Текст на Криста Капралос за niemanreports.org
При мојата прва посета на Индија, во Њу Делхи слетав доцна во ноќта, па сеуште бев преморена во шест часот изутрина кога слушнав врескање кое доаѓаше однадвор и набрзина ме расони.
Загрижена дека нешто лошо се случува, скокнав од креветот и истрчав во соседната соба од куќата во која престојував. Таму, човек стоеше до шпоретот, мирно се смешкаше додека ги превртуваше јајцата во тавчето. Врескањето престана, но го замени тропање, кое полека се стишуваше и звучеше како количка на туркање која полека заминува. Неколку часа подоцна, некој ми објасни дека човекот кој силно викаше бил продавач на зеленчук, кој ја објавувал дневната листа на производи.
Дури и денеска, кога ја прераскажувам приказната, прво се фокусирам на тоа што бев сигурна дека знам оти се случува: некој силно викаше. Тоа беше точно. Но, моето разбирање на ситуацијата, дека викањето е знак дека нешто лошо се случува, не беше вистина.
Можно е дел од информација да биде точна, но не и вистината.
Можев да го пренесам моето искуство со прецизна точност, но не бев во можност да бидам кредибилен собирач на фактите затоа што не го разбирав локалниот контекст. Во мојата култура, врескање рано наутро е причина за аларм. Ја искористив таа културна норма како стандард за вистина, сврстувајќи го продавачот на зеленчук како потенцијален насилник.
Во „Глобал прес џурнал“ ова го викаме „дупка во веродостојноста“.
Кога една култура поставува стандард за вистината (и го имплементира тој стандард без оглед на локацијата), наративите кои таа култура ги избира од други места најверојатно ќе бидат искривени.
Ова е особено точно за новинарските известувања и истражувања, кои се главно водени од западните медиумски групации и големите меѓународни агенции кои собираат и анализираат податоци базирани на западни стандарди. Природно е за човек кој ги собира информациите да ги филтрира преку своите искуства. Тоа е една од причините што секој репортер во „Глобал прес Џурнал“ е од заедницата од која што известува – „кога го зборуваш локалниот јазик и ги разбираш локалните обичаи, информациите кои ги собираш се филтрираат на културно соодветен начин“.
Податоци за сиромаштијата е вообичаена сврзна точка за новинарите на „Глобал прес џурнал“. Според Светската банка 36 проценти од Кенијците живеат со помалку од 1,9 долари на ден. Но, тамошните репортери на „Глобал прес“ знаат дека во некои области, некои од фармерите поседуваат големи површини на плодна земја и чуваат големи стада на стока. Тие јадат од тоа што го произведуваат и најголем дел од деновите не трошат ни долар. Како што еден од нашите кениски репортери еднаш праша: Можеме ли и нив да ги сметаме за сиромашни? Податоците на Светската банка за сиромаштијата вметнуваат наратив кој заборава да го земе предвид достоинството на живот во општество во кое парите не се доминантни.
Во некои случаи, информациите собрани од неверодостојни истражувачи или новинари се користат за создавање многу важни меѓународни политики. На почетокот на оваа година, агенциите за бегалци пренесоа дека многу луѓе од Демократска република Конго мигрираат преку езерото во Уганда за да избегаат од политички мотивираното насилство, сценарио кое и формално им дава статус на бегалци. Овие извештаи беа повторени од повеќе големи медиуми.
Но, еден од нашите репортери од Конго, кој е стациониран недалеку од овие случувања, ни рече дека насилството нема никаква врска со политика, туку влече корени од стар конфликт за пасишта.
Наративот форсиран од официјалните агенции за бегалци, дека Конголците бегале од политичко насилство беше практичен. Се вклопуваше во сите други работи кои „западњаците“ ги претпоставуваат за Демократска Република Конго, вклучувајќи го и тоа дека земјата е опасна и дека луѓето таму се очајни да избегаат. На овие официјални лица не им текна дека Конголците кои бегаат кон Уганда живеат во изолиран дел од ДРК, далеку од урбана населба и во главно се исклучени од политичките проблеми кои понекогаш предизвикуваат насилство во други места во земјата.
Уште полошо, наративите кои произлегоа од инцидентот ќе се квалификуваат како доказ дека луѓето биле предмет на политички мотивирани напади. Тоа е едно сценарио кое некому ќе му овозможи место како бегалец во некоја друга земја.
Какво прикладно знаење се гради на логички систем кој толерира неконзистентност со цел задржување на статус кво.
За многу истражувачи и агенции, процесот на собирање податоци резултира со постојана конфронтација помеѓу западните претпоставки и незападните култури. Додека оваа реалност ја прави вистината понедостапна, постои голем потенцијал за оние кои ја бараат вистината во контекст: Суштински преговори помеѓу еднакви партнери кои почитувајќи се создаваат систем кој ќе помогне да се утврди вистината.
Ние во „Глобал прес џурнал“ веруваме дека е тешко, ако не и невозможно да се утврди вистината без да бидат ангажирани луѓе од локалната заедница. Секоја сторија вклучува извори кои се што е можно поблиску до опишаната ситуација. И репортерите се поддржани од голем уредувачки тим посветен на точноста.
Еве еден неодамнешен пример. Марвеиј Кавира Лунеге, друг репортер на „Глобал прес џурнал“ од ДРК, објави сторија за вооружена група која ја преземала контролата врз едно село и сега им наплаќа данок на житеите кои влегуваат и излегуваат од заедницата, вклучувајќи и кога одат да работат на нивните полиња. Марвеиј вклучи прецизни детали, до точната сума на данокот (1.000 конголски франци, околу 62 центи за влез во селото). Селото Мирики го нема на Гугл мапс. Како можеме да потврдиме дека воопшто постои? А вооружената група не се согласи да даде изјава за да потврди колку точно изнесува данокот.
Како нашиот тим ја потврди информацијата? Меѓународните организации за човекови права дадоа потврда за селото и неговата локација, истражувачите кои специјализирале на своите студии на тема ДРК посочија дека вооружени групи често преземаат контрола над заедниците во таа област, и Марвеиј лично ги изброја напуштените куќи за да потврди дека некои од фамилиите го напуштиле селото. А данокот? Марвеиј лично потврди дека изнесува 1.000 Конголски франци. Таа била принудена да плати.
Уредувачкиот процес за оваа сторија претставуваше значајно преговарање помеѓу членовите на тимот на „Глобал прес џурнал“ – проверувачи на факти, преведувачи, истражувачи кои работат на секоја сторија која ја објавуваме и сите тие придонесоа со своите различни перспективи. Секој од нас поставуваше различни прашања и бараше одговори на различни начини. На крајот, најсложената информација можеше да биде потврдена само од Марвеиј, личноста на терен. Резултот беше извештај кој е 100 проценти проверен.
Веруваме дека идниот успех на информативните медиуми зависи од агенциите за вести кои ќе се посветат на затворање на „дупката во веродостојноста“ и ние водиме на тој пат.
Текстот е дел од публикацијата на ССНМ која е помогната од Европската Унија, како дел од проектот „Писменост за вести и дигитална писменост: Справување со лажните вести“ имплементиран од Македонски институт за медиуми, Институт за комуникациски студии, Самостоен синдикат на новинари и медиумски работници и Медиа дајверсити институт.
“Содржината на оваа публикација е целосна одговорност на Синдикатот на новинари и медиумски работници и во никој случај не ги одразува ставовите на Европската Унија”