слобода – го имаме уставот како врвен законодавен акт, а таму работите се сосема јасни – слободата на изразување, слободата на медиумите е гарантирана.

Потребата од Закон за медиуми ниту е некакво усогласување со европската регулатива, ниту е автентично барање на новинарите од проста причина што новинарите немаа можност ниту да го побараат. Во декември 2011 дојдовме на презентација на првичниот закон за медиуми, кој се подготвувал по министерствата од луѓе кои немаат ама баш никаква врска со новинарство и тогаш кажавме дека е потребна дебата во рамките на медиумската заедница дали воопшто ни треба закон. Година дена подоцна и јавно побаравме да бидеме вклучени во подготовката на законот, но тој продолжи да се изготвува зад затворени врати.

Односот кон медиумските организации беше демонстрација на недоверба и ароганција од страна на институциите.. Во атмосфера на недоверба и ароганција многу е тешко не се посомневате во добрите намери на предлагачот – кој на пример со саати дебатира со експертот на ОБСЕ за Законот како тој да ќе се применува врз вработените во ОБСЕ, а не врз нас,иако за волја на вистината оваа трета верзија на законот, со елимирањето на саморегулацијата, директната опасност од цензура е подобра од претходните и претпоставувам тоа се должи на вашите преговори со ОБСЕ .

Но загриженоста останува. Недовербата исто така.

Не е точно дека овој закон го засилува статусот на новинарите и важно е тоа колегите да го знаат. Дефиницијата на новинарот преку неговиот работно-правен статус е застарена, рестриктивна и дискриминаторска. Рестриктивното дефинирање на новинарите само на две групи “вработени” или “слободни” не можат да се најдат ниту во една стручна публикација во областа на новинарството, ниту во меѓународните документи. Таа ги исклучува сите кои се бават или ? припаѓаат на новинарската професија, а кои во моментот немаат склучен договор за ангажман во медиум, па дури и ако тие се долгогодишни новинари, членови на домашни и меѓународни новинарски асоцијации, синдикати, потоа новинари вработени во продуцентските куќи, студенти, пензионери, оние кои пишуваат и информираат без паричен надомест.

Ваквата дефиниција воедно отвора можност во иднина да се воведе селективно издавање на акредитации, по примерот на Белорусија, со што автоматски неподобните новинари на кои, под притисок на власта ќе им биде прекинат работниот статус, ќе бидат прогласувани за “поранешни” и ќе им се одземе професионалниот идентитет.

Таа воедно им ја отежнува работата на слободните новинари кои по правило своите авторски дела ги доставуваат, односно склучуваат договор за ангажман, дури откако трудот е изготвен. Со немањето акредитација, односно статус на новинар тие ќе бидат оневозможени да работат односно ќе им се даде аргумент на институциите да не ги доставуваат своите одговори. Доказ за ова е и праксата спротивна на Законот за пристап до информации од јавен карактер на новинарите кои поставуваат прашање врз основа на овој Закон да не им се одговара доколку на барањето нема печат од медиумот за кој новинарот работи

Всушност дефиницијата на новинарот преку неговиот работно-правен статус е лош и нецелосен препис на решенијата во Законот за медиуми на Хрватска и Словенија кои се предмет на критика на тамошната медиумска заедница. Токму сличната дефиниција на новинарот во хрватскиот Закон за медиуми во моментов е оспорена пред Уставниот Суд на Хрватска. Но, и таму во хрватскиот и словенечкиот закон постои посебен член кој што го дефинира статусот на слободниот новинар. Кај нас експертката што го пишувала заборавила и него да го препише.

Статусот “слободен новинар” е непознат за македонското законодавство и не е регулиран во постојниот Закон за работни односи (иако во ЗРО постојат 10 вида на работни ангажмани). Ниту во Законот за работни односи, ниту во предложениот нацрт-текст не постои член кој што го дефинира овој статус, со што практично тој нема правна основа . Тоа значи дека секој оној што работи како “слободен новинар” нема да може да ги регулира своите обврски и своите права пред надлежните институции (Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и тн.) туку и понатаму ќе биде воден како “невработен”.

