Измени и дополнувања на Законот за работни односи
Бришење на дефиницијата за нето и бруто плата, договорите на определено време да бидат до шест месеци, дефинирање на штрајк и во кои услови се организира, покачување на долната граница за годишен одмор… Ова беа дел од забелешките на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) за измените и дополнувањата на Законот за работни односи (ЗРО).
„Новиот Закон за работни односи ќе содржи и нови форми на договори за вработување. Пандемијата на ковид-19, со сите негативности, нè научи на работа од дома и на работа од далечина кои се нови форми на договори со новиот закон. Ако може да се применуваат во земјите на Европската Унија, може и кај нас. Во моментот, тоа не е законски регулирано, затоа што покрај во Законот за работни односи, треба да го регулираме и во делот на Законот за безбедност и здравје при работа“, порача министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска лани во октомври.
Во нацрт-верзијата на новиот Закон за работни односи се прифатени и вметнати дел од барањата кои се однесуваат, на пример, на ограничување на периодот во кој работникот може да биде вработен на определено време, меѓутоа не докрај. Намалување на периодот до популарното „вработување за стално“ ќе има. Актуелниот закон се однесува на пет години, границата според новото законско решение треба да биде спуштена на две години пред задолжителното трансформирање на работниот однос на неопределено. Дополнителна заштита за работниците треба да обезбеди и клаузула да нема потпишување на анекси секој месец, туку најмногу до три пати за 24 месеци.
Сето ова е посочено како една од главните придобивки за работниците од министерката Тренчевска.
„Тука се најчестите злоупотреби, особено за младите жени кои што работат, со договори на еден месец и кога ќе забременат им се прекинуваат договорите за работа“, рече Тренчевска, но, дали и како ќе се спроведува во пракса, останува да видиме.
Договори на определено време до две години, ќе нема горна граница на годишен одмор
Самиот период до трансформација на работниот однос, сепак, е далеку од инсистирањата на партнерите во дијалогот за поголемо намалување на временската граница, односно истата да не биде подолга од една година. За разлика од нив, предлогот на работодавачите бил да нема промена, т.е. да остане периодот од пет години до трансформација на работниот однос или да се намали на три, па периодот од две години е избран како компромис.
Според предложеното законско решение, ќе нема горна граница на времетраењето на годишниот одмор. Тренчевска вели оти таа ќе се утврдува преку колективно договарање меѓу работодавачите и Синдикатот. Министерката нагласува дека се воведува и обврска за работодавачите да исплатат годишен одмор, во случај на прекинување на договор за работа со вработено лице.
Забелешки на ССНМ
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изнесе низа забелешки за измени и дополнувања на Законот за работни односи, почнувајќи од членот 3 во кој се дефинира работникот. Предлог на ССНМ е терминот работник да биде дефиниран согласно проширената дефиниција предложена во делот за синдикати и синдикално здружување.
„Работник е секое физичко лице кое е дел од работен однос или има договор за вработување со работодавач. Со воспоставување на работен однос, работникот се обврзува да извршува одредена работа во корист на работодавач и под надзор на работодавачот, на место и во работно време утврдено од работодавачот. Работодавачот од друга страна, како дел од работниот однос, се обврзува редовно да му плаќа на работникот надомесот за извршената работа. Во случај на отсуство на договор за вработување, се претпоставува дека постои работен однос доколку е присутен барем еден од елементите на работен однос, без разлика на видот на договорните уредувања меѓу страните“ се нотира во забелешката на ССНМ во овој дел.
Предлог на ССНМ е во точките 18 и 19 да се променат дефинициите, согласно поважните меѓународно-правни и регионални инструменти со кои се уредува прашањето на платата. Синдикатот притоа посочува на Универзалната декларација за правата на човекот од 1948 година, Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права од 1966 година, Конвенцијата на МОТ број 95 за заштита на платите од 1949 година, Конвенцијата на МОТ број 131 за најниска (минимална) плата од 1971 година, Препораката бр. 136 на МОТ за утврдување на минимална плата, Европската социјална повелба и други. Согласно тие акти, потенцираат од ССНМ, зборот заработувачка се однесува на делот од платата што работникот ја носи дома и со кој обезбедува егзистенција за себе и за своето семејство.
„Плата е вкупниот износ кој работникот го остварува сразмерно на извршената работа кај работодавачот утврдена со закон, колективен договор или договор за вработување во кој се вклучени и даноците и придонесите утврдени согласно закон (бруто плата)“, посочуваат од ССНМ кои истовремено предлагаат бришење на дефиницијата за нето плата или истата да се усогласи со термините заработувачка и најниска плата утврдени во меѓународните конвенции и акти.
Договори на определено време до најмногу шест месеци
Синдикатот на новинари и медиумски работници предлага договори за вработување на определено време да биде склучувани само по исклучок, за однапред утврдени случаи, на краток временски период, но и ограничување на бројот на работници кои ќе може да ги вработи работодавачот со овој договор за да се избегне злоупотреба во пракса. Од тука и предлог на ССНМ за дополнување на ставот три во членот 21 со зборовите „најмногу до шест месеци“ при зголемен обем на работа.
