ССНМ и ЗНМ на средба со Претседателот на Собранието, Џафери

Датум

Претставници на Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) денеска одржаа работна средба со Претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери, генералниот секретар, Цветанка Иванова и дел од стручната служба на Собранието.

Во еден час плодна дискусија беа разгледани и продискутирани барањата кои двете организации ги доставија до Собранието минатата недела, за време на протестот одржан на 17 февруари.

Од страна на ССНМ и ЗНМ беше побарано поголемо разбирање и итност при носењето на законите кои се важни за медиумските работници, како и запирање на негативниот тренд на понижувачки и агресивен говор од страна на пратеници и политичари кон новинарите кои се почесто се соочуваат со таков вокабулар во време на вршење на работата.

Новинарските здруженија изразија загриженост и во однос на примена на Кодексот за етичко однесување на пратениците, поточно непочитување на членот 6, глава 3 каде што јасно е напишано:

„Пратеникот да се воздржува од постапки и говори со кои може да предизвика омраза, нетрпеливост и насилство на лична, идеолошка, верска, национална, полова или расна основа.“

Токму затоа беше разговарано за посериозна примена на постоечкиот етичкиот кодекс, кој е во фаза на измени од страна на Комисијата, при што е договорено дека е потребно точно да се адресираат проблематичните елементи во однесување на дел од народните избраници.

Покрај Кодексот беше дискутирано и за промена на Правилникот за движење во Собранието кој последен пат бил менуван во 1992 година, каде што преку заедничка разработка и размена на искуства и препораки, учество би земале ЗНМ и ССНМ како еснафски здруженија.

На состанокот од ЗНМ присуствуваа Младен Чадиковски, Драган Секуловски и Билјана Настеска –Каланоска, а од ССНМ Павле Беловски и Тамара Грнчароска.

Останати
објави