Речиси три четвртини од новинарките и медиумските работнички во земјава се чувствуваат небезбедно – покажува анализата поткрепена од анкета во која учествуваа 54 жени ангажирани во македонските медиуми. Овој процент недвосмислено покажува дека тие се чувствуваат загрозено, но во исто време, и дека ги немаат истите права како колегите од „посилниот пол“.
Ситуацијата е сериозна и во однос притисоците што колешките ги доживуваат на самото работно место од претпоставените и од непосредните соработници, а истражувањето посочува и дека тие многу често се цел на дискриминација на родова основа.
Анкетата и анализата на истата направени од Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА во рамките на проектот „Градење моќ за демократски права, слобода на медиумите и пристојна работа“ поддржан од Union to Union и Меѓународната федерација на новинари, а имплементиран од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, освен констатација на состојбите дава и модели на подобрување на состојбите.
Главните заклучоци од анкетата покажуваат дека:
- Остварувањето на основните работнички права е различно за мажите и за жените во македонските медиуми.
- Жените се побројни меѓу новинарите, но бројот на тие што извршуваат раководни функции е несразмерно помал.
- Голем број на жени во македонските медиуми работат со нерегулиран работен статус и без социјална и здравствена заштита.
- Пристапот до информации од државните органи и воопшто комуникацијата со нив е далеку потежок за жените.
- Притисоците што ги трпат новинарките, онлајн и офлајн создаваат амбиент на самоцензурирање.
- Физичките напади не се непозната категорија во македонскиот медиумски простор.
- Нееднаквост и различен аршин во кариерното напредување.
Според анализата на ССНМ и ПИНА неопходни се неколку чекори и тоа во најскоро време:
- Едукација на новинарките и медиумските работнички за своите работнички права.
- Систем на пријавување по сите форми на закани и напади кон новинарките.
- Постојан контакт со надлежните инспекциски органи и константно потсетување на проблемите.
- Реакција на сите отстапувања од ЗРО и присуство во медиумите на проблемите на жените.
- Засилена агитација за членство и обединување во синдикална организација која ќе преземе голем дел од обврските.
Целата анализа може да ја прочитате со клик тука.