Солидарност за слобода

Solidarnost za slobodaСолидарноста е една од најважните, но воедно и најпотценетите човекови особини. Солидарноста е основна состојка на секое синдикално движење. Денес, кога новинарското достинство е погазено, кога новинарите се застрашуваат, се затвораат, добиваат физички закани, се бркаат од работа, стануваат социјални случаи, кога независните медиуми се угушуваат, новинарската солидарност е понеопходна од било кога.

Знаејќи го ова, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници,новинарскиот бенд РЕПОРТЕРИ,  Здружението на новинари, со поддршка на американската амбасада ја покрена акцијата „Солидарност за слобода“. Овој проект има повеќе цели, но најважни се токму подигнувањето на солидарната свест кај новинарите, но и подобрувањето на имиџот на новинарството и новинарите во јавноста. Преку оваа акција ќе се формира Солидарен фонд за итни случаи и за финансиска помош на новинарите на кои таа им е потребна. Фондот ќе се финансира од синдикалните активности, синдикалната членарина, но и од донации на добронамерни луѓе и општествено свесни компании.

Новинарската група „Репортери“ сними CD со песни посветени на слободата. Со овој музички материјал ќе се организира турнеја низ Македонија, која ќе биде искористена и за серија дебати за слободата на говорот, состојбата на новинарството и за потребата од новинарска солидарност. Севкупниот приход од продажбата на CD-то и од продажбата на влезниците за концертите ќе оди на сметка на Солидарниот фонд.