Слободата на информирање е темел на демократијата и основно човеково право, меѓутоа секогаш кога новинарството се сведува на манипулација, сензационализам, пропаганда, ширење омраза или заштита на интереси што не се во полза на општото добро, оваа слобода, која е основ на сите други слободи и темел на човечкото достоинство е сериозно ускратена или загрозена.
Слободата на информирање е темел на демократијата и јавниот интерес. Новинарите и медиумските работници, како чувари на ова право, заслужуваат професионални и работни услови што обезбедуваат независност, достоинство и заштита од политички и од економски притисоци.
Затоа ССНМ ја изработи оваа Повелба, во која се сместени сите проблематични точки на новинарската професија во државата, како водилка за понатамошни акции, здружувања и дејствувања со цел подобрување на работничките и професионалните права на новинарите и медиумските работници, а со тоа и на слободата на информирање.
Со оваа Повелба за заштита на работните и професионалните права на новинарите, ССНМ ги инкорпорира досегашните искуства на меѓународната и на домашната сцена и ги поставува основните принципи и обврски, кои треба да обезбедат:
- Заштита на новинарите од економски и од политички притисоци;
- Почитување на етичките стандарди како темел на професионалното новинарство;
- Создавање услови за достоинствена работа и фер надомест за секој новинар, независно од медиумот или формата на вработување.
Повелбата, која содржи осум основни членови ќе биде отворена за потпишување од сите чинители кои имаат каква и да е улога во медиумскиот сектор и особено во новинарството, со надеж дека оние кои имаат најголемо влијание врз создавање на соодветни услови за работа на новинарите и медиумските работници ќе ја прифатат и ќе се обидат да ги следат насоките кои таа ги претставува.
Член 1: Право на независност, слобода на изразување и приоритет на јавниот интерес
Член 2: Недискриминација при вработување
Член 3: Заштита на работните услови
Член 4: Заштита на хонорарните и договорните новинари
Член 5: Право на учество и информираност
Член 6: Право на синдикално организирање и колективно преговарање
Член 7: Прекувремена работа и работни часови
Член 8: Етички стандарди и професионална одговорност
Во продолжение целата повелба, како и образложението за донесување на овој документ.
Оваа публикација е создадена во рамките на проектот „Работнички права за независно новинарство“, кој го спроведуваат Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) во партнерство со Институтот РЕСИС, а е финансиски поддржан од Европската Унија. Ставовите и мислењата искажани во публикацијата не ги претставуваат официјалните ставови и мислења на донаторот. Одговорноста за ставовите и искажаните мислења во публикацијата е во целост на спроведувачите и на авторот.