ССНМ со предлог за промени и дополнувања и на членот 72 кој се однесува на информирање и консултирање при колективни отпуштања од деловни причини. Предлог е промена на алинеите 1, 2 и 3 од став 1 со што би се обезбедила можност за вклучување на синдикатот при помал број на отпуштања.
„За колективно отпуштање од деловни причини се смета отпуштањето на поголем број на работници, во случај кога за период од 30 дена се отпуштаат – 1) најмалку пет работници кај работодавач кој вообичаено вработува повеќе од 20, а помалку од 100 работници; 2) најмалку 5% од бројот на работници кај работодавач кој вообичаено вработува повеќе од 100, а помалку од 300 работници и 3) најмалку 15 работници кај работодавач кој вообичаено вработува 300 или повеќе работници“, е забелешката на ССНМ (болдирана) за дополнување на членот 72.
Од ССНМ предлагаат измени во делот на постапка за утврдување на одговорност на работник и член 79а да гласи:
1) Во постапка за откажување на договорот за вработување поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски (причина за вина), работодавачот е должен да спроведе дисциплинска постапка во која ќе му дозволи на работникот да ги изнесе своите наводи и докази, и ќе ги преземе сите мерки за правилно утврдување на фактичката состојба.
2) Дисциплинската постапка задолжително се уредува со колективен договор или акт на работодавецот, одобрен од синдикатот или претставник на вработените и истата не може да трае повеќе до 30 дена.
Членот 80, предлага ССНМ, да гласи – Работодавачот е должен да го почитува мислењето на дисциплинската комисија, се додека не настанат нови околности кои повторно треба да бидат разгледани од дисциплинската комисија во иста процедура.
Работната недела да биде 38 часа, годишен одмор од најмалку 26 дена
Синдикатот сугерира и додавање на додатоци на плата за состојба на приправност и остварен повик од приправност во членот 102 кој се однесува на работна плата, работна успешност и додатоци. Во став 4 од членот 111, ССНМ предлага по зборовите „за вршење на одредени работи“ да се додадат и зборовите „и надомест за остварен повик“.
Во членот 112, во делот на полно работно време, ССНМ смета оти се потребни промени од 40-часовна во 38 часовна работна недела, додека во членот 133, Синдикатот смета дека работникот треба да има годишен одмор од најмалку 26 работни дена.
„Гласен текстилец“: Мајчинство или татковство да биде исплатено 100 отсто, да нема К15 по 100 денари
Од здружението „Гласен Текстилец“ неодамна доставија пет забелешки меѓу кои отсуство од работното место по однос на мајчинство или татковство мора да биде 100 посто исплатено, со цел младите да се задржат во земјава и да се мотивираат да формираат семејство, како и да се избегне можна манипулација од работодавците. Се бара и во новото законско решение да не се дозволува исплата на регрес за годишен одмор или познат како К15 и по 100 денари, бидејќи досега тоа им беше овозможено на работодавците под превезот на економски тешкотии во работењето.
Клучно во Законот за работни односи е да не се дозволуваат и застарувања на парични побарувања од работен однос пред судовите, бидејќи како што вели Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“, во тој случај губат и работниците и државата, ако не им се исплатат и платите и продонесите.
Во тек се јавни расправи за новиот Закон во кои учествуваат асоцијациите, коморите, невладините и синдикатите се дел од овие расправави, кои деновиве се одржаа во Струмица, Штип и Битола.
Сите забелешки по однос на предлог верзијата на законот, како што најавија надлежните институции, ќе се прибираат до средината на февруари оваа година, а потоа, согласно најавите, ќе организираат јавни дебати.
Законот се менуваше и во мандатот на Шахпаска – работниците ја добија недела како неработен ден
Законот за работни односи беше предмет на измени и дополнувања и во 2021 година, во мандатот на нејзината претходничка, Јагода Шахпаска. Меѓу нив, најзначајно за работниците беше правото на одмор во недела или недела како неработен ден кое, според тогашните анализи на Министерството за труд и социјална политика требаше да го ползуваат 92 отсто од вработените во Македонија.
Тоа не се однесуваше на дејностите во кои работниот процес не може да биде прекинат. Затоа беше интервенирано и во Законот за трговија кој предвидува двојна дневница и слободен ден, бидејќи не станува збор за дејност која не може да се прекине.
„Тие работници за работа во недела ќе добиваат дневница повисока за најмалку 50 отсто од редовната дневница. Дополнително, ќе добијат и слободен ден што ќе го користат во наредните седум дена“, рече министерката Шахпаска, откако законот беше усвоен во Собранието со 62 гласа „за“, а измената сташи во сила од 1 јануари во 2022 година.