Работничките права на новинарите и медиумските работници – домашната правна рамка

Датум

Работничките права на новинарите и медиумските работници се основа за слободно, независно и професионално новинарство. За остварување на овие права потребно е познавање на правната рамка во која новинарите и медиумските работници дејствуваат како вработени во медиумскиот сектор. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, во соработка со Институтот РЕСИС, како дел од едно сеопфатно истражување ја објавува публикацијата со наслов: „Работничките права на новинарите и медиумските работници – правна рамка на Република Северна Македонија“, чија авторка е Маја Атанасова од Македонското здружение на млади правници.

Во оваа публикација се прави сеопфатна анализа на законите и правните прописи кои се однесуваат на работничките права на новинарите и медиумските работници и се посочуваат точки на кои е потребно да се работи со цел нивно подобрување, како резултат на што би се зајакнала позицијата на медиумските професионалци и условите во кои тие работат. Публикацијата претставува прв ваков зафат што во фокусот ги става работничките права на новинарите и медиумските работници, како основна и почетна точка без која не може да се гради професионално и објективно новинарство кое го заштитува јавниот интерес и правото на информирање на граѓаните. Анализата ќе биде и основа за натамошни активности на ССНМ и РЕСИС за застапување и дејствување, но и извор на податоци за нови студии и истражувања од областа на медиумите и новинарството.

Поважни препораки и заклучоци:

За да се зајакне позицијата на новинарот, односно медиумскиот работник на пазарот на трудот, потребно е решение што ќе овозможи заштита во вршењето на неговата работа, но и по нејзиното завршување, без оглед на тоа дали тој/таа има статус на вработен во одреден медиум или не.

А. Законот за работните односи не може соодветно да одговори на специфичните потреби што произлегуваат од ангажманот на новинарите и медиумските работници.

Б. Потребно е зајакнување на одредбите на Законот за медиуми, во однос на препознавањето на специфичните потреби и заштитата на новинарите и медиумските работници, во традиционалните, но и во онлајн-медиумите.

За да ја преземете публикацијата на македонски јазик кликнете тука.

Оваа публикација е достапна на албански јазик и на англиски јазик.

Публикацијата е дел од проектот „Работнички права за независно новинарство“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници и Институтот РЕСИС.

Останати
објави

Сподели на...