Пишува: Теодора Цветковска
„Работам во радио речиси две години и најголем дел од работата ми ја одбележа ковид пандемијата, а кога вирусот зеде замав во земјава пробавме што повеќе да ги ограничиме снимањата во живо, а бидејќи радиото е медиум кој зависи од глас, повеќе се насочивме кон изјави и интервјуа направени по телефон, Скајп и Зум.Јас бев и позитивна на ковид, па речиси еден месец бев во изолација и работев од дома, на сајт“ , раскажува Теодора Новеска од Канал 77.
Ваквиот бурен почеток во новинарските води на Новеска е доказ дека во новинарството честопати не се знае што е следно и со каков предизвик ќе се соочат медиумските работници. Па така, без разлика на должината на работниот стаж, бројот на направени репортажи, извештаји или интервјуа, пандемијата на ковид-19-19 ги исправи медиумите пред една нова и тешка задача, да известуваат за светска здравствена криза, за која лани во март месец имаше оскудни информации.
И додека за многу професии короната значеше работење од дома ,новинарите и медиумските работници мораа да се во првите борбени редови против вирусот, со тоа што навремено и точно ќе ја информираат јавноста и ќе му служат на јавниот интерес.
За оние кои и претходно „канцеларија“ беше теренот , ја споредуваат работата во време на пандемија со „одење по жица“. За Крсте Шупев и покрај стравот од вирусот и напорите да се заштити и себе и блиските,работата во вакви услови уште посилно го мотивира да биде „окото“ на маргинализираните групи.
„Често влегував во домови кои немаат вода и струја по неколку месеци, каде условите за хигиена беа на лошо ниво, но едноставно приказната те влече и сакаш да го поправиш тоа, да смениш нешто во животот на тие луѓе. Сè уште е предизвик да работиш во ова време. Сè уште сме опкружени со личности кои освен ковидот се борат и со животот. Тоа ме мотивира да снимам и да се обидам да немам страв за ништо. Тоа е големината на нашата работа. Да ги снимаме случувањата и приказните на вистинските херои“ додава Шупев.
Арбнора Мемети, фоторепортерка во „Дојче Веле“, вели дека од минатата година до сега медиумските работници веќе се навикнаа да снимаат, фотографираат и известуваат , и покрај брановите и пикови на вирусот.
„На почеток бевме збунети не знаевме што точно се случува ниту што нè очекува. Сега после една година малку сме полабави, но не би кажала дека е сменето нешто многу во новинарската фела. За мене лично не е сменето ништо, ние што бевме на терен во најкритичното време сме се уште на терен, а оние што и пред една година работеа од дома, повеќето од нив и сега работат така“ вели Мемети.
А, за телевизиските куќи, во кои има околу сто, некаде и повеќе вработени, веста на 11 март дека Светската здравствена организација прогласи пандемија значеше целосна реорганизација на работата.
„Иако пандемијата згасна многу дејности и работни места, а одредени професии можеа да се префрлат и да продолжат со работа од „домашните канцеларии“, сепак во Телевизија Телма работата продолжи да се одвива непречено, бидејќи информациите мора да стасаат до народот. Заради природата на работата, се направи и реорганизација во медиумот. Беа подготвени две екипи со соодветен кадар за работните позиции, без меѓусебен контакт, кои работеа наизменично, преку еден ден, а со тоа се створија, ако може така да се каже, побезбедни услови за работа. Стресот и понатаму остана на исто ниво за ударните вести во 15.30, но во однос на фреквентност на луѓе на работното место беше порастеретено“, раскажува Снежана Младеновска Анѓелков – видео монтажер во ТВ Телма.
Според Тамара Грнчароска, новинарка во Телевизија Телма, професионалното новинарство во земјава го положи испитот на зрелост и професионалност, не дозволувајќи да заплива во водите на шпекулации и ширење паника, адаптирајќи се многу бргу на новиот начин на комуникација и работа од дистанца, користејќи ги сите расположливи алатки во такви услови за да стигне до точни и проверени информации. Сепак, минатата година , според неа била потурбулентна.
„Маски на лице, средство за дезинфекција во чантата, дистанца од соговорниците кои се поретко ги снимав лице в лице ја обележа година и половина мое работење во пандемија. Одењето на терен во првите неколку месеци од пандемијата беше таква реткост, дотолку што меѓу колегите тоа го доживуваме речиси како исклучок. Во периодите на карантин и полициски час одењето на работа секој втор ден мене ми беше единствена форма на социјализација, на што бев многу среќна, но истовремено во тој период поради работењето во групи со половина од колегите физички се немавме видено цели девет месеци“ додава Грнчароска.
Исто така, измените во начинот на работа се одрази и во комуникацијата на новинарите со институциите.
„Нашата работа генерално е на терен, а во услови на пандемија сето тоа се редуцира. Кога прес – конференциите се он – лајн, конкретно Владата не дозволува повеќе од еден новинар на иста редакција да се вклучи, а ограничен е и бројот на прашања. Во други случаи, пак, честопати сме поканети на настан, а кога ќе пристигнеме таму воопшто нема услови за дистанца, додека голем дел од говорниците не носат маска. Во овој период, многу наши колеги, за жал, се соочија и се соочуваат со заразата. Изминатата година донесе многу промени“, вели Игор Стефановски, новинар во Алсат ТВ.
Со таков проблем се соочил и фрилен новинарот Бојан Стојковски, кој најмногу соработува со странски медиуми, но најчесто првиот канал за добивање на информации му се македонските институции.
„Во некои случаи најголемиот предизвик беше поврзан со самата достапност до информации, односно некои институции на некој начин носеа некакви нови и сопствени правила околу тоа кои информации можат да ги споделат, а кои не можат, или пак не сакаат, со нас новинарите.За некои институции може да се каже дека беше дури и очигледно тоа намалување на транспарентност и достапност, користејќи најразлични изговори и на некој начин користејќи ја новонастанатата ситуација за да го ограничат пристапот до информации за кои сметаат дека можеби се чувствителни, или пак поради некои други причини“, вели Стојковски.
Но, ковид-19 не „удри“ само по дневното новинарство. Па така, редакциите кои се бават претежно со истражувачко новинарство, ги зајакнаа своите дигитални капацитети.
„Во оваа година ги откривме и предностите и мааните на функционирањето онлајн. Заради природа на работата (Призма не е дневен портал) имавме привилегија да не мораме да следиме дневни настани, но едно време работата на терен (интервјуа, брифизни, репортажно покривање) беше практично невозможна.
Како редакција која работи тимски ја сфатиме вредноста на работењето во канцеларија наспроти работењето од дома, иако и тоа има свои предности. Оваа година ни потврди дека потпирањето на отворените податоци и онлајн алатките се и ќе бидат иднината на истражувачкото новинарство“, објаснува Тамара Чаусидис, уредник на ПРИЗМА.МК
Броење заразени со, хоспитализации, починати, карантини, избори, пожари, дневни настани, повторно корона бранови, вакицини, броење заразени со корона, ова е секојдневие на новинарите и медиумски работници веќе година и пол. Во меѓувреме во трката со времето и борбата со опаката болест, неколкумина се најдоа во црните ковид статистики, десетици се заразија или останаа дома затоа што нивни колега добил позитивен тест на корона.