Стапи во сила законот за поголема заштита на новинарите и медиумските работници

Датум

По подолг период на дебата во која Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници имаше активна улога со работата во работните групи, а излезе и со свои предлози денеска конечно во сила стапија измените на Кривичниот законик за поголема заштита на новинарите и медиумските работници.

ССНМ срдечно го поздравува актот изгласан во понеделникот во Собранието на РМ со 85 гласа ЗА, а со кој на вработените во медиумите и особено оние кои се, и биле најподложни на напади во минатиот период, ќе бидат позаштитени.

Со измените на законот секое лице што ќе се заканува или ќе нападне новинар, снимател, камерман во време или поради извршување на професионалните задачи во иднина ќе добие сериозно поголема казна, а некои од нив предвидуваат и затвор од шест месеци до пет години. Во исто време, Обвинителството при повреди на правата на оваа група лица ќе презема мерки по службена должност наместо праксата ваквите предмети да се решаваат со приватни тужби.

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници верува дека со овие интервенции во Кривичниот законик неговите членови и сите вработени во медиумите кои вршат задачи од јавен интерес ќе добијат поголема заштита при исполнување на своите професионални задачи, а безбедноста на луѓето што информираат е клучен фактор за дополнително подобрување на демократскиот амбиент во Македонија, и ќе даде импулс во слободата на говор во медиумите, но и во повеќе општествени сегменти.

Останати
објави

Сподели на...