На Денот на македонското новинарство, 17-ти февруари, во најголемата медиумска издавачка куќа Медиа принт Македонија, најголем дел од новинарите и другите медиумски работници стапија во штрајк на неопределно време.
Штрајкот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници на Македонија (ССНМ), а одлуката неодамна ја донесоа синдикалните групи во дневните весници Утрински весник, Дневник и Вест.
Ваквиот непосакуван начин на борба за своите права на новинарите и другите медиумски работници, е директна последица на негрижата на сопствениците и менаџментот на компанијата за нејзиниот развој во основната дејност – издавање печатени медиуми и печатење на други производи.
Раководството на компанијата, за кое вчера јавноста беше информирано дека делумно веќе го напуштило бродот кој тоне, наместо грижа за одржување на тиражите на весниците и други иновативни решенија, портфолиото на медиумите го стави во слугинска улога на бизнис и партиски центри на моќ. Со тоа, тиражите на весницити кои поради светските трендови и онака беа намалени, почнаа вртоглаво да тонат. Наместо да се свестат, сопствениците на комапнијата излезот го побараа во постојано бркање на успешни уреднички тимови и новинари, а носејќи колеги кои им се по волја на властите.
Повеќе од една година поради ваквата состојба платите почнаа да доцнат, и да се исплаќаат надвор од законскиот рок, со што вработените новинари и медиумски работници се скратени за плата и половина и се доведени од свој џеб да го финансираат опстојувањето на весниците. Покрај ова, сопствениците и менаџментот од почетокот на годинава ја прекинаа секоја форма на социјален дијалог и останаа глуви на барањето на новинарите за средби и за договори.
За членовите на синдикатот во вакви услови штрајкот е последниот начин на борба за остварување на правата од работниот однос. Штрајкот е неограничен, а ќе се одвива етапно и согласно законот.
Напоменуваме дека станува збор за прв организиран штрајк на новинари и медиумски работници од осамостојувањето до денес, не заборавајќи ги притоа протестите на вработените во НИП Нова Македонија пред петнаесетина години, ниту пак, одделни други форми на протести во други медиуми во земјава