Член 1
Со овој Правилник се регулира пружањето на правна помош во областа на работните спорови на членови на ССНМ која помош паѓа на товар на Синдикатот.
Член 2
Право на правна помош им припаѓа на сите членови на ССНМ кај кои повредата на правата од работен однос се случила за време додека се членови најмалку 3 месеци и кои уредно ја подмируваат својата статутарна обврска за плаќање членарина. Правната заштита и помош на товар на ССНМ ја пружа адвокат ангажиран од страна на Синдикатот.
Член 3
Правна помош во областа на работните спорови ги опфаќа следниве случаи:
– неоснован и незаконски престанок на договорот за вработување
– неисплатени плати и придонеси
– неисплатени хонорари на новинарите кои се ангажирани со договор на дело
– и други бесплатни правни совети во областа на трудовото право
Член 4
Членовите на Синдикатот на кои им е потребна бесплатна правна помош врз основа на овој Правилник, должни се да склучат спогодба со ССНМ со која подетално ќе се уредат правата и обврските во постапката на пружање на правна помош. Спогодбата ќе служи како доказ дека трошоците за конкретниот спор ќе ги сноси ССНМ.
Оваа спогодба ја потпишува од една страна членот, кој се обратил до Синдикатот за бесплатна правна помош и претседателот на ИО и истата се заверува со печат. Без вака потпишана и заверена спогодба, Синдикатот нема да ги признае трошоците за бесплатна правна помош. Оваа спогодба задолжително во еден примерок се приложува кај адвокатот.
Член 5
ССНМ обезбедува бесплатна правна помош на начин што ангажира адвокат, кој на сметка на Синдикатот врши бесплатно советување, составување писмена и застапување на членовите на ССНМ пред суд или управни органи, додека пак од друга страна членовите се должни сами да ги подмируваат судските такси за тужба и одлука и евентуално таксите за редовни и вонредни правни лекови и изведување на докази (вештачење, увид и слично).
Член 6
Членот на ССНМ е должен веднаш да го извести Извршниот одбор на Синдикатот за настанатиот спор и во најкус можен рок да ја достави сета потребна документација на ангажираниот адвокат од страна на ССНМ. Доколку членот задоцни со доставувањето на документите и го пробие законски предвидениот рок за преземање на процесното дејствие или пак документите ги достави 24 часа пред истекот на истиот, Извршниот одбор на ССНМ ќе го одбие неговото барање за бесплатна правна помош.
Членот е должен да ја достави целокупната документација со која располага и да ја прибави онаа која му е потребна на адвокатот и тоа во рок кој му е изрично кажан, во спротивно негативните последици од недоставувањето на потребните докази на време, паѓаат на негов товар и се исклучиво по негова вина. Членот е должен да постапува по совети и напатствија на адвокатот и има право на бесплатни консултации за спорот секогаш кога има потреба од тоа.
Член 7
Адвокатот треба поединечно во секое барање, конкретно да ја утврди основаноста за покренување постапка и објективно да ги процени можностите за позитивен исход и за тоа да го извести Извршниот одбор преку претседателот на ССНМ.
Член 8
ССНМ нема да ги поднесува трошоците сторени кај правно неиздржани спорови или пак кај спорови кои не произлегуваат од трудовото право.
Член 9
Членот е должен по завршување на спорот или по евентуална спогодба, кога исходот на постапката е во негова полза, да ги уплати на Синдикатот сите досудени судски трошоци (освен судските такси) во согласност со спогодбата за правна помош.
Член 10
Настанатите спорови треба претходно да се настојува да се решат на мирен начин (во разговор со работодавецот, дописи и слично), освен кога од природата на спорот произлегува потребата од итна судска заштита.
Член 11
Овој Правилник е усвоен со мнозинство гласови на членовите на Извршниот одбор на седница одржана на ден 24.12.2011 и неговите одредби стапуваат на сила веднаш.