Повик за поднесување на фото-стории „сликни го твојот глас!“

Датум

Во рамките на проектот „Безбедни медиумски работници за квалитетно новинарство во Северна Македонија“ (Safer Media Workers for Quality Journalism in North Macedonia) финансиран од Балканскиот труст за демократија (Balkan Trust for Democracy) преку Програмата за слобода на медиуми, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) објавуваат повик за изработка на фото стории насловен “Сликни го твојот глас!“

Цел на повикот

Во последните неколку години, медиумските професионалци постојано се соочуваат со разни напади, закани, онлајн малтретирања, навреди, дискриминација. Оценките на релевантни фактори и организации како во земјава така и во странство се дека најголем дел од овие инциденти се насочени кон новинарките и жените медиумски работници и дека се повеќе зачестуваат. Извршувањето на секојдневните задачи и професионалното информирање на јавноста е далеку потешко кога се работи под таков вид на притисок.

Оттука, од исклучителна важност е кревање на свеста за овие прашања особено за нападите, заканите, онлајн малтретирањето базирано на родова основа.

Целта на повикот за фото-стории е преку слика и порака да се прикаже како е да се биде жена и новинарка / медиумски работник во Северна Македонија и проблемите (највпечатливите примери) поврзани со безбедноста и работничките права со кои се соочиле (или сеуште се соочуваат) новинарките, уредничките, жените главни уредници и жените сопственици на медиуми.

Кој може да аплицира на повикот?

Повикот е отворен за сите заинтересирани новинари/ки и медиумски работници кои имаат и сакаат да раскажат приказна (или сопствено искуство) за напад, закана, малтретирање, дискриминација, прекршување на работнички права или за тоа како одреден инцидент влијаел на нивната работа, низ фотографија и збор.

Фотографијата или друг вид на дигитален израз треба да испраќа одредена порака, асоцијација или да отвори поле за размислување поврзано со текстуалната порака која авторот/ката сака да ја испрати.

Потребни документи

Заинтересираните треба да испратат една авторска фотографија/монтажа проследена со краток текст од најмногу 200 карактери како појаснување на својата фото-сторија.

Апликациите треба да содржат:

– име и презиме на авторот/авторката,

– фотографија/ монтажа со висок квалитет од најмалку 4 мегабајти

– ворд документ со кратката порака.

Избор и промоција

Комисија составена од тројца искусни новинари и фоторепортери ќе ги избере петнаесетте (15) најкреативни фото-стории пристигнати на повикот, кои ќе бидат презентирани на пошироката јавност во онлајн кампања за подигање на свеста за ова прашање како и за отворање на дебата за можните механизми за заштита.

По завршувањето на онлајн кампањата, ќе биде организирана и изложба на која авторите ќе треба да ги презентираат своите дела.

Надомест

Авторите на избраните фото-стории ќе добијат бруто надомест од 12,500 денари.

Начин и рок на аплицирање

Заинтересираните кандидати своите апликации треба да ги испратат преку електронската пошта на contact@ssnm.org.mk со назнака во насловот – За повик „Сликни го твојот глас“.

Рокот за поднесување е 25 февруари 2022, до 24ч ЦЕВ.

Останати
објави

Сподели на...