Спортското новинарство е под закана од изумирање

Пишува: Сашко Димовски

Спортското новинарство се наоѓа на крстопат и пред сериозен испит. Опстанокот, насоките, формата и обемот ќе зависат од многу фактори, а, пред се, од продор на технологијата. Опасностите кои го демнат и предизвиците со кои се соочува се и глобални, но особено локални и се однесуваат на сите типови на медиуми од кои посебно на удар е спортското новинарство во печатените медиуми, иако на удар се и редакциите во ТВ куќите. Рефлексијата на недоволното присуство на спортот во програмските содржини е најдобар показател на третманот кон оваа област која некогаш беше забава за денеска да се трансформира во оддел за пари. А, токму тие го водат главниот збор во спортската индустрија додека македонските медиуми и субјекти се, финансиски, немоќна да бидат конкурентни, прво за себе за потоа да се позиционираат и како регионални играчи. Нема дебатни спортски емисии, спортските вести во информативните емисии се сведени на едвај неколку минути што, народски кажано, е колку да не е во ништо.

Искусните новинари имаат се помалку кадри за пренесување на знаење

Со мислењето дека спортското новинарство е пред опасност од изумирање се согласува искусниот и долгогодишен спортски новинар и коментатор, Перо Момировски. 

„Главниот предизвик е опстанокот, главната закана е изумирање на овој вид на новинарство или барем дел од специјалностите на спортското новинарство. Голем дел од нашите медиуми од своите екипи ги елиминираа спортските редакции или ги сведоа на човек, двајца, со образложение дека тоа можат да го работат сите и дека 1-1 или 23-22 секој малку писмен, може да соопшти. И да биде најлошо, тоа фунционира особено во време на копи пејст, на препишувачка журналистика, на непроверени и лажни вести за кои никој не одговара. Генерално, трендовите се следат. Нам Европа не нѝ е далеку по ниедна основа, но слабите и зависни медиуми, отсуставото на сигурни фондови ги принудува медиумите да создаваат непринципиелни коалиции со тие кои се предмет на разработка и сфера на интерес за информирање. Во тој сегмент, спортското новинарство овде доживува варијации во однос на светското“, вели Момировски.

Перо Момировски

Финансиската важност на спортот во медиумите стана и тоа како видлива, но онаа поважна компонента на спортското новинарство, сè уште не го добил своето место и се однесува на креирање на општествените прилики. Бројните се примерите низ историјата и поблиското минато во кои многу политички случувања се иницирани на спортските терени, бидејќи се знае какви општествени и медиумски конотации имаат таквите настани.

„Искрен да бидам малку, што одново се должи на немањето на елементарни средста за фунционирање на медиумите. Лајв и линк вклучувањата од спортски настани се раритет, а обидите за поткасти не минаа запазено, па се некако мислам дека ние се уште сме заглавени некаде во првите години од овој век“, вели Момировски.

Според него, спортското новинарство е во благ пад, иако на прва можеби делува дека е дреаматичен.

„Првата генерација „спортисти“ во нашите редакции се избори за место, го подигаше квалитетот и што е најбитно го пренесе знаењето на новата генерација која се појави брзо по формирањето и осамостојувањето на државата. Е, таа генерација што тогаш учеше и во моментов треба да подготвува нова, но нема кому да му пренесе“, нагласува Момировски.

Сето ова е причина и за пад на интересот за запишување на студенти на катедрата по новинарство.

„Колку е професијата новинар неатрактивна говори податокот за малкуте пријавени за студиите по новинарство на сите наши универзитети. И тоа години наназад. Е сега за спорт бројките се уште попоразителни. Малите плати, несигурноста, неизвесноста таму каде што би работеле, и слабиот спорт се дел од причините, секако, но од друга страна секогаш кај младите интерес има и ќе има“, вели Момировски.

Мали плати, нерегулирани работни обврски, гаснење на цели редакции

Секцијата на спортските новинари како еснафска организација која делува при Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) по тркалезната маса одржана на крајот од јуни со наслов „Спортско новинарство – опомена пред исклучување“ изготви заклучоци и во форма на барање ги достави до сите валидни институции во земјава, поточно до Комисијата за спорт при Владата, до Комисијата за спорт при Собранието, до Министерството за информатичко општество и администрација, до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со Агенцијата за млади и спорт (АМС).

Забелешките се однесуваат на примања под просечната плата во Македонија, нерегулирани работни обврски и отсуство на есенцијални права на работникот кко здравствено и пензиско осигурување, драстично редуцирање на спортските содржини низ медиуми и како резултат на тоа кратење на бројот на спорстките новинари или целосно гаснење на спортските редакции, пад на професионалноста и квалитетот на работата и фрапантно намален интерес за нови кадри во оваа професија во која просечната возраст на новинарите е меѓу 45 и 50 години.

– Оттука и упатените барања за најдиректна помош од АМС и останатите државни институции кои сметаат дека имаат надлежност преку формирање на Фонд за создавање, обука и стимулација на нови спортски новинари,  со цел спас на спортското новинарство како еден од столбовите на националните интереси.

– Потоа е наведена и обврска за сите електронски медиуми (радио и ТВ куќи) во нивните тимови да имат спортски редакции, а на програмата задолжителен појас кој би информирал за спортот.

– Обврска и за печатените медиуми и порталите да инволвираат специјализирани новинари кои работат спорт во своите редови и во импресумите.

