Зошто да се членува во ССНМ

Датум

Правење на синдикат во Македонија, е тоа ти е како да се обидеш да го исушиш Охридско езеро со фен за коса. Ова е извонредна прилика човек да се направи паметен, знаете да се врзи муабет за пет века турско, четири и пол децении комунизам кога работникот наводно беше владеачка класа и наместо со трошки, црвената буржоазија великодушно го ранеше со сомуни леб и по некој месни нарезак & Carnex паштета, и секако 20 години мрачна транзиција, која финишира со капиталистичка Македонија. 

Ова последново, ако преферирате репортерско-реалистична фраза може да се нарече и наше секојдневие или еуфемистички нашата реалност. Во неа, во ѓутуре сите ние, со исклучок на еден мал дел од населението, не се снаоѓаме баш најдобро.    Тука некаде е и нашиот проблем во однос на поставувањето на синдикатот како сериозен фактор на општествената сцена во Македонија. Прво, милион пати во гранапче, во воз и во муабет на улица имам слушнато дека работникот кај нас не е заштитен.
Ало дечки, девојки секако, РАЗБУДЕте СЕ! Мислам, еден сопственик на телевизија, пред да му го стават катанецот на неговиот медиум, лично не информира дека е капитализам и аналогно на тоа владее капиталот.
Колешки ќе ве молам, колеги се подразбира, следете малку современа филозофска мисла!
Ако работникот сам не се заштити, нема никој да го заштитити ! Да, државата може своето законодавство да го постави на основи кои што ќе му дадат вистинско вреднување на трудот на работникот, заштита на неговите права, поголема социјална сигурност – но до тоа може да дојде само по напорна и тешка борба на работниците. Често таа борба се одвива во неколку генерации. Па што мислите, како работниците, на пример во Шведска,  стигнале до тоа да бидат третирани како кафеави мечки( затворени наводници, актуелен градоначалник на општина Карпош). Па преку борба секако! Како поинаку? 
Сега,  не сакам текстот да ми заличи на Титовото напред… ама мислите ли дека 50 денари членарина за ССНМ е премногу? А што имам јас ќар од синдикатот? А зошто па да плаќам ако сум невработен / a? Ако мислите вака, можеби е најдобро воопшто да не пристапувате кон синдикатот. Ништо лично. Синдикатот не е ексклузивен клуб на повиканите, далеку од тоа, тој едноставно е нужност ако изнајмувате било каков труд. Но тој  не е ниту играорна група или рецитаторска секција. Со должен респект кон последните две мошне значајни институции на системот.
Ама, сериозно мислите ли дека животот ќе ви биде далеку подобар ако не сте член на синдикатот, дека секогаш стопаните на медиуми ќе ве гледаат со други очи и колегата синдикалец ќе си го добие она што сам си го барал? Па во право сте. Најискрено, без иронија – да.  Фактите, општо земено се на ваша страна. Само имајте во предвид дека тоа ќе не одведе во уште минумум 50 години поднослива беда. Со тој ум и понатаму ќе се прпелкаме во очајот на малите плати, неисплатените хонорари и незаконски откази. 
Изборот е ваш, текстов во секој случај нема намера никого во ништо да убедува.
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници секако не е совршен. Далеку од тоа. Но во него има сосем доволно луѓе, кои што ако не друго веруваат дека работите може да се поместат од мртвата точка на безнадежноста, апатијата и бескорисното лелекање над сопствената клета судбина.
Во старт тоа е сосем доволно за да се пополни синдикалната пристапница. 
Solidarity forever!

 

Константин Петровски

Останати
објави

Сподели на...