Дополнително, со нецелосно и само декларативно спомнување на статусот “слободен новинар”ќе се отвори можност за манипулација со работните права на новинарите кои за работодавачот ќе бидат водени како слободни новинари, а во пракса ќе бидат ексклузивно врзани за одреден медиум, но нема да ги уживаат елементарните работни права што следуваат од ЗРО – здравствено, пензиско и социјално осигурување како и правото на еднаква професионална слобода . Ваквата пракса е веќе присутна во медиумите во Македонија, а сега со нацрт-Законот ќе добие и законска основа.

Да се сакаше навистина да се обезбеди слобода на новинарите ќе се постапеше поинаку, ќе ни се дадеше можност да учествуваме во процесот и да дадеме предлози што навистина ќе сменеа нешто, ќе овозможија новинарската професија да биде предизвик и привлечна за квалитетни млади луѓе со интегритет.

Да сакаше овој закон да обезбеди правна и социјална рамка за медиумските работници ќе се адресираше прашањето за безбедност на новинарските екипи кои при секој високо ризичен настан се мета на напади. Во законот ќе постоеше член што ќе предвидуваше посебни казни за напад врз медиумски работник при вршење на неговата должност, нешто слично како што се заштитени службените лица, па ќе се искоренеше таа култура на неказнивост која сега владее и секој хистерик може да си дозволи да се изживува врз новинарите, снимателите и фоторепортерите.

Да сакаше овој закон да обезбеди сигурност ќе предвидеше задолжително осигурување на медиумските работници од страна на работодавачите.

Со оглед на тоа што ова ќе биде lex specialis можеше да го адресира прашањето за работното време (слично како што е решено со универзитетските професори на УКИМ во чие што работно време не се смета само времето минато во просториите на работодавачот). Новинарите не се државни службеници да мораат 8 часа да седат во редакција.

Да сакаше овој закон навистина да им помогне на новинарите – ќе воведеше обврска за плаќање на здравствено и социјално осигурување и за договорите на дело. На тој начин ќе ги стимулираме работодавачите да не ги експлоатираат таканаречените хонорарци. Таков пример имаме во Франција и од неодамна во Србија.

Но овој закон не влегува во вистинските прашања. Тој и натаму дозволува вработените да бидат непријавени или да бидат држени на краток синџир со договори за вработување од месец, три или шест месеци. Каква слобода има таквиот новинар? А законот можеше рокот за вработување на определено време исто како и кај просветните работници да не биде подолг од две години, на тој начин ќе се одбегне економската зависност која продуцира автоцезура.

Имено, контролата врз новинарите во постојните медиуми се врши преку социјални притисоци и отпуштања. Јас овде немам време да ги набројувам сите случаи само ќе посочам на неколку примери: Новинари под наредба како во најцрн државен социјализам се префрлаат од еден медиум во друг, на тие што се сметаат за непослушни не им се дава да работат – па при прва чистка се отпуштаат оти не работеле. Се носат нови колеги задолжени за тнр. “специјалки”, што е кодно име за нарачани текстови. Тие ги пишуваат главните прилози, а нивната содржина се проверува со ресорните министри.

Критичкото новинарство е стигматизирано како предавничко. Критичките медиуми и новинари се портретирани како платеници на сомнителни фондови, политички партии или како криминалци и тие се предмет на прогон и дискредитација. Тие доколку бидат отпуштени немаат шанса да се вработат.

Во јавноста се конструира искривена слика за новинарството кое може само да информира и тоа да информира само тогаш и за она што му е дозволено, а не смее да критикува, открива, истражува и анализира. Новинар кој пред 5 години пишуваше за злоупотреба на институтот заштитен сведок, од страна на полицијата – денеска е во притвор и се соочува со обвинение за кое е предвидена затворска казна. Прв пат во независна Македонија новинар е уапсен и се држи веќе трет месец во притвор заради истражувачка сторија. Ефектот на апсењето на колегата Томислав Кежаровски е застрашувачки и ја обесхрабрува и самата идеја за истражувачко новинарство.

Дами и господа пратеници, во ваква ситуација секое третирање на прашањето на слободата на изразување како список на формално-административни прашања за закони, процедури и форми се доживува како хипокризија и ја јакне недовербата, како и стравувањето дека зад овој закон се крие намерата за дефинитивна пресметка со суштината на новинарската професија да биде критички набљудувач на општествените и политички процеси во интерес на јавноста.

Останати
објави

Сподели на...