Во рамки на проектот „Безбедни новинари во кризни ситуации“ (Кeeping Journalists Safe in Situation of Crisis), финансиран од програмата на УНЕСКО – “Global Media Defence Fund”, а во реализација на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), отворен е конкурс за изработка на три новинарски истражувачки стории на тема „Напади врз новинари и медиумски работници – неказнивноста и влијанието врз слободата на медиумите“
Цел на конкурсот
Новинарите и медиумските работници се под постојан притисок поради извршувањето на нивната работа и постојано се соочуваат со разни напади, навреди, онлајн малтретирање, закани. Оценките на релевантни фактори во фелата се дека овие напади продолжуваат поради постоењето на неказнивост, односно речиси непостоечко казнување на напаѓачите. Сепак, ретко кога новинарите во детали известуваат или анализираат за причините за овие напади, последиците од нив или пак, за начините за справување со овие напади.
Овој конкурс е со цел да се зголеми видливоста и да се истакнат предизвиците со кои се соочуваат новинарите и медиумските работници, вклучително за посеопфатно покривање на заканите, навредите, нападите врз новинарите, (не)реакциите на соодветните институции, причините за постоечката неказнивост, судската пракса, а од посебно значење е и опфаќање на теми кои вклучуваат родова (не)еднаквост, односно нападите врз новинарките.
Кој може да аплицира на конкурсот?
На конкурсот може да аплицираат сите новинари од Северна Македонија без оглед на тоа дали во моментот имаат или не ангажман во медиум.
Услови
Сите стории треба да бидат изработени според највисоките професионални и етички стандарди и почитување на кодексот на новинарите. Финалната сторија треба да биде помеѓу 1.500 и 2.000 зборови.
Начин и рок на аплицирање
Заинтересираните новинари треба да го пополнат формуларот (симнете тука) во кој ќе ја образложат својата идеја и да го испратат на ssnm.info@gmail.com. Рокот за аплицирање е 20 јуни 2021 година, до 24 часот.
Избор
Изборот на оние новинари кои ќе бидат поддржани ќе го направи тричлена комисија составена од претставници на ССНМ и ЗНМ. Насоките на истражувањето и спецификите на темата која ќе се обработува ќе биде утврдена во координација со ССНМ и ЗНМ. Крајниот производ може да биде во сите новинарски форми: текст, видео, подкаст и друго, при што предлозите со мултимедијален пристап ќе имаат предност при изборот.
Фонд
Фондот за надомест по авторски труд изнесува 23.000 денари.