– Обврска и за специјализираните спортски портали да се пријавт во регистарот на портли при ЗНМ и да функционираат согласно професионалните и етички принципи за кои се залага Здружението.

Телефоните станаа весници, лаптопите – телевизори

Спортското новинарство кај нас е правец на кој полека му се губат контурите и многу симптоми врескаат за состојбата на полусвест во која западна, вели искусниот спортски новинар, Владко Арсов.

„Загубен е угледот на професијата во општеството, паднат е квалитетот на производот, редуцирана е застапеноста на спортски содржини во медиумите и како резултат на тоа се кратат работни места. Да се биде хонорарец или вработен на определено станува стандард, не исклучок, да се има втор (и трет) ангажман затоа што платата од примарниот е помала од просечната во државава, прерасна во нужна адаптација. Сето тоа носи немотивиран и, за жал, неквалитетен новинар и се помалку нови, дури и такви. Фактот што просечната возраст на спортскиот новинар во Македонија е над 45 години кажува дека професијата се движи по инерција“, посочува Арсов.

Владко Арсов

Печатената форма на спортското новинарство, според него, е изумрена, радио-содржините се или вести од 60 секунди или постојат во служба на обложувалниците, а од неодамна и телевизиите ги зафати „вирусот“, па почнаа да се ситнат спортските новинари и да се гаснат цели редакции.

„За специјализирани спортски телевизии државата не е способна да истурка ниту македонска верзија на веќе постоечки регионални станици, камо ли да се создава некаква од корен. Единствениот специјализиран спортски канал, третиот на МРТ, не може да го исполни целиот свој капацитет, исто така, од финансиска причина. По обем, единствено порталите ги има во некој попристоен број, но леснотијата да постои не само спортски, туку каков било портал ги спушта квалитетот и сериозноста воопшто на онлајн-новинарството, не само на спортските портали. За жал постојат мноштво случаи кои даваат слика дека тоа што поминува за новинарство денес некогаш се викаше преведување“, коментира Арсов.

Според него, силниот продор на технологијата и тоа како има свој удел во севкупната состојба на спортското новинарство во Македонија.

„Навлегувањето на социјалните мрежи во секојдневието придонесе телефоните да се весници, а лаптопите телевизори. Конкретно за пишаните содржини, различниот начин на пристап до вестите и скратениот пат до објавување „во етер“ неминовно ја смени и формата на израз. Тука е и увидот во читаноста, јасниот „фидбек“ за што се интересираат читателите, како и колку, па поведени од економска логика уредниците и сопствениците се ориентираа кон желбата на читателот. Краток пример, фотографија со краток опис или кратко видео ќе донесе многу поголем сообраќај од квалитетна, издржана и мачно сработена тема. Ретко кој бира повеќе труд и помал одзив, пред лесна работа со поголем интерес. Кај телевизиите, пак, стана релативна потребата од информативни содржини, во фиксно одредени термини, часови откако тие вести, резултати, видео-содржини веќе го преплавиле интернет просторот“, потенцира Арсов.

Локално, спортското новинарство се соочува со бројни предизвици, истакнува Арсов за кого состојбата станува драматична.

„Тие изгледаат несовладливи од оваа точка во времето, бидејќи ем се намалува интересот за спортски содржини кај оние кои треба да им дадат простор (медиуми, сопственици, уредници), ем се намалува желбата кај нови кадри да се занимаваат со оваа професија и, на крај, сѐ поскромни се финансиите во спортското новинарство. Без пари нема ни квалитет ни квантитет. За жал во втор план паѓаат предизвиците и проблемите од професионален аспект, а меѓу нив сигурно високо котираат лажните вести. И не само во спортското и не само локално. Во хиперпродукцијата на вести не секогаш е лесно да се одвои шпекулација или клевета од чесна вест или приказна“, укажува Арсов.

Спортското новинарство во печатените медиуми, констатира Арсов,  и тоа како е најзагрозен облик од сите што се присутни на пазарот. За менување на таквата слика вели се потребни ресурси, промена во пристапот кој треба да биде подлабок, потемелен и поаналитичен пристап во бробата со онлајн информаторите. И, секако, финансии.

За атрактивноста на професијата, пак, Арсов прави паралела со посетеноста на еден спортски натпревар и од која повлекува знак на еднаквост со интересот за спортското новинарство.

„Погледнете ги трибините на еден фудбалски натпревар во македонската Прва лига и само ставете еднакво на интересот и за спортското новинарство како професија. Платите во огромен процент се под просечната во Македонија, дел се едвај на ниво на новиот минимум од 18.000. Тоа не само што не е атрактивна професија, туку е професија од која бегаат постоечки новинари. Кога тоа недостасува, многу малку остануваат да работат „од љубов“, за некоја и онака импотентна реалност на домашниот спорт“, заклучува Арсов.

Оваа сторија е дел од публикацијата „Новинарството како јавно добро“, дел од проектот „Синдикатите за фер закрепнување“ финансиран од Европската Унија, а во партнерство со Европската федерација на новинари.Ставовите и коментарите во публикацијата се одговорност на ССНМ и не ги изразуваат ставовите и мислењата на Европската Унија и на Европската федерација на новинари.

Сподели:

Share on facebook
Facebook
Share on twitter
Twitter
Share on linkedin
LinkedIn