Работничките права и безбедноста на жените во медиумите – Анализа на Кристина Озимец

Датум

Новинарките и сите жени во медиумите се соочуваат со проблеми на структурна и системска дискриминација, како и нормализираниот сексизам и шовинизам и родово инспирираните напади. Низата состојби на несигурност во работата во медиумите додатно ја засилуваат нееднаквоста на жените во медиумите.

Новинарките и медиумските работнички во Македонија се соочуваат со низа на проблеми и предизвици во текот на нивната работа. Несоодветни прашања на интервјуто за работа, дискриминација на работното место, напади и закани при извршувањето на работните задачи, побавно напредување, дискриминацијата на родова основа, онлајн вознемирување… се само дел од пречките со кои жените во медиумите се среќаваат при секојдневното известување.

Но, тие во последните неколку години се повеќе стануваат свесни за предизвиците со кои се соочуваат, а кои се поврзани со родовите аспекти, како и за нормализацијата на проблемите кои ги таргетираат како жени во медиумската сфера. Новинарките и сите жени во медиумите не се издвоени од генералната слика и атмосфера за жените во земјата, и тие секако дека се соочуваат со слични проблеми на структурна и системска дискриминација, како и нормализираниот сексизам и шовинизам и родово инспирираните напади кои се широко распространети во нашето општество.

Низата состојби на несигурност во работата во медиумите дополнително ја засилуваат нееднаквоста со која се соочуваат жените во медиумите. Според мапирање на бројот и демографијата на новинарите и медиумските работници во Македонија кое го направи ССНМ, во вкупната бројка на вработени жените учествуваат со 44 проценти. Во новинарската популација жените се 51 процент, додека учеството во останатиот дел, односно медиумски работници 32 проценти отпаѓа на жените.

Истражувањето на ССНМ, пак, директно ја покажа и нееднаквоста на мажите и жените во медиумската индустрија во Македонија. Така на пример, 4,2 проценти од жените во медиумите наспроти само 1,7 проценти од мажите рекле дека многу често доживеале јавна дискредитација, додека 5,9 проценти од новинарките рекле дека биле демнети, наспроти 3,4 проценти од мажите.

Иако не е сериозно голема, постои разлика и во одговорите на други прашања, па така оваа анкета покажа дека 7,6 проценти од жените во медиумите доживеале мобинг на работното место, што е повеќе од три процентни поени од мажите кои доживеале малтретирање на работа (4,3%).

Од друга страна, пак, новинарките се соочуваат со огромно онлајн вознемирување поради нивната работа, што неодамна го покажа анализата на организацијата ПИНА, која дојде до фрапантни податоци дека над 81 проценти од новинарките во земјата се соочиле со некаков вид на онлајн вознемирување поради нивната работа. Нападите во дигиталниот простор преоѓаат и во закани со физичко насилство (24,1%) и закани по живот (19,5%). Загрижувачки е и податокот што дури 36 проценти од испитаничките сметаат дека се соочиле и со организирани напади.

Сите искуства и сознанија од праксата покажуваат дека состојбата со позицијата на жените во медиумите, посебно новинарките, бара сериозен и сеопфатен пристап за да се постигне подобрување на ситуацијата и напредок во нивната позиција во медиумите. За поздравување се иницијативите, програмите и формалните и неформалните вмрежувања на новинарките и тие се значаен чекор кон подобрување на солидарноста меѓу жените во медиумите и зајакнување на свеста и заедницата во медиумската сфера. Но сепак, постои потреба од поголема системска заштита и институционална реакција кога се работи за дел од проблемите со кои се соочуваат новинарките, посебно поврзани со нивната безбедност.

Токму поради овие негативни трендови во одбраната на работничките и професионалните права на новинарките и медиумските работнички ССНМ во рамките на проектот „Зајакнување на интегритетот и безбедноста на локалните новинари/ки и медиумски работници“ изработи документ за политики во кој подетално се разгледуваат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат жените во медиумите кој вклучува и заклучоци и препораки за тоа што тие самите треба да преземат за да се заштитат, а што треба да преземат новинарските организации со цел подобрување на состојбата.

Некои од препораките вклучуваат:

  • Поголема гласност и солидарност меѓу самите новинарки.
  • Континуирани кампањи за кревање на свеста како помеѓу жените во медиумите така и кај другите чинители. Во овој дел од голема важност е директната комуникација со новинарките, но и организирање на обуки за заштита (безбедност), како и обезбедување правна помош и психолошка помош
  • Вмрежувања на новинарките како значаен чекор кон подобрување на солидарноста меѓу жените во медиумите и зајакнување на свеста и заедницата во медиумската сфера
  • Будност во утврдувањето на прекршувањата на правата на жените во медиумите, откривање на разните видови на дискриминација, кршење на работничките права и на професионалните права и брза реакција за пријавување пред институциите.
  • Застапување пред институциите за подобрување на безбедноста на новинарките, како и за подобрување на работничките права, односно активно учество во подобрувањето на законската регулатива или во процесите за процесуирање на случаите на прекршување на правата на новинарките, посебно кога тоа е базирано на родова основа.
  • Сензибилизирање на раководствата на медиумите за родовите прашања и како тие влијаат врз работата и правата на новинарките, преку директни средби, дебати и укажувања.
  • Зголемување на јавната свест за проблемите и предизвиците со кои тие се соочуваат, како нападите влијаат не само врз нив, туку и врз нивната работа како чувари на јавниот интерес. Следствено, потребно е застапување и јавно реагирање при прекршување на работничките или професионалните права на новинарките со цел нивно подобро и поефикасно институционално адресирање и обезбедување на поголема системска заштита.

Целата анализа со наслов „Работничките права и безбедноста на жените во медиумите“, чија авторка е новинарката Кристина Озимец, може да се прочита со клик овде.

Овој документ за политики е изработен во рамките на под-грантот Зајакнување на интегритетот и безбедноста на локалните новинари/ки и медиумски работници“ имплементиран од ССНМ, дел од проектот „Тренинг-Академија за новинари и медиумски работници – Т-АЈМ“, финансиски поддржан од ЕУ, а во реализација на Здружението на новинари на Македонија и партнерските организации, Иницијативата за европска перспектива – ИЕП и Европската федерација на новинари – ЕФН.

Останати
објави

Сподели